Европската Унија да се вклучи во разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија и да помогне во создавањето услови за одржливо европско решение – во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите и нема да има простор за нови билатерални условувања – побара премиерот Христијан Мицкоски на денешната средба во Скопје со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
На заедничката прес-конференција во Владата, Мицкоски рече дека со Фон дер Лајен отворено разговарале и за предизвиците во односите со источниот сосед.
-Нашата желба е тие прашања да се надминуваат низ дијалог, во добра волја и со взаемно почитување. Исто така, на денешната средба зборувавме, и јас тоа го напоменав, дека очекуваме да биде вклучена и ЕУ во овој процес и не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања – рече Мицкоски.
Тој додаде дека, според него, секое решение треба да создаде сигурност дека со неговото исполнување се затвора една фаза и се отвора патот кон следната, без простор за нови толкувања или дополнителни барања.
Мицкоски посочи дека доколку од Северна Македонија се очекуваат одлуки со долгорочни последици, оправдано е да се очекува и јасна европска перспектива за понатамошниот процес.
Според него, целта не е одложување на европската интеграција, туку создавање услови процесот да продолжи на стабилна и одржлива основа.
Мицкоски: Нашата европска определба останува непроменета
Премиерот ја потврди стратешката определба на Северна Македонија за членство во Европската Унија, наведувајќи дека државата ги исполнува своите обврски и ги спроведува потребните реформи во владеењето на правото, јавната администрација, деловната клима, дигитализацијата и образованието.
Тој средбата со Фон дер Лајен ја оцени како отворена и содржајна, со фокус на прашањата што, како што рече, директно ја определуваат европската иднина на земјата.
-Присуството на претседателката во регионот и континуираната нејзина посветеност на неговата европска перспектива ги цениме високо. Денешната средба беше отворена, содржајна и насочена кон прашањата кои директно ја определуваат нашата европска иднина. Се разбира дека разговаравме за реформите, за динамиката на пристапниот процес, но и за предизвиците кои со години го оптоваруваат нашиот пат кон Европската Унија – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека определбата за членство во ЕУ останува непроменета.
-Сакаме да бидеме дел од Европската Унија и посветено работиме на таа цел – додаде премиерот.
Мицкоски оцени дека процесот треба да добие посилна политичка поддршка од европските институции.
-Нашата европска определба никогаш не била и нема да биде спорна. Она што денес го бараме е процес кој ќе биде фер и заснован на јасни правила. Ние ги завршуваме нашите обврски и спроведуваме реформи што се очекуваат од една земја, понекогаш на време, понекогаш малку и доцниме, но сепак ги завршуваме како земја којашто сака да стане членка на Европската Унија – рече тој.
Позитивна оценка за реформите во рамки на Планот за раст
На средбата, како што информираше Мицкоски, било истакнато и дека Европската комисија позитивно ги оценила спроведените реформи, што овозможува понатамошно користење на средствата од Планот за раст и забрзување на економската конвергенција со Унијата.
Премиерот нагласи дека европскиот пат на земјата не се сведува само на политичките прашања што го оптоваруваат пристапниот процес, туку дека значаен дел од работата се одвива во самата држава.
-Во институциите, во економијата и во подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните. Продолжуваме со реформите во владеењето на правото, јавната администрација, подобрување на деловната клима, дигитализацијата и реформите во образованието – рече Мицкоски.
Тој додаде дека реформската агенда во рамките на Планот за раст веќе создава, како што наведе, конкретни резултати и дека Владата сака оваа динамика да продолжи.
-Европската комисија оваа година позитивно ги оцени спроведените реформи – нагласи Мицкоски.
































