Аферата „Северен тек“: Пет години по експлозиите што го потресоа енергетскиот систем на Европа

Речиси четири години по експлозиите што ги прекинаа гасоводите „Северен тек 1“ и „Северен тек 2“ во Балтичко Море, истрагата за една од најмистериозните диверзии во поновата европска историја влегува во нова, можеби и најважна фаза. Хрватскиот суд во Пула на 18 септември донесе одлука со која се одобрува екстрадиција на украинскиот државјанин Владимир З. во Германија, каде што го бараат федералните обвинители поради сомнеж дека „учествувал во операцијата за поставување експлозиви на гасоводите“. Одлуката била писмено доставена неколку дена подоцна и станала јавна на 24 септември. Но случајот сè уште не е затворен. Адвокатите на осомничениот најавија жалба, па неговото предавање на германските власти нема да биде инстантно. Само доколку одлуката стане правосилна, хрватското Министерство за внатрешни работи би требало да им го предаде основано осомничениот сторител на диверзијата на германските власти. Токму затоа, насловите дека Хрватска „веќе го екстрадирала“ осомничениот се малку избрзани, бидејќи станува збор за одобрена, но сè уште неизвршена екстрадиција.

Од Пула до германскиот суд

Владимир З. беше уапсен на 19 август во Пула, врз основа на европски налог за апсење издаден од Германија. Германското Сојузно обвинителство го опишува како „високоспецијализиран и обучен нуркач и член на група што, според обвинителската верзија, во септември 2022 година поставила експлозиви на цевководите ’Северен тек 1‘ и ’Северен тек 2‘ во близината на данскиот остров Борнхолм“. Според германската истрага, групата користела едрилица што од градот Росток испловила кон Балтичко Море. Јахтата, според обвинителството, претходно била изнајмена преку посредници со користење фалсификувани лични документи. Лицето Владимир З. наводно учествувало во нуркањата неопходни за поставување на експлозивните направи. Германските обвинители го товарат за „соучество во предизвикување експлозија, противуставна саботажа и уништување објекти“.
Станува збор за обвинителски наводи, а не за правосилно утврдена вина. За Германија, неговото евентуално предавање е важно бидејќи би можело да го поврзе вториот осомничен директно со процесот што веќе се подготвува во Хамбург.

„Северен тек“ – три од четири цевки уништени во една ноќ

Експлозиите се случија на 26 септември 2022 година, само неколку месеци по почетокот на целосната руска инвазија врз Украина. „Северен тек 1“ беше еден од главните коридори за транспорт на руски природен гас кон Германија.
„Северен тек 2“, пак, беше изграден, но никогаш не влезе во комерцијална употреба. Експлозиите при диверзиите (саботажите) предизвикаа тешки оштетувања на три од вкупно четирите цевки на двата система, со што практично беше прекината инфраструктурната врска под Балтичко Море. Данските власти по истрагата заклучија дека станувало збор за намерно сторено дело саботажа, но оценија дека нема доволно основа за продолжување на кривичната постапка во Данска. Шведска, пак, ја затвори својата истрага во февруари 2024 година, оценувајќи дека нема шведска надлежност за понатамошно водење на случајот и дека нема индикации за вмешаност на Шведска или на шведски државјани. Дел од собраните материјали им биле предадени на германските истражители. Со тоа Германија остана главната европска држава што ја продолжи кривичната истрага.

Клучната трага беше јахтата „Андромеда“

Во германската верзија на настаните, централно место има едрилицата со име „Андромеда“. Според истражните документи, тим од осомничени лица наводно патувал со оваа јахта од германското крајбрежје кон областа околу Борнхолм. Таму, според обвинителството, нуркачите се спуштиле на длабочина од околу 70-80 метри и поставиле експлозивни направи на цевководите. Германските истражители ја поврзуваат операцијата со група Украинци, а во досегашната постапка се појавуваат неколку лица со различни улоги, и тоа од координатор на операцијата до нуркачи. Токму оваа верзија сега треба да биде тестирана пред германски суд.

Првообвинетиот веќе чека судење

Случајот не зависи само од Владимир З., германското обвинителство во јуни 2026 година поднесе обвинение против украинскиот државјанин Серии К., идентификуван во медиумите како Сергеј Кузњецов. Тој беше уапсен во Италија во август 2025 година, а во ноември истата година ѝ беше предаден на Германија. Германските обвинители го опишуваат како човек што наводно ја координирал групата. Според обвинението, тој и други лица, кои во тој период биле поврзани со украинските вооружени сили, планирале операција, чија цел, според германската верзија, била трајно прекинување на транспортот на руски гас преку „Северен ток“ и спречување на Русија да остварува приходи од тој извоз. Во обвинението се вклучени и наводи за напад врз цивилна инфраструктура, што германското обвинителство го третира како соучество во воено злосторство, покрај обвиненијата поврзани со експлозијата, уништувањето објекти и нарушувањето на јавните услуги. Вишиот покраински суд во Хамбург на 2 септември 2026 година го прифати обвинението и ја отвори главната судска постапка. Првото рочиште е закажано за 14 октомври, а засега се предвидени повеќе рочишта до декември 2026 година, со дополнителни термини планирани и за јануари и февруари 2027 година.

Суперчувствително прашање е дали зад операцијата стоела украинска државна структура?

Со поставување на ова прашање, случајот имплицира дека преминува од кривичноправна истрага во геополитички исклучително чувствителна територија. Германското обвинение против Сергеј К. содржи тврдење дека тој и други членови на групата дејствувале како припадници на украинските вооружени сили и во име на украински државни структури. Според обвинителската верзија, планот бил развиен по почетокот на руската целосна инвазија во февруари 2022 година. Тоа, сепак, не е исто што и судски утврден факт дека украинската држава или украинското политичко раководство ја наредиле саботажата. Станува збор за тврдење на германското обвинителство, кое допрва треба да биде предмет на судско докажување. Украинските власти повеќепати отфрлаа вмешаност во уништувањето на гасоводите. Претседателот Володимир Зеленски, исто така, изјави дека Украина немала сознанија за план за нивно минирање. Ова е една од причините поради кои претстојниот процес во Германија ќе има значење што го надминува самиот кривичен предмет.

Зошто случајот е важен за Европа?

„Северен тек“ не беше само енергетски проект. Гасоводите беа еден од симболите на европската енергетска соработка со Русија, а особено на долгогодишните економски врски меѓу Москва и Берлин. По почетокот на руско-украинскиот воен судир, Германија и другите европски држави забрзано започнаа да го намалуваат користењето на рускиот гас. Експлозиите дополнително ја променија енергетската слика на Европа. Од безбедносен аспект, случајот отвори уште едно прашање. Имено, колку е ранлива критичната инфраструктура под морето – гасоводи, телекомуникациски кабли и други стратешки објекти. Затоа истрагата денес има најмалку три димензии, кривичноправна, енергетска и геополитичка.

Од мистерија до разбивање на мистеријата и кон судска постапка

Во првите години по експлозиите во јавноста се појавија голем број теории за тоа кој стои зад саботажата. Русија ги отфрлаше западните наративи и бараше меѓународна истрага, додека во јавноста се појавуваа различни претпоставки за можна руска, американска, украинска или друга вмешаност. Денес, сепак, ситуацијата е поинаква. Данска и Шведска ги завршија своите национални истраги без подигнување обвинение. Германија продолжи со кривичната постапка и веќе има еден обвинет што ќе се соочи со судење, додека вториот осомничен чека конечна одлука за екстрадиција од Хрватска. Тоа не значи дека целата мистерија е решена. Напротив. Најважните прашања допрва треба да добијат судски одговор. Кој го организирал нападот? Кој го финансирал? Кој ги издал наредбите? Колку луѓе биле вклучени? И, најважно, дали станувало збор за операција на поединци или за акција со државна поддршка?

Следната фаза е пред германскиот суд

Ако жалбата на Владимир З. биде одбиена и тој ѝ биде предаден на Германија, истрагата ќе добие втор осомничен што германските власти го поврзуваат директно со нуркачкиот дел од операцијата. Во меѓувреме, на 14 октомври треба да започне судскиот процес против Сергеј К. во Хамбург. Така, по речиси четири години од експлозиите, случајот „Северен тек“ конечно се движи од фазата на политички обвинувања и затворени истраги кон фаза во која доказите ќе треба да се презентираат пред суд. Но додека судовите не донесат правосилни одлуки, клучниот збор останува – наводно. И токму тоа е најважниот објективен ракурс во случајот што може да има последици не само за Германија и Украина туку и за целата европска безбедносна архитектура.

Ангел Митревски, постојан соработник на „Нова Македонија“ од Хрватска