Два филма како предигра за „Саканиот“
Родриго Сорогојен (Мадрид, 1981) е еден од највпечатливите автори на современото шпанско кино. Неговите филмови ја откриваат заканата во секојдневните односи: љубезноста станува притисок, несогласувањето прераснува во непријателство, а разговорот се претвора во борба за надмоќ. Кај него опасноста често се чувствува пред да се случи нешто видливо. Доволни се предолго задржан поглед, навреда прикриена како шега или тишина во која никој не сака прв да проговори.
„Стокхолм“ („Stochkholm“, 2013) е неговиот прв самостојно режиран долгометражен филм и почеток на значајната сценаристичка соработка со Изабел Пења. Заедно создаваат приказни во кои ликовите постепено ги откриваат своите намери, а гледачот мора да ги преиспитува првите впечатоци. Нивната сила е во дијалогот: луѓето зборуваат за едно, додека од нивното однесување станува јасно дека се борат за нешто сосема друго.
Од интимните судири во „Стокхолм“, преку полициската истрага во „Бог да ни прости“ и политичката корупција во „Кралството“, до руралното непријателство во „Ѕверовите“, Сорогојен ги менува средините, но ја задржува заинтересираноста за човечкото однесување под притисок. Режијата му е енергична, со камера што ја следи вознемиреноста на ликовите и сцени што траат доволно долго за непријатноста да стане речиси физичка. Во неговите најдобри моменти, напнатоста произлегува од сознанието дека разговорот може да заврши лошо, а никој веќе не знае како да го запре.
Наградите „Гоја“ за режија и сценарио за „Кралството“ и „Ѕверовите“ ја потврдија неговата авторска позиција. Сепак, она што најсилно го поврзува неговиот опус е вниманието кон нееднаквоста меѓу луѓето: кој има моќ, кој може да си замине и кој мора да ги трпи последиците. Токму оттука води патот кон „Саканиот“, во кој професионалниот авторитет на еден режисер се испреплетува со неговата улога на татко.
„Стокхолм“ (Stockholm, 2013)
Студија на два различни света што ветуваат блискост
Млад маж запознава девојка на забава во Мадрид и упорно се обидува да ја освои. Таа е резервирана, но во неа се наѕира некое страшно непријатно минато. Тој е шармантен, полетен и уверен дека може да го промени нејзиното мислење. Разговорите и прошетката низ ноќниот град навестуваат позната романтична приказна: двајца непознати постепено ја намалуваат дистанцата, испитувајќи дали меѓу нив може да се случи нешто повеќе. Но „Стокхолм“ внимателно ја поткопува таа сигурност. Кога ќе осамне, истите зборови, гестови и ветувања добиваат поинакво значење.
Сорогојен и Изабел Пења го градат филмот околу разликата меѓу она што го очекуваме од една средба и она што другиот навистина го сака. Момчето ја користи својата упорност како доказ за искрен интерес, а девојката постепено му дозволува да ѝ се приближи. Утринската промена во неговото однесување ја открива кревкоста на довербата создадена за само неколку часа. Вниманието што претходно изгледало ласкаво сега станува товар, додека таа се обидува да разбере што останало од човекот со кого разговарала претходната ноќ.
Особено е успешно менувањето на атмосферата. Ноќниот Мадрид нуди движење и можности, а утринскиот стан ги затвора ликовите во непријатна непосредност. Просторот што требало да биде место на блискост станува терен за одмерување на силите. Сорогојен не брза да го прекине разговорот кога ќе стане неудобен. Ги остава репликите да одекнат, паузите да се продолжат и навидум ситните недоразбирања да откријат колку различно двајцата ја доживеале средбата.
Хавиер Переира и Аура Гаридо ја носат приказната со прецизни промени во тонот и однесувањето. Како двајца актери од чин од балетска претстава, Переира преминува од заводлива самоувереност во нервоза и нетрпение, додека Гаридо ја покажува мешавината од повреденост, недоверба и потреба за објаснување. Нивните ликови немаат имиња, што дополнително го насочува вниманието кон односот наместо кон биографиите.
Со мал број ликови и ограничен простор, „Стокхолм“ постигнува силна психолошка концентрација. Наглиот премин од романтична атмосфера во суровост понекогаш ја прави сценаристичката конструкција видлива, а завршницата може да се доживее како премногу решителен обид да се потресе гледачот. Сепак, филмот останува вознемирувачка студија на неодговорноста со која луѓето ветуваат блискост. Неговата најсилна поента е во прашањето што се случува кога едниот ја завршил средбата, а другиот допрва почнал да верува во неа.
„Ѕверовите“ (As bestas/The Beasts, 2022)
Рајот секогаш е во туѓиот двор
Француската двојка Антоан и Олга се населува во галициско село, каде што одгледува зеленчук и обновува напуштена куќа. За нив, руралниот живот е свесно избрана иднина. За дел од соседите, истото место е сиромаштија од која сакаат да заминат. Судирот се заострува кога двојката ќе се спротивстави на проект за ветерници што на мештаните би им донел пари. Особено непријателски се браќата Шан и Лоренсо, чии провокации постепено го претвораат секојдневието во постојана закана.
Сорогојен ја гради напнатоста преку разговори во селската кафеана, погледи и навреди што околината ги премолчува. Антоан се обидува да ја одбрани својата одлука со аргументи, но брзо станува јасно дека спорот одамна ја надминал темата за ветерниците. Во очите на браќата, странецот има слобода да избере живот што ним им е наметнат. Неговата желба да го зачува селото тие ја доживуваат како право на доселеник да им ја одреди иднината. Таа економска и општествена основа ја усложнува омразата, без да го оправда насилството.
Дени Меноше му дава тежина и тврдоглавост на Антоан, човек што верува дека има право да остане, но понекогаш ја потценува опасноста во сопственото инсистирање. Луис Захера, како Шан, создава противник чија закана е најсилна кога зборува речиси спокојно. Неговите зборови носат долгогодишен бес, а присуството на братот Лоренсо ја прави секоја расправија дополнително нерамноправна. Актерската игра ја одржува тензијата и кога сцената се сведува на луѓе седнати околу маса.
Фотографијата на Алекс де Пабло го претвора прекрасниот предел во простор од кој помошта изгледа далечна. Отворените пејзажи не носат сигурност: патиштата се празни, соседите се блиску, а секоја средба може да стане пресметка. Во подоцнежниот дел, Марина Фоа го презема емоционалното средиште, а филмот добива поинаков ритам. Нејзината Олга внесува истрајност и трезвеност, насочувајќи ја приказната кон животот со последиците. Таа промена е една од најголемите доблести на филмот, иако бара трпение од публика, која очекува непрекинато засилување на трилерската напнатост.
Прикажан во програмата „Канска премиера“ во 2022 година, „Ѕверовите“ подоцна освои девет награди „Гоја“, меѓу кои за најдобар филм, режија и за оригинално сценарио. Тој е зрел рурален трилер за територијата и достоинството, но и за опасноста сопствениот очај да се претвори во право да се уништи туѓиот живот. Во неговиот најстрашен момент, непријателството веќе не бара причина – доволно е другиот да биде таму.
































