Фото: Приватна архива
  • Музичките, како и животните патишта кај секој пејач се различни. Низ историјата на славните пејачи имало и такви кои кариерата ја граделе тивко и блеснале многу подоцна, но и такви кои имаат можност и среќа да бидат сензација уште со првата испеана песна. За младата македонска пејачка Тина Русева, која десетина години живее во Германија, двете музички шоу-програми беа пресвртница во нејзиниот живот и во нејзината музичка кариера која е на самиот почеток. Меѓутоа, нејзините вокални способности и начинот на интерпретација и донесоа победа на „Гласот на Европа“, но и голем интерес од европската и од македонската јавност. За наградите, доживувањата, за музичките избори и за нејзините планови, разговараме во ова интервју.

На кој начин, односно по кои лични и професионални критериуми ги избиравте композициите со кои настапивте на „Гласот на Германија“. Какво искуство стекнавте на ова шоу?
-При изборот на песните се водев од тоа тие да одговараат на мојот вокален стил и да ми овозможат да ја пренесам емоцијата до публиката со мој личен израз. Секако сето ова се случуваше во консултација со мојот ментор. Учеството на „Гласот на Германија“ (The Voice of Germany) беше големо професионално искуство од кое многу научив, а победата на „Гласот на Европа“ (The Voice of Europe) ми беше потврда дека трудот и посветеноста секогаш се препознаваат.

Кои музички жанрови го обликуваат вашиот музички вкус? Каква музика слушате?
-Слушам разновидна музика и се инспирирам од сè што ќе ме допре, било преку емоцијата, квалитетот, текстот, мелодијата или искреноста во изведбата што ги носи една песна. Верувам дека добрата музика нема жанровски граници и токму таа разновидност го обликува мојот музички вкус.

Потекнувате од музичко семејство. Дали добивате совети од вашите родители во однос на начинот на интерпретација, но и за односот кон музиката воопшто?
-Да, секогаш добивам искрени совети и поддршка од моите родители, особено кога станува збор за професионалниот пристап и односот кон музиката. Но, кога е во прашање интерпретацијата, тие ми оставаат целосна слобода, бидејќи веруваат, како и јас, дека тоа е нешто што доаѓа од внатре и не може да се наметне. Секој артист треба да ја пронајде и изрази својата емоција на свој начин.

Фото: Приватна архива

Мечтаете за европски и светски сцени, но  сакате да оставите трага и во македонската музика. Со оглед на тоа што десет години живеете во Германија, која држава ја чувствувате за свој дом?
-Германија е мојот втор дом и место каде што професионално растев изминатите десет години. Но, Македонија секогаш ќе биде мојот дом во срцето. Tаму се моите корени и музичките почетоци. Затоа сакам да ја претставувам нашата музика и дома и на светските сцени.

Каква е актуелната германска музичка сцена?
-Германската музичка сцена е многу разновидна и нуди многу можности, но потребни се време, труд и континуирана работа за навистина да станеш дел од неа. Јас се трудам што повеќе да бидам присутна, да запознавам луѓе, да учам и да стекнувам искуство. Верувам дека со упорност и квалитет, чекор по чекор се гради своето место.

Фото: Приватна архива

„Златна бубамара на популарноста“ ве награди со признание, а вие ја почестивте публиката со изведбата на „Не допирај ме“ од Маја Оџаклиевска. Дали можеби имавте можност да стапите во контакт со Оџаклиевска, или да слушнете нејзин впечаток за вашата изведба?
-За жал, сè уште не сум имала можност да стапам во контакт со Маја Оџаклиевска. Би ми било навистина драго да го слушнам нејзиниот впечаток, бидејќи станува збор за голема уметница чии песни оставиле силен белег на нашата музика. За мене беше чест што имав можност да ја изведам „Не допирај ме“.

Кои македонски, а кои светски пејачи се ваш репер?
-Како уметник немам еден конкретен „репер“, туку се инспирирам од повеќе различни изведувачи. Од македонската сцена ги почитувам артистите кои оставиле силен белег и имаат автентичен израз како на пример Калиопи, Тамара Тодевска и многу други, а од светската сцена се инспирирам од пејачи кои носат емоција, техника и сопствен препознатлив стил како на пример Арета Френклин, Јеси Ј, Кристина Агилера итн.. Секогаш се обидувам да учам од најдобрите, но да останам своја.

Каква е соработката со македонската естрада и имате ли поддршка од поискусните колеги?
-Мојето искуство со македонската естрада е навистина позитивно. Имам голема поддршка од поискусните колеги, а тоа за мене многу значи. Тие совети и охрабрувања ми даваат дополнителна сигурност и мотивација да продолжам да се развивам и да бидам уште подобра во она што го правам.

Каква песна си посакувате во вашиот репертоар? Од кој жанр, со каков текст, со каков аранжман?
-Би сакала мојот репертоар да биде разновиден и да носи различни музички бои. Не сакам да се ограничувам само на еден жанр, бидејќи секој стил носи своја емоција и приказна. Би сакала да експериментирам со различни звуци, од модерни и динамични песни до поемотивни балади. Најважно ми е песната да има силен текст, квалитетен аранжман и да овозможува преку музиката искрено да се изразам.

Фото: Приватна архива

Кои се вашите најнови музички ангажмани и што може да очекува од вас македонската но и европската публика?
-Во моментов сум фокусирана на нови музички проекти и на постојано усовршување. Работам на песни со кои сакам да се претставам пред публиката на еден искрен и автентичен начин. Од мене може да се очекуваат нови изненадувања, различни музички насоки и многу посветеност, со желба мојата музика да допре и до македонската и до европската публика.