Македонското друштво „Илинден“-Тирана, друштвото „Преспа“ и здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“ упатија честитки по повод 2 Август – Илинден, порачувајќи дека празникот претставува завет на достоинство и симбол на единството на Македонците.
– Да го почитуваме и достоинствено да го славиме овој голем ден, посветен на Илинденското востание од 1903 година, како и на славниот Илинден од 1944 година, кога беа поставени темелите на современата македонска државност. Илинден е ден кога со длабока почит се сеќаваме на бројните револуционери и борци кои со својата храброст, пожртвуваност и крв ги испишаа најславните страници од историјата на македонскиот народ – стои во честитката на МД „Илинден“, потпишана од претседателот Никола Ѓурѓај, објавувајќи фотографија од излет на Македонците во Тирана во 1937 година.
Честит и вековит Илинден од име на друштвото „Преспа“, организација за заштита на правата на Македонците во Албанија, посакува и неговиот претседател Едмонд Темелко.
– Илинден е огнот во нашите гради, нашата гордост и нашиот вечен корен! Тој е заветот што не обединува сите Македонци, и овде во татковината, и во секој агол на светот. Денес со длабока почит им се поклонуваме на сите херои кои го дадоа својот живот за нашата слобода. Нивната храброст е нашата сила, а нивниот сон е нашата обврска да продолжиме горди и исправени – се наведува меѓу другото во честитката.
Претседателката на здружението „ВМРО ДПМНЕ Албанија“ Елена Симонофски, честитајќи го Денот на двата Илиндена порачува „Каде и да си, чувај го илинденскиот пламен во срцето. Да продолжиме да го негуваме и зачувуваме она што нашите предци го извојуваа со толкава пожртвуваност и љубов кон татковината. За многу години големиот празник. Нека ни е вечна и непокорна Македонија“.
Честитка упати и Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ) во која се нагласува дека Илинден е најсветлиот ден во македонската историја и траен симбол на вековната борба за слобода, правда, достоинство и национален опстанок и порака да го чуваме македонскиот идентитет и да останеме обединети.

































