Божиќната порака од поглаварот на МПЦ-ОА е дека и оваа генерација треба ги чува верата православна и црквата Светиклиментова, нашето духовно и национално единство, како и нашата татковина Македонија – за и тие да нѐ зачуваат нас
Денес многумина зборуваат за мир, а сѐ повеќе тежнеат кон војна, зборуваат за благосостојба, а сејат кризи меѓу земјите и народите. Има ли денешнава генерација морални и мудри луѓе, кои човештвото ќе го насочат кон искрено и вистинско човекољубие? Има ли денешново човештво пастири, кои народите ќе ги упатат по патот на вистината и животот? Ова е дилемата што архиепископот г.г. Стефан, поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија ја поставува во божиќната порака до православните верници, посочувајќи дека на светот како никогаш досега му е потребна личност како Христос, која би го покажала патот на мирот.
– И оваа наша генерација треба да се угледа на доблесните наши татковци и дедовци и да покаже достојна грижа за националните вредности и посебности што како народ ни се дарувани од Бога и оставени како аманет од нашите претходници. Да си ги чуваме верата православна и црквата Светиклиментова, нашето духовно и национално единство, како и нашата татковина Македонија – за и тие да нѐ зачуваат нас – истакна архиепископот.
Според него, како чеда на Македонската православната црква, повикани се сите да учествуваат во сеопштата божиќна радост со сите благочестиви христијани низ светот.
– Без разлика каде и да живееме, во татковината или населени по светот, треба да ги примиме спасоносните пораки и да бидеме градители на мирот и добрата волја. Празникот на Христовото рождество е празник на богославењето, празник на мирот и на добрата волја. Тој е денот кога, според предвечната одлука, се родил најкроткиот и најсмирениот, денот во кој Бог му дарува мир на сиот свет – објаснува поглаварот на МПЦ-ОА.