КУГЛАЊЕ
- На СП 2026 ќе има натпревари и во дисциплините спринт, тандем и тандем микс
По големиот успех на македонските младинци, кои освоија два сребрени медала, и тоа Стефанија Алексовска и Дарко Јовановски во дисциплините тандем микс и Алексовска и Андреа Велјаноска во тандем на 23. Светско првенство (СП), во Швац (Австрија) продолжија натпреварите, но сега во сениорска поединечна конкуренција. Македонската репрезентација (мажи и жени) е најмногубројна досега во историјата на поединечните СП, поради високиот рејтинг на македонското куглање на светско ниво.
Македонските куглари, предводени од селекторот Душко Ајдин, веќе настапија, постигнувајќи солидни резултати во оваа силна конкуренција со просек од 611 соборени кегли или вкупно 3.667, и тоа Александар Блажевски (591 кегли), Коста Ристевски (609), Петар Радовиќ (603), Душко Ајдин (588), Никола Андоновски (622) и Урош Стоклас (654). Во елиминациската фаза меѓу 32 играчи продолжува само искусниот Стоклас.
Настапија и македонските кугларки под водство од селекторот Перо Гијевски, кои имаа солиден настап, но, сепак, недоволен за пласман во завршната фаза. Поединечно настапија Мирјана Младеновска (582 кегли), Драгана Гаврилова (581), Елена Аврамовска (580, личен рекорд) и Билјана Гаврилова (572). На патеките куглаа и сите македонски репрезентативци во двојки (мажи и жени), но без поголем забележителен успех. Резултатите од двојки се земаат и за вкупниот поединечен резултат. На СП 2026 ќе има натпревари и во дисциплините спринт, тандем и тандем микс.
Г.И.

































