Фото: ОФМ

ОДБОЈКА

  • Добро е што има борба, желба и игра, девојките се оптимистки и веруваат во работата и во процесот, вели селекторот Гавриловиќ пред првиот турнир во Европската лига викендов

Женската одбојкарска репрезентација на Македонија загуби (со по 3-1) на двата пријателски меча со селекцијата на Косово во подготвителниот период за настап во Европската лига, кои беа први тестови откако неодамна репрезентацијата ја презеде селекторот Милош Гавриловиќ, за кого двата дуела беа како добредојдени, а кои на стручниот штаб и на репрезентативките им дадоа слика и насоки за текот на темпирањето на формата.
– Добро ни послужија овие два натпревара со Косово за да видиме до каде сме во процесот на работа. Нецел месец е екипата заедно со мене како нов селектор и јасно е дека уште не ни е усовршен системот, а за тоа е потребно време. Имавме и позитивни и негативни работи. Добро е што има борба, желба и игра, девојките се оптимистки и веруваат во работата и во процесот. Од друга страна, се виде и дека не се почитува договореното, а тоа е нешто на што ќе мора да работиме, потребно е повеќе внимание да посветиме на блокот, на одбраната, на сервисот… Има напредок од првиот ден, но нѐ чека уште многу работа. Сепак, најважно е дека имаме визија и желба и она на што ќе се посветиме овие неколку дена до првиот натпревар во Европската лига, со корекција на овие елементи, како и подобро уигрување и подготовка за првиот противник – вели Гавриловиќ, пренесе Одбојкарската федерација на Македонија.
Репрезентацијата в сабота и недела во Порто ќе ги игра првите два меча во годинашната Европска лига, со Унгарија односно со Португалија.

Г.И.