Фото: МИА

Против поранешен градоначалник на Општина Свети Николе е поднесена кривична пријава поради сомнение за злоупотреба на службената положба и овластување, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Од МВР информираат дека Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднела кривична пријава против С.В. (55) од Свети Николе, кој во периодот на извршување на функцијата градоначалник, во текот на 2021 година, наводно ги пречекорил своите службени овластувања.

Според пријавата, тој постапил спротивно на одредбите од Законот за градење и Правилникот за начинот на издавање одобренија за градење, при што лично изготвил, потпишал и издал одобрение за градење кое не било евидентирано во електронскиот систем на Секторот за урбанизам, заштита на животната средина, комунални работи и оттуѓување на градежно земјиште при Општина Свети Николе.

Од МВР посочуваат дека ваквото одобрение било правно неважечко, но било искористено од изведувач од Скопје за изградба на објект во вредност од 15.488.118 денари. Со тоа, според полицијата, била предизвикана штета на нарачателот во висина на вложените средства.

Дополнително, објектот не е впишан во евиденцијата на Агенцијата за катастар на недвижности во Свети Николе, бидејќи се води како бесправно изграден објект.

Случајот е доставен до надлежното обвинителство за понатамошно постапување.