ФУДБАЛ
- Официјалната топка за Светското првенство годинава се одликува со неколку клучни иновации во перформансите
Името на официјалната топка за Светското првенство (СП) годинава, „Трионда“, може да се преведе од шпански како „три брана“ и, заедно со други уникатни и иновативни дизајнерски карактеристики, го истакнува фактот дека првпат три земји се домаќини, Канада, Мексико и САД, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА). Живописниот дизајн на топката има црвена, зелена и сина шема на бои што им оддава почит на трите земји домаќини, а сосема нова конструкција од четири панели со флуидна геометрија ги реплицира брановите наведени во името на топката.
Овие панели се поврзуваат за да формираат триаголник во центарот на топката во знак на историското обединување на трите земји домаќини. Иконографијата што ја претставува секоја земја домаќин ја краси топката, со јаворов лист за Канада, орел за Мексико и ѕвезда за САД, а златните украси му оддаваат почит на трофејот за светски првак во фудбал, нагласувајќи го значењето на сцената што ја обезбедува водечкиот турнир на ФИФА.
„Трионда“ се одликува со неколку клучни иновации во перформансите. Конструкцијата од четири панели вклучува намерно длабоки рабови, создавајќи површина што произведува оптимална стабилност во лет со обезбедување доволен и рамномерно распределен отпор додека топката патува низ воздухот. Дополнително, релјефните икони што се видливи само одблизу го зголемуваат зафатот при удирање или дриблање на топката во влажни услови.
Технологијата за поврзана топка повторно е присутна во официјалната топка за СП, со најсовремен чип со сензор за движење од 500 херци што дава увид во секој елемент од движењето на топката. Оваа технологија испраќа прецизни податоци до системот видеопомошник-судија (ВАР) во реално време, подобрувајќи го донесувањето одлуки на судиите на мечевите, вклучително и во врска со офсајд-ситуациите, пишува ФИФА.
Н.М.
































