Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, која престојува во официјална посета на Словачка, денеска во Братислава беше пречекана со највисоки државни и воени почести од словачкиот претседател Петер Пелегрини, пренесе МИА.
Во рамки на посетата, предвидена е тет-а-тет средба меѓу двајцата претседатели, по што ќе следува пленарен состанок на македонската и словачката делегација.
Силјановска-Давкова ќе оствари средби и со претседателот на Националниот совет на Словачка, Рихард Раши, како и со потпретседателот на словачката Влада и министер за одбрана, Роберт Калињак.
Во агендата на претседателката е предвидено и положување венец пред Споменикот на слободата во меморијалниот комплекс Девин.
Утре, Силјановска-Давкова ќе го посети Националниот центар за култура и образование во Братислава, каде е поставена изложбата „Од глаголица до светлина: Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“.
На изложбата се претставени дела од македонските уметници Ана Митевска, Ангел Коруновски, Лазе Трипков и Александра Костадиновска, а куратор на поставката е Кирил Пенушлиски.



































