Времето кога пред Нова година поштарите со полни торби честитки крстосуваа по градските улици, а децата со нетрпение низ замаглените прозорци ѕиркаа кога ќе дојде нивниот поштар за да им ги врачи честитките што им ги испратиле нивните најблиски соученици и пријатели неповратно заврши, а новогодишната честитка се претвори во заборавена новогодишна навика.
– Голем број тезги секоја година во декември се поставуваа во центарот на Кичево, каде што бевме лоцирани ние продавачите на честитки, а децата со големо внимание се задржуваа покрај секоја од нив за да направат најдобар избор на честитки по свој вкус, па, така, речиси цел декември ни поминуваше во постојана интеракција меѓу нашата понуда на честитки и децата што сакаа да си ги исполнат своите желби. Дури ни студот, кој во тоа време често беше присутен, не го чувствувавме, затоа што имавме многу работа и цело време бевме преокупирани со нашите муштерии – евоцираа спомени од времето пред две-три децении поранешни продавачи на честитки од градот.
И постарите поштари сѐ уште не го забораваат периодот од пред 20-30 години, кога и по цел ден имаа полни раце работа, бидејќи мораа голем број честитки да достават до соодветните адреси, а поради нивната бројност, не била доволна една туку носеле по две поштенски торби.
– Тој период никогаш не може да се заборави, бидејќи како може да се заборави времето кога имавме работа прекуглава и секојдневно мораше да доставиме повеќе стотици и илјадници новогодишни честитки. Патем нѐ застануваа децата да прашаат дали има некоја честитка за нив, и така повеќе од месец и половина. Наместо со една, со излегувавме две торби од поштата и кога ќе ги распределевме честитките, преморени од тешкиот товар и читањето на многуте пратки, често и без глас се враќавме дома – вели Миле Србакоски, најстариот кичевски поштар, кој потсетува дека повеќе ја нема оваа традиција и се добиваат честитки единствено од пријатели и роднини од странство или компаниите меѓу себе или на свои партнери им ја честитаат Нова година.
И неговиот колега Тане исто така го памети времето на многу работа на поштарите низ земјава.
– Често се присетувам на декември од пред неколку децении, кога имавме премногу работа, а главно беше достава на новогодишните честитки. Замислете да се искачувате секојдневно во станбени згради до петти кат без лифт, со преполни торби честитки, и така секој ден од почетокот на декември до средината на јануари – се потсети Тане.