Фото: Пиксабеј

Планетата Земја влегува во состојба на опасен енергетски дисбаланс што брзо ги затоплува океаните, ги интензивира екстремните временски настани и ги загрозува здравјето на луѓето и снабдувањето со храна, предупредува Светската метеоролошка организација (СМО) во најновиот извештај за состојбата на глобалната клима. Во исто време се потврдува дека најтоплите единаесет години откако се достапни мерењата биле во периодот од 2015 до 2025 година. Но фактот дека зголемувањето на температурата што го чувствуваме на површината сочинува само околу еден процент од вкупната топлина што се акумулира во Земјиниот систем е уште позагрижувачки. Повеќе од 90 проценти од вишокот топлина завршува во океаните, а тие достигнаа рекордни нивоа на затоплување минатата година. Темпото на нивното затоплување е зголемено повеќе од двојно во последните две децении во споредба со просекот од претходните 45 години. Авторите на извештајот истакнуваат дека ова ја разоткрива ранливоста на планетата, која сè повеќе се оддалечува од рамнотежата поради човековите активности. Согорувањето фосилни горива и уништувањето на шумите ги зголемуваат концентрациите на стакленички гасови – јаглерод диоксид, метан и азотен оксид – и сега се на највисоко ниво во последните најмалку 800.000 години.
Тоа го нарушува фундаменталниот енергетски баланс на Земјата. Во стабилен систем, количеството на енергија што влегува во планетата и онаа што излегува од неа е приближно еднакво, но вишокот топлина се акумулира од 1960-тите, а во последниве години овој процес видливо се забрза. Новиот извештај за првпат ја квантифицира таа нерамнотежа: помеѓу 2005 и 2025 година, таа се зголемила за околу 11 зетаџули годишно, што е приближно 18 пати повеќе од вкупната годишна потрошувачка на енергија на човештвото. Минатата година тој раст беше повеќе од двојно поголем од просекот. Засега, поголемиот дел од оваа вишок енергија не чувствуваме директно, бидејќи океаните ја „апсорбираат“: околу 91 процент оди во морињата, пет проценти го загреваат копното, еден процент атмосферата, додека три проценти предизвикуваат топење на мразот на половите и планините.