Фото: Министерство за економија

Мерките што Владата ги презеде за стабилизирање на цените и заштита на стандардот на граѓаните даваат резултати, изјави денеска министерот за економија, Бесар Дурмиши, одговарајќи на пратеничкото прашање на Оливер Спасовски за поскапувањата на основните производи, пренесе МИА.

Министерот посочи дека глобалните пазарни потреси неминовно влијаат врз домашниот пазар, но државата реагирала навреме со намалување на данокот на додадена вредност за нафтата од 18 на 10 проценти, како и со континуирано следење на цените на прехранбените производи.

-Државава и понатаму има едни од најниските цени на нафтените деривати во регионот и како земја со голема увозна зависност е чувствителна на надворешните ценовни шокови – нагласи Дурмиши.

За спречување на евентуални злоупотреби од страна на трговците, Државниот пазарен инспекторат распоредил 30 мобилни тимови кои вршат засилен надзор врз целиот синџир – од производителите до трговците. До овој момент, како што рече министерот, не се утврдени енормни зголемувања на цените.

-Испраќаме јасна порака дека нема да има толерирање на неосновано покачување на цените или маржите на добивка. Доколку пристигнат индикации за необјасниви поскапувања, подготвени сме веднаш да реагираме – истакна Дурмиши.

Тој додаде дека инфлацијата во последните два месеци е во опаѓање, што според него е показател за стабилизирање на економските текови.

-Не тврдам дека ситуацијата е идеална, но факт е дека во краток период успеавме да создадеме стабилност и предуслови за понатамошен раст. Нема да дозволиме кризата да се злоупотреби на штета на граѓаните – рече министерот.

Пратеникот Оливер Спасовски, кој го постави прашањето, реагираше дека министерот нуди „генерални флоскули“ и дека состојбата на терен не кореспондира со она што го презентира Министерството.

-Мислам дека освен генерални флоскули кои ги соопштувате во јавноста и дека немате информации што се случило, односно не сте земале информација дека се поскапуваат цените, еве, јавно објавено е колку поскапеа зејтинот, кафето, меленото месо, пилешкото, млекото и јајцата во само една недела – истакна Спасовски.

Тој додаде дека секој граѓанин го чувствува растот на цените и дека министерот лесно може да се увери. Во однос на изјавата на министерот дека Македонија има најниски цени на горива во регионот, Спасовски посочи дека тоа не е точно, наведувајќи дека дизелот во Словенија чини 1,52 евра, додека во Македонија е 1,55 евра.