Фото: Маја Јаневска-Илиева

Долга шаховска партија во Латинска Америка

  • На дводневната конференција во Сан Хозе централен настан не беше шаховски турнир, туку потпишувањето меморандум за разбирање, каде што беа поставени темелите за формално вклучување на шахот во образовниот систем

Латинска Америка се обидува да направи нешто поинакво во шахот. Наместо да троши пари на нови големи турнири и спектакли за елитата, таа инвестира во шахот како образовна алатка, потпирајќи се на пошироко општествено влијание, кое досега многу подалеку од шаховската табла, пишува Светската шаховска федерација (ФИДЕ).
– Секако, натпреварувачкиот шах е важен за нас. Но со инвестирање во шахот како алатка за јакнење на општеството, можеме да го направиме дел од нашата култура и иднина. Како што шахот подлабоко ќе се вкоренува во општеството така повеќе луѓе ќе играат, па затоа ќе донесе поголема конкуренција и повеќе латиноамерикански играчи во шаховскиот свет – вели Хозе Антонио Кариљо Пујол, претседател на Конфедерацијата на шах за Америка.
На дводневната конференција во Сан Хозе централен настан не беше шаховски турнир, туку потпишувањето меморандум за разбирање, каде што беа поставени темелите за формално вклучување на шахот во образовниот систем. Меморандумот ги здружува Министерството за образование на Костарика, Министерството за спорт, ФИДЕ, Конфедерацијата на шах за Америка и Шаховската федерација на Костарика околу пилот-проект од 2026 година во одбрани училишта. Во документот, сите потписници ја изразуваат својата намера „да соработуваат во промовирањето и спроведувањето на иницијативите за шах во образованието во Костарика, а наедно да придонесуваат кон пошироки меѓународни и континентални стратегии“. Фактот што Костарика беше првата што потпиша таков документ не е изненадувачки. Во 2022 година земјата го усвои Законот со кој промоцијата на наставата по шах во образовниот систем се прогласи за јавен интерес и одобри договори за соработка со националната федерација. Во практична смисла, ФИДЕ ќе ѝ обезбеди на владата на Костарика менторство, техничко водство, педагошки методологии и поддршка за обука на наставници за интегрирање на шахот во наставните или воннаставните училишни програми, пишува ФИДЕ. Г.И.


ТЕНИС – МАСТЕРС-ТУРНИР ВО МАЈАМИ

Синер постави рекорд во добиени сетови во низа

Јаник Синер го надмина 10-годишниот рекорд на Новак Ѓоковиќ за најмногу последователни освоени сетови на тениските мастерс-турнири од серијата 1.000, откако го победи Французинот Корентен Муте на Мајами опен (САД) со 6-1, 6-4. Синер, моментално второрангиран тенисер во светот, ги забележа во низа својот 25-ти и 26-ти освоен сет. Претходниот рекорд беше на 24-кратниот гранслем-шампион Ѓоковиќ, со 24 освоени сета во низа, пишува „Би-би-си“.
Синер, четирикратен освојувач на гранслем-турнири, триумфира на претходните два мастерс-турнира, во Индијан Велс (САД), неодамна, и во Париз (Франција), во ноември лани, без да загуби сет. Тој во осминафиналето ќе се сретне со Американецот Алекс Мишелсен, додека се обидува да стане првиот тенисер што го комплетирал т.н. Саншајн дабл (триумфи на турнирите Индијан Велс и Мајами опен во низа), по Роже Федерер, кој го постигна тој подвиг во 2017 година, пишува „Би-би-си“. Г.И.


НОРДИСКО СКИЈАЊЕ

Неверојатна едногодишна жетва трофеи на доминантниот Клаебо

  • За една година, тој освои по шест злата на СП и на ЗОИ, стана првиот со 100 индивидуални победи во кариерата, а сезонава ги освои сите три титули во СК, во генерален пласман, спринт и во трки на дистанца, пишува ФИС

Јоханес Клаебо од Норвешка ја заокружи извонредната година со победа во трката со масовен старт на 20 километри во слободен стил, во Лејк Плесид (САД), на последниот натпреварувачки ден сезонава во Светскиот куп (СК) во нордиско скијање.
Почнувајќи од 27 февруари лани, Норвежанецот освои шест златни медали од шест трки на Светското првенство (СП) во нордиско скијање во својот роден град Трондхајм. Потоа, покрај тоа што повторно шест пати се искачи на врвот на подиумот на Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Милано и во Кортина д`Ампецо годинава, станувајќи најтрофеен зимски олимпиец во историјата, тој ги победи сите пред себе во СК, станувајќи првиот човек што забележал 100 индивидуални победи во кариерата, на патот до доминантен триумф со сите три титули, кристалните глобуси во генерален пласман, спринт и во трки на дистанца, пишува Интернационалната скијачка федерација (ФИС).
Ова е осма круна во спринт и шеста титула во генерален пласман за Клаебо, со што го изедначи рекордот, но титулата на дистанца досега ја немаше освоено, пишува ФИС. Н.М.