Постојат настани во историјата на една држава кои не се мерат со време, туку со болката што ја оставаат зад себе. Трагедијата во Кочани е еден од тие настани. Таа беше трагедија на еден град, но и трагедија која ја потресе целата наша држава и која засекогаш ќе остане врежана во колективното сеќавање на нашето општество, рече премиерот Христијан Мицкоски во воведното обраќање на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува денеска во Скопје.
– Денес сме собрани овде со чувство на длабока почит, но и со силно чувство на емпатија. Почит кон оние кои ги изгубија своите животи. Почит кон семејствата кои ја носат болката на загубата. Почит кон повредените кои веќе една година водат тивка и храбра борба за закрепнување. Но, истовремено, денес сме собрани и со чувство на одговорност. Одговорност да се сеќаваме. Одговорност да учиме. И одговорност да создадеме системи кои ќе бидат посилни од пропустите што доведуваат до трагедии. Оваа конференција е обид трагедијата да се претвори во знаење, искуството да се претвори во лекција, а лекцијата во конкретни решенија- истакна Мицкоски.
Премиерот нагласи дека една година по трагедијата во Кочани, нашата обврска е да се сеќаваме и да покажеме дека општеството и институциите се способни да учат од трагедиите и да изградат посилен, побезбеден и похуман систем.
– Трагедијата во Кочани остави длабока рана во нашето општество. Во една ноќ се прекинаа животи, се променија судбини и се отвори болка која ќе остане долго во сеќавањето на нашата држава. Во тие часови, цела Македонија застана. Веста се прошири со брзина која носеше неверување, страв и тага. Секој граѓанин ја почувствува тежината на настанот. Во тие моменти не постоеше ниту политика, ниту поделби. Постоеше само тишина и чувство на длабока загриженост за луѓето кои се бореа за живот. Трагедијата ги погоди најсилно семејствата кои ги изгубија своите најблиски. За нив времето се мери со спомените, со празнината која останува и со секојдневната борба да се продолжи понатаму- рече Мицкоски.
Тој посочи дека денот на несреќата бил не само негов најтежок ден како премиер, туку и најтежок ден во неговиот живот.
– Оваа голема несреќа се случи само 8 месеци откако јас станав премиер. Само 8 месеци од моето управување со државата се случи да се плати сметката за еден девастиран систем кој беше уништуват со децении. Денот на несреќата не беше само најтешкиот мој ден како премиер, туку тоа беше најтешкиот ден во мојот живот како човек. Кој е виновен за сето ова? И јас го поставувам ова прашање и на ова мора да даде одговор не некаков преки суд, не јавноста туку обвинителството и судовите- рече премиерот.
Мицкоски посочи дека мора да говориме и за вината во креирањето на тој систем кој потфрли, каде со децении и години, како што кажа, се креира тоа диво месо кое стигна до нашите најмили.
– Луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку судбини, личности, рече премиерот. Алексова Стефанија, Џамов Јорданчо, Трајчев Иван, Ѓоргиев Џоко, Коларов Александар, Величков Иван, Стојанов Андреј, Антова Ивона, Христовски Павел, Димитријев Диме, Насевски Никола, Богданов Тоше, Тодоровски Тоше, Коцева Ана, Живков Адријан, Петрушов Гордан, Горгиев Игорче, Стевановски Филип, Стојанов Томче, Стоименова Моника, Стојанов Стојанчо, Пројковска Николовска Capa, Шопова Марија, Ивановски Петар, Ѓорѓиев Александар, Марковски Матеј, Закова Бојана, Василков Ѓорѓи, Петров Александар, Минова Драгана, Алексова Capa, Ѓорѓиески Андреја, Ивановски Филип, Јорданова Capa, Стрезоска Марија, Ефремов Александар, Велков Игор, Тасева Стојковска Лепа, Атанасовски Мартин, Алексов Александар , Минов Божидар, Милковска Кети, Златков Томас, Соколова Стефанија, Велков Леонид, Наунова Надица, Јорданов Виктор, Панов Андреј, Иванов Димитар, Стоименов Спиро, Владимиров Јове, Андонов Ице, Тасевски Стефан , Величков Ѓорѓи, Стојанов Александар, Христова Сања, Танески Дамјан, Спасова Моника, Лазаров Андреј, Карадакоски Александар, Гавриловски Александар , Стефанов Стојанче, Блажев Владимир Панчо. Слава им- рече премиерот, додавајќи дека нашата мисла е денес со нив и со родителите кои ги загубија своите деца и со сите оние чии животи засекогаш се променија.
Мицкоски истакна дека во исто време трагедијата остави и друга трага – трага на солидарност и оти хероите никогаш нема да бидат заборавени.
– Херојството денес не е само во пушка и кама, не е во мускулите и силата, туку во активизмот и подадената рака. Кочани покажа дека има луѓе кои се тивките херои на нашата земја. Тоа се болничарите и докторите кои работеа, брзата помош, техничкиот персонал. Вo најтешките моменти, граѓаните покажаа дека општеството има сила да се обедини. Крводарителските центри беа исполнети со луѓе кои дојдоа да помогнат. Волонтери се јавуваа за поддршка на семејствата. Хуманитарните организации се мобилизираа. Лекарите и медицинските тимови работеа без прекин, со огромна посветеност и професионалност. Сакам од срце да ви честитам. Вам и на секој кој беше вклучен во оваа операција. Дома и во странство. Никогаш нема да бидете заборавени- рече Мицкоски.
Премиерот рече дека трагедијата ја отвори и страната на човечноста, солидарноста и чувството дека никој не смее да остане сам во најтешките моменти.
– Добивме и силна меѓународна поддршка. Партнерските држави и нивните здравствени системи веднаш ја понудија својата помош. Болници, лекари и медицински тимови од повеќе европски земји ги отворија своите врати за нашите пациенти. Тоа беше силен потсетник дека во најтешките моменти, човечката солидарност ги надминува границите. Една година подоцна, ова сеќавање останува жива обврска. Обврска да се почитува споменот на жртвите. Обврска да се поддржат семејствата. Обврска да се продолжи борбата за закрепнување на повредените. И обврска трагедијата да се претвори во поука од која ќе произлезат посилни институции и побезбедно општество-рече премиерот во обраќањето на конференцијата.
Премиерот кажа дека во часовите по трагедијата, државата се соочи со ситуација во која секоја минута беше драгоцена и оти во такви моменти нема простор за импровизација и секој систем, секоја институција и секој човек кој има јавна одговорност мора да реагира брзо, координирано и одлучно.
– Првите часови по трагедијата беа часови на интензивна мобилизација. Активирани беа здравствените институции, службите за итна медицинска помош, полицијата, противпожарните единици, службите за цивилна заштита и локалните институции. Во тие моменти најважната цел беше една – спасување на животите на повредените и обезбедување најбрза можна медицинска помош. Пациентите од Кочани и од Штип беа транспортирани во здравствените установи во Скопје, каде што веднаш беа активирани најважните клинички капацитети на државата. Во тие часови тие не работеа само како здравствени работници. Тие работеа како луѓе кои знаат дека зад секој пациент стои семејство, стои животна приказна и стои надеж. Но многу брзо стана јасно дека дел од пациентите имаат тешки изгореници и комплексни повреди кои бараат третман во специјализирани центри за изгореници- рече Мицкоски.
Премиерот посочи дека во тие денови, лекарите, медицинските сестри и здравствените тимови покажале нешто што не се мери со протоколи и процедури – покажаа човечност, пожртвуваност и професионална храброст и оти во такви ситуации, ниту една држава не може сама да ги носи сите медицински предизвици, туку е потребна е меѓународна солидарност.
-Токму затоа веднаш беа активирани механизмите за меѓународна медицинска соработка. Преку европските механизми за цивилна заштита и преку директна координација со партнерските држави беше организиран транспорт на дел од пациентите во специјализирани болници во странство. Болници во повеќе европски држави ги отворија своите врати за нашите пациенти. Лекарите во тие центри, заедно со нашите медицински тимови, водеа сложена и долготрајна борба за животот и здравјето на повредените. Во тие денови видовме како функционира европската солидарност во пракса. Видовме дека во моменти на трагедија, државите и здравствените системи знаат да соработуваат, да ги споделуваат своите ресурси и да ги стават човечките животи на прво место. Истовремено, државата се погрижи и за логистичката поддршка на целиот процес. Организирани беа специјализирани медицински транспорти, обезбедени беа услови за комуникација и координација меѓу болниците, а институциите работеа непрекинато за да се обезбеди непречен тек на медицинските процедури- потсети Мицкоски.
Во тој контекст додаде дека паралелно со медицинската реакција, биле активирани и тимови за психолошка поддршка и оти психолози и психијатри започнале да работат со семејствата и со пациентите, бидејќи трагедиите од ваков размер не оставаат само физички последици.
-Тие оставаат и длабоки психолошки траги кои бараат долгорочна грижа. Сите овие активности имаа една цел: да се обезбеди највисоко можно ниво на грижа за повредените и нивните семејства во најтешките моменти. Токму затоа, кога денес зборуваме за првичниот одговор на државата, зборуваме за институционална реакција. Но, зборуваме и за заеднички напор на здравствени работници, спасувачи, институции, меѓународни партнери и граѓани. Тоа беше момент во кој системите мораа да функционираат брзо. Но тоа беше и момент во кој човечноста и солидарноста станаа најсилната сила на општеството. Посебно сум горд на животите кои успеавме да ги спасиме.Тие луе кои беа издржаа, и поминаа низ пеколот, но денес се овде со нас- истакна тој.
Тој рече дека сите овие активности имаат една заедничка цел: да се обезбеди долгорочна грижа и достоинствена поддршка за луѓето кои беа најтешко погодени од трагедијата, но, посочи, оваа обврска не завршува со една година, туку грижата за пациентите и поддршката за семејствата остануваат долгорочна задача на институциите.
– Трагедијата во Кочани создаде болка која не може да се избрише. Но одговорноста на државата е таа болка да ја претвори во постојана грижа, во посветеност и во систем кој ќе биде подготвен да им помогне на своите граѓани кога им е најпотребно. Токму затоа, денешната конференција претставува важен чекор во продолжувањето на таа обврска. Таа создава простор медицинското искуство, институционалните лекции и научните сознанија да се споделат и да се претворат во подобри политики и подобри системи за иднината- рече Мицкоски.
Премиерот потенцира дека покрај грижата за повредените и поддршката за семејствата, трагедијата во Кочани отвори и едно друго, подеднакво важно прашање – прашањето за одговорноста, истакнувајќи дека во едно демократско општество, трагедиите не смеат да останат без одговори и оти општеството има право да ја знае вистината.
– Семејствата имаат право да знаат како се случила трагедијата. А институциите имаат должност да обезбедат правда. Токму затоа, веднаш по трагедијата започна процес на институционално утврдување на фактите и на одговорноста. Овој процес мора да биде темелен, професионален и ослободен од било каков притисок. Во прашање се човечки животи, а во такви ситуации институциите мора да работат со највисоко ниво на сериозност и интегритет. Правдата не е прашање на политика. Таа е прашање на доверба во институциите. Кога трагедија од ваков размер ќе се случи, државата има обврска да покаже дека системот функционира, дека пропустите се утврдуваат и дека одговорноста се презема-посочи Мицкоски.
Но, одговорноста, додаде премиерот, има и поширока димензија и дека трагедиите често откриваат слабости во системите.
– Тие покажуваат каде институциите мора да се подобрат, каде процедурите мора да се зајакнат и каде безбедносните стандарди мора да се подигнат на повисоко ниво. Затоа, покрај правните постапки, трагедијата во Кочани отвори и процес на институционално преиспитување. Државата има обврска да ја бара вистината и да ја обезбеди правдата. Тоа го должиме на жртвите. Тоа го должиме на нивните семејства. Но, тоа го должиме и на идните генерации. Затоа институциите ќе продолжат да работат на целосно утврдување на сите околности поврзани со трагедијата, со цел правдата да биде постигната, а довербата во институциите да биде зајакната. Само преку вистина, одговорност и институционално учење, едно општество може да стане посилно по трагедија- потенцира премиерот.
Тој кажа дека една трагедија никогаш не завршува со денот кога се случила.
– За семејствата, таа продолжува секој ден. Таа продолжува во празните столови на трпезата. Во тишината на домот. Во секое утро кога човек се буди со споменот на најтешката загуба. Затоа, од првиот ден, Владата донесе јасна одлука: државата нема да биде присутна само во моментот на трагедијата. Државата ќе биде присутна и во годините што следуваат. И затоа сакам денес јасно да кажам: државата ќе продолжи да стои покрај овие семејства. Затоа што зад секоја институционална одлука стои едно едноставно убедување: човечкото достоинство мора да биде центарот на секоја јавна политика- посочи премиерот.
Тој нагласи дека трагедијата во Кочани не може да се избрише од нашата колективна меморија.
– Но, начинот на кој државата одговара на вакви трагедии покажува какво општество сакаме да бидеме. Општество кое не ги заборава своите луѓе. Општество кое знае дека солидарноста не е збор, туку обврска и држава која стои покрај своите граѓани и кога е најтешко. А ние ќе продолжиме да ја исполнуваме таа обврска – рече премиерот.
Тој истакна дека денес, една година по трагедијата, нашата обврска е да зборуваме и за иднината.
– Кочани е град со длабоки корени, со вредни луѓе, со силен дух и со традиција што ја надминува секоја криза. Тоа е град на земјоделци, на семејства што генерации вложуваат труд во оризовите полиња, на млади луѓе кои сакаат да останат и да создаваат во својата средина. Затоа, од првиот момент, Владата размислуваше за санација на последиците од трагедијата, но и за тоа како Кочани да стане посилно, поразвиено и поотпорно место за живот- истакна тој.
Нашата цел е јасна, нагласи премиерот, трагедијата да биде почеток на нова фаза на развој.
– Во изминатата година започна подготовка и реализација на повеќе инфраструктурни и развојни проекти кои директно се однесуваат на Кочани и на регионот. Инвестирањето во инфраструктурата е првиот чекор кон економски развој. Затоа се работи на подобрување на локалната патна инфраструктура, на реконструкција на улици и на модернизација на комуналните системи, со цел градот да има услови достојни за современ урбан центар. Паралелно со тоа, Владата работи на создавање услови за нови инвестиции и отворање на работни места во Источниот регион. Кочани има потенцијал да биде еден од економските двигатели на регионот. Кочани мора да биде град во кој младите гледаат перспектива. Град во кој семејствата сакаат да останат. Град во кој новите генерации ќе градат иднина- рече премиерот.
Тој нагласи дека посебен дел од оваа визија е и зачувувањето на колективното сеќавање на трагедијата.
– Во соработка со локалната самоуправа и со семејствата, се разгледуваат иницијативи за достојно одбележување на настанот и за создавање место на сеќавање кое ќе потсетува на вредноста на човечкиот живот и на важноста на солидарноста. Таквите места се дел од колективната свест на едно општество. Тие нè потсетуваат дека зад секоја политика, зад секоја институција и зад секоја одлука стојат човечки животи. И токму затоа, иднината на Кочани е и мора да биде резултат на заедничка работа: на државата, на локалната самоуправа, на стопанството и на самите граѓани. Нашата визија е кочани да биде град на обновување, на нова енергија и на развој. Град кој ќе покаже дека и по најтешките моменти, општеството може да се издигне посилно. И затоа, денес зборуваме за трагедијата што нè погоди до коска. Но, зборуваме и за иднината што заедно ќе ја изградиме- потенцира Мицкоски.
Премиерот посочи дека постојат моменти кога зборовите се недоволни и кога ниту една реченица не може целосно да ја опише болката што ја носи една трагедија, а тагедијата во Кочани е токму таков момент.
-Но историјата на секое општество се гради и преку начинот на кој тоа општество се соочува со најтешките моменти. Во нашата историја има една длабока и тивка лекција. Овој народ многупати се соочувал со тешки моменти, со загуби и со трагедии. но секогаш знаел повторно да се исправи, да ја зачува човечноста и да продолжи напред. Македонија опстоила и се развива и денес затоа што луѓето знаат да се обединат кога е најтешко. Токму таа сила: силата на заедништвото и достоинството е она што нè обврзува и денес. Преку начинот на кој покажува солидарност. Преку начинот на кој ги почитува жртвите. И преку начинот на кој учи од трагедиите. Една година подоцна, кочани останува во мислите на целата држава. Како место на една голема болка, но и како симбол на достоинството со кое граѓаните се соочија со најтешката загуба. Семејствата кои ги изгубија своите најблиски покажаа сила која е тешко да се опише со зборови. Нивното достоинство, нивната тишина и нивната човечка големина остануваат длабоко врежани во колективната меморија на нашето општество- рече Мицкоски.
Премиерот нагласи дека државата има обврска никогаш да не го заборави тоа – обврска да го зачува сеќавањето, обврска да извлече поуки и обврска да изгради подобар и побезбеден систем за сите граѓани.
– Но имаме и уште една обврска.Обврската да продолжиме напред. Да продолжиме да го развиваме Кочани. Да продолжиме да инвестираме во неговата иднина. Да продолжиме да градиме општество во кое човечкиот живот, безбедноста и достоинството се највисоки вредности. Дозволете ми на крајот да ја повторам една едноставна, но важна порака. Кочани е место на една огромна и ненадмосетлива трагедија. Но, Кочани е и ќе продолжи да биде град на луѓе со достоинство, со сила и со иднина. А државата ќе продолжи да стои покрај Кочани. Со почит. Со одговорност. И со цврста решеност дека никогаш нема да ги заборавиме оние што ги изгубивме. Господ нека им даде покој на душите на трагично погинатите и сила на нивните семејства да најдат утеха. Нека биде вечен споменот за Кочани! Македонија мора да остане силна! – заклучи премиерот во воведното обраќање на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува денеска во Скопје.
































