Македонски учесници во граѓанската војна во Грција

Одбележување на 48-годишнината од смртта на Паскал Митревски – еден од најистакнатите борци за националните права на Македонците во Егејска Македонија

  • Во својот бурен живот, Паскал Митревски се вложил сиот во борбата на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија, за неговиот национален идентитет, јазик и национална слобода. На 10 февруари се навршија 48 години од смртта на овој бележит национален деец и воено-политички раководител на македонскиот народ во Егејска Македонија во Втората светска војна и во Граѓанската војна во Грција

„Не дозволивме да падне духот кај нашиот народ и покрај дивиот терор и прогоните што настанаа и кои ги врши грчкиот монархофашизам. Покренавме масовни борби на нашиот народ, постигнавме и да организираме низа штрајкови во Воден и други движења и акции во Лерин и Костур“, напишал Паскал Митревски во својот извештај од Главното раководство на Народноослободителниот фронт (НОФ) од 7 март 1946 година за општата политичка ситуација во Грција и во Егејска Македонија. Митревски бил еден од најистакнатите национални дејци и борци за националните права на Македонците во Егејска Македонија, денес во Грција. Во својот бурен живот се вложил сиот во борбата на македонскиот народ во егејскиот дел на Македонија, за неговиот национален идентитет, јазик и национална слобода. На 10 февруари се навршија 48 години од смртта на овој бележит национален деец и воено-политички раководител на македонскиот народ во Егејска Македонија во Втората светска војна и во Граѓанската војна во Грција.
Во својата книга со наслов „Паскал Митревски и неговото време (1912-1978)“, издадена од Институтот за национална историја во Скопје, Ташко Мамуровски вели дека Митревски спаѓа во плејадата на најистакнатите македонски борци, револуционери и раководители на народноослободителното движење на македонскиот народ (во заедничката борба со грчките напредни сили) за извојување национална слобода. Митревски бил еден од најистакнатите македонски борци на организацијата НОФ (Народен ослободителен фронт) од егејскиот дел на Македонија. Тој бил и учител, историчар, писател.
– Како високообразован интелектуалец со завршен правен факултет и со патриотски чувства, Паскал Митревски целиот свој младешки елан и своите најубави години му ги посвети на македонското националноослободително движење. Чекор по чекор, постепено, се искачи на високо место во хиерархијата на раководството на македонското народноослободително движење: како секретар на Окружниот одбор СНОФ за Костурско, претседател на Политичката комисија на Макeдонија под Грција, потоа секретар на Главното раководство на НОФ за Егејска Македонија и претседател на Главниот одбор на НОФ за Егејска Македонија. Во 1949 година беше поставен за министер по снабдување во Привремената демократска влада на Грција, во раководството на КОЕМ (Комунистичка организација за Егејска Македонија).

Паскал Митревски

Но тој заврши подоцна во сталинистичките концентрациони затвори и логори заедно со група македонски раководители на НОФ од Егејска Македонија, обвинети од раководството на КПГ како „Титови агенти“ во редовите на Националноослободителното движење НОД во Грција – има напиша Мамуровски во својата спомената книга.
Паскал Митревски е роден на 14 февруари 1912 година во селото Чука, Костурско, во егејскиот дел на Македонија. Гимназија завршил во Костур, а Правен факултет во Солун. Работел како адвокат. По германската окупација на Грција во 1941 година му се приклучил на грчкото комунистичко движење. Во 1943 година стапил во редовите на Грчката народноослободителна војска (ЕЛАС), каде што помогнал во создавањето на македонските народноослободителни организации како СНОФ и НОФ.
Митревски учествувал во формирањето на Првиот партизански одред на ЕЛАС во Рупишта, прво како заменик-командир, а потоа како командир на македонската партизанска единица во Костурско. Во декември 1943 година бил избран како секретар на Окружниот одбор за Костурскиот округ. По Втората светска војна, додека Комунистичката партија на Грција (КПГ) се насочила кон политичка борба, македонските борци продолжиле со отпорот против монархофашистите. На 23 април 1945 година, Митревски и други лидери го формирале Народноослободителниот фронт (НОФ). Митревски бил поставен за секретар на Главниот одбор.
Со јакнењето на НОФ како значаен фактор во Егејска Македонија, КПГ започнала преговори со нив, во кои Митревски бил клучен претставник. По обединувањето на НОФ и Демократската армија на Грција (ДАГ), тој бил назначен како член на Покраинскиот комитет на КПГ и повторно како секретар на НОФ. По поразот на ДАГ во Граѓанската војна во Грција, Митревски бил уапсен од КПГ во Албанија и пренесен во СССР, каде што во 1952 година бил осуден на 25 години затвор.
По смртта на Сталин, бил ослободен и се вратил во СР Македонија во 1955 година. На 26 јуни истата година бил избран за судија на новоформираниот Уставен суд на Македонија. Паскал Митревски починал на 10 февруари 1978 година во Скопје.

Свето Тоевски