Македонија во старите книги, патописи, карти, мапи, документи и весници (4)
- Старите патописи за Македонија се лекција за перцепцијата. Тие сведочат дека оваа земја, иако растргната од туѓи интереси, успевала да го маѓепса секого што ќе стапнел на нејзината почва. Тие записи се доказ дека нашата Македонија никогаш не била само точка на картата, туку жив, пулсирачки организам, кој оставил трага во меморијата на илјадници патници
Додека официјалните документи и историските книги и учебници ни кажуваат кога се случила некоја битка или кој султан владеел, старите патописи ни ги доловуваат мирисот на чаршијата, вкусот на лебот, стравот од ноќта и сјајот во очите на обичниот човек. За современиот читател, овие стари записи се како прозорец кон еден исчезнат свет, каде што Македонија не била само географски поим, туку вистински театар на бои, звуци и драматични човечки судбини, сместен на границата меѓу „цивилизираната“ Европа и „мистичниот“ Ориент. За западниот патник од минатите векови, влезот во Македонија бил културен шок. Тоа било патување во земја на контрасти. Во своите дневници, патописците често со мешавина од ужас и воодушевување го опишуваат хаосот на македонските пазари. За педантниот Австриец или воздржаниот Британец, градовите како Битола, Скопје и Солун изгледале како кошница во која врие животот. Тие пишувале за тесните калдрмисани улички каде што се мешале натоварени магариња, горди бегови, сиромашни селани во шарени носии и трговци што викаат на десет различни јазици. Тој „вавилонски метеж“ за нив бил доказ за виталноста на овој простор. Патописците не можеле да останат рамнодушни пред таа слика; за нив Македонија била егзотика на прагот од Европа, место каде што времето течело побавно, мерено не со часовници, туку со ритамот на секојдневието под сенката на стравот и светлината на вечноста.
Многу често низ овие записи се провлекува чувството на неизвесност. Македонија во очите на странците била „дивиот предел“ на Европа. Во многу патописи се спомнува стравот од арамии, ајдути или комити. Патувањето од еден до друг град не било туризам, туку вистинска авантура што барала вооружена придружба. Описите на планинските премини често се драматизирани како места каде што демне смртта. Но токму тој страв им давал на патописите една романтична нота. Странците се чувствувале како херои во некој роман, а Македонија била нивната сцена. Иронично, токму преку тие описи на „опасноста“, ние денес дознаваме за бунтовниот дух на населението, за луѓето што одбивале да ѝ се покорат на власта и кои владееле со планините додека империјата владеела со градовите.
Но, наспроти описите за опасноста, стои еден друг, многу потопол феномен ,кој ги обезоружувал дури и најциничните патници – македонското гостопримство. Дури и оние што доаѓале со предрасуди за „варварскиот Балкан“, си заминувале трогнати од добрината на обичниот селанец. Патописите се полни со анегдоти за тоа како патниците, затекнати од невреме или ноќ, биле примани во сиромашните куќи, каде што домаќинот го вадел последното парче сирење и вино за „гостинот од далеку“. Еден француски патник запишал дека во Македонија „гостинот е испратен од Бога“. Овие моменти на човечност, забележани пред векови, се можеби најубавото огледало на нашиот менталитет. Тие покажуваат дека и во најтешките времиња на ропство и сиромаштија, кодот на честа и почитта кон гостите останал недопрен. Посебна, често занемарена димензија во оваа литература даваат жените патописци. Додека мажите главно ги опишувале војските, патиштата и политичките интриги, храбрите жени патописци успевале да ѕирнат зад високите ѕидови на македонските домови.
Благодарение на нив, денес знаеме како изгледал животот во „женските одаи“, какви биле свадбените ритуали и што се шепотело покрај огништата кога мажите не биле присутни. Тие ги забележале деталите на везот, тајниот јазик на жените и тивката сила на македонската мајка, која го држела семејството на куп. Нивните записи се поинтимни и поемотивни, откривајќи ни ја нежната страна на земјата, која машките патописци често ја сликале само со боите на војната и политиката.
Неизоставен дел од секое патување низ стара Македонија била и фигурата на водичот и преведувач. Овие локални луѓе биле очите и ушите на странецот, филтерот низ кој Европа ја гледала Македонија. Патописите се полни со комични, но и сериозни ситуации каде што преведувачот, сакајќи да му угоди на пашата или да го заштити гостинот, намерно ги менувал зборовите. Честопати, вистината што ја запишувал странецот била всушност „вистината“ што водичот сакал тој да ја слушне. Ова нè потсетува дека патописите треба да се читаат со резерва, бидејќи многу од „фактите“ во нив се резултат на намерно погрешени преводи и културни недоразбирања во еден свет без заеднички јазик.
Верскиот живот во Македонија бил уште една енигма за посетителите. Тие доаѓале од христијанска Европа, но овде наоѓале необичен синкретизам – место каде што обичаите се прелевале едни во други. Патописите бележат сцени каде што муслимани палат свеќи во христијански цркви за здравје или христијани почитуваат одредени теќиња. Овој народен екуменизам, честопати неразбирлив за строгите догми на западните цркви, им дејствувал егзотично, па дури и пагански. Странците ги опишувале живописните селски слави, курбаните и додолските поворки за дожд, гледајќи во нив остатоци од древната антика, кои преживеале под маската на официјалните религии. Секако дека не може да се зборува за патописите без да се спомене описот на самата природа, која честопати била во остар контраст со сиромаштијата на населението. Многу патници станале без здив пред глетката на Охридско Езеро, дивите врвови на Шара и моќта на Вардар. Тие ја опишуваат Македонија како „библиска земја“, со пејзажи кои како да излегле од Стариот завет. Додека градовите им дејствувале валкано и хаотично, природата за нив била возвишена, чиста и недопрена. Описите на македонските мугри и зајдисонца се можеби најпоетичните страници напишани за нашата земја, потсетувајќи нè дека убавината на овој простор е константа што ги надживува сите империи.
– Ниту еден опис не може да даде претстава за разновидната убавина на ова пространо водено огледало… Сонцето тонеше зад планините, фрлајќи ја заштитничката сенка на западните масиви врз рамнината, додека источните ѕидови на тврдината и куполите жареа како најцрвено злато… – пишува Едвард Лир за Охридско Езеро (1848 година).
Читајќи ги старите патописи, не можеме да не забележиме како патописците, сакале или не, станале хроничари на една тивка еволуција. Низ нивните зборови гледаме како се менувала модата, како навлегувале европските стоки, како се менувала архитектурата на градовите. Тие го забележале доаѓањето на железницата, која го пресекла македонскиот пејзаж и го најавила крајот на една ера. Го забележале и растечкиот национален занес, моментот кога рајата почнала да се претвора во нација.
Старите патописи за Македонија се лекција за перцепцијата. Тие сведочат дека оваа земја, иако растргната од туѓи интереси, успевала да го маѓепса секого што ќе стапнел на нејзината почва. Тие записи се доказ дека нашата Македонија никогаш не била само точка на картата, туку жив, пулсирачки организам, кој оставил трага во меморијата на илјадници патници. Затоа, враќањето кон овие текстови не е само чин на носталгија туку и обид да ја спознаеме нашата татковина и преку очите на другите – очи што некогаш одамна, но и сега – нè гледале и гледаат со љубопитност, страхопочит и восхит.
м-р Никола Ристевски
(продолжува)































