Ѓорѓија Пулевски

ФЕЉТОН „ОД МИТРОВДЕН ДО ЃУРЃОВДЕН“: СПОМЕНИ ЗА МАКЕДОНСКАТА БОРБА ЗА СЛОБОДА И ЧОВЕЧКИ ПРАВДИНИ

  • Иако неговиот придонес е повеќеслоен, Ѓорѓија Пулевски се етаблира во науката како првиот автор што експлицитно го дефинира јазикот како македонски во рамките на граматичката структура. Пулевски не дејствувал во вакуум; идејата за граматичко обликување на македонските говори постоела и кај неговите претходници, но нивните напори честопати останувале во сферата на намерите или, пак, биле идеолошки хетерогени

Во анализите на македонската културна историја, ликот и делото на Ѓорѓија Пулевски заземаат централно место, пред сè поради неговиот фундаментален ангажман во кодификацијата и нормирањето на македонскиот литературен јазик. Иако неговиот придонес е повеќеслоен, тој се етаблира во науката како првиот автор што експлицитно го дефинира јазикот како македонски во рамките на граматичката структура. Неговата дејност како граматичар се темели врз четири клучни труда: вториот дел од „Речник од три језика“, пионерската „Слогница речовска“, необјавениот ракопис „Јазичница“ и неговото последно капитално дело, „Славјанско-маќедонска општа историја“. Пулевски не дејствувал во вакуум; идејата за граматичко обликување на македонските говори постоела и кај неговите претходници, но нивните напори честопати останувале во сферата на намерите или, пак, биле идеолошки хетерогени. Историските извори бележат обиди уште од времето на В.И. Григорович во Охрид (1845), како и ветувањето на Димитрија Миладинов за составување македонска граматика. Подоцна, личности како Партенија Зографски и Кузман Шапкарев работеле на нацрт-правила насочени кон создавање заеднички јазик со Бугарите, по примерот на српско-хрватскиот договор од 1850 година. Слични најави и ракописи се врзуваат и за имињата на Георги К. Динката, Венијамин Мачуковски и Марко Тасе Мушевич. Сепак, единствената објавена публикација од овој тип пред Пулевски е „Кратката славенска граматика“ на Зографски (1859), која во својата суштина е посветена на „славјанскиот јазик“. Со тоа, Пулевски историски го зазема приматот како автор на првата објавена граматика на македонскиот јазик. Интересен сегмент во истражувањето на оваа проблематика претставуваат сведоштвата на Н.К. Мајски, кој ја потенцира улогата на Мијаците во јазичната преродба. Првично фокусиран на дејноста на Партенија Нишавски и Марко Тасе Муше, Мајски подоцна, со откривањето на ракописот на „Јазичницата“, го вклучува и Пулевски во овој тесен круг на визионери. За науката особено е значајна констатацијата на Мајски дека Пулевски не само што се обидел туку и успешно ја формулирал граматиката „на македонски“, прецизирајќи ја јазичната одредница со сопствена корекција. Иако неговите современици работеле на сродни идеи, Пулевски е оној што прв јавно и формално ја воспоставува врската меѓу терминот „македонски“ и неговата соодветна граматичка структура.
Идејата за етаблирање стандарден македонски литературен јазик кај Ѓорѓија Пулевски не е спонтан чин, туку промислена концепција што датира уште од неговите најрани творечки почетоци. Клучниот доказ за ваквиот развој на неговата филолошка мисла се наоѓа во неговиот „Тријазичник“ од 1875 година, каде што авторот приложува прецизен граматички осврт. Прашањето за јазичната терминологија на Ѓорѓија Пулевски претставува значаен сегмент во проучувањето на македонската филолошка мисла од 19 век, тема на која детално се осврнува и Блаже Ристовски. Клучна точка на интерес е пулевското поимање на граматичкиот апарат, особено во неговата „Слогница речовска“, каде што тој најавува дека за акцентот поопширно ќе елаборира во делото „Речница“. За овој поим, Пулевски нуди дефиниција дека станува збор за „книга јазическа“, која ги објаснува „јазичните зглобови“, јасно нагласувајќи го народниот карактер на својот пристап преку констатацијата: „Се велит речница нашински, а граматика грчки“. Ова укажува на неговата свесна намера да создаде автохтона терминологија што ќе биде разбирлива за македонскиот ученик. Творечкиот пат на Пулевски во овој контекст е исполнет со најави за дела што често ги менувале своите наслови или форма.

Неговата амбиција за пишување граматика е документирана уште во „Речниците“ објавени во Белград, а архивските податоци од мај 1876 година потврдуваат дека тој поднел готов текст за „Речница“ до српското Министерство за просвета. Сепак, централното научно прашање останува: за кое дело всушност се работи во овој ран период? Анализите покажуваат дека зачуваниот ракопис на „Јазичницата“ не е идентичен со објавената „Слогница речовска“. Ова упатува на заклучокот дека Пулевски во својот творечки опус имал повеќе верзии или посебни трудови што ги нудел за печат, а кои денес не се целосно зачувани во нивната првобитна форма. Иако Пулевски првично ја замислувал својата граматика како синтеза на четири азбуки и фолклорно-етнографски материјал, историските околности, вклучувајќи го и Кресненското востание, ги промениле неговите планови. Во 1880 година тој ја објавува „Македонска слогница речовска“, но како учебник за трето одделение, притоа најавувајќи уште два дела за да се обезбеди подостапна цена за учениците. На задната корица на ова дело, тој наведува импресивна листа на подготвени ракописи, меѓу кои „Родословница“, „Речница“, „Народна песнословница“ и „Смисленица“. Факт е дека „Речницата“ била замислена како посебна единица во рамките на една поширока серија македонски учебници.
Денешната состојба на неговото наследство е фрагментирана. Освен ракописот на „Македонска историја“ и преписот на „Јазичницата“, другите најавени дела остануваат непознати за науката. Се претпоставува дека „Јазичницата“ била основата што ја нудел уште во Белград, која подоцна, за време на неговиот престој во Софија, претрпела преработки за да се трансформира во „Слогницата“. Неможноста да ги издаде сите планирани трудови остава празнина во разбирањето за целокупниот дијапазон на неговата научна мисла, но истовремено го потврдува Пулевски како неуморен и стратешки ориентиран просветител. Истражувањата на Блаже Ристовски за делото „Јазичница“ на Ѓорѓија Пулевски укажуваат на јасна намера на авторот да изгради литературен јазичен стандард врз основа на западномакедонското наречје. Иако предговорот на ова дело останува недостапен, сведоштвата на Никола Мајски сугерираат дека во него Пулевски веројатно застапувал идеи за балканско словенско единство, именувајќи го својот јазик како „славјански-македонско нареченије“. Интересен е процесот на датирање и терминолошката еволуција во неговите ракописи. Додека во насловот на „Јазичницата“ фигурира терминот „старобугарски“, Мајски забележал дека авторот со молив во заграда допишал „македонски“ јазик. Наспроти ова, во неговата „Славјанско-маќедонска општа историја“, напишана пред крајот на неговиот живот, терминот „бугарски“ целосно исчезнува и се користи исклучиво „македонски“. Ова отвора дилема дали раната употреба на терминот „старобугарски“ била резултат на нацрт од 1865 година или, пак, свесен компромис со средината во Софија каде што работел. Не треба да заборавиме дека Пулевски се обидел да ја кодифицира граматиката и во самата „Историја“, каде што уште во насловот посочува дека пишува на „славјански-македонско нареченије“. Иако јазичната основа е мијачкиот говор со примеси од други македонски дијалекти, тој нагласил дека неговата цел е делото да го разбираат сите балкански Словени. Со тоа, неговиот потфат ги надминал рамките на локалниот говор, тежнеејќи кон создавање поширок македонски литературен јазик, па дури и кон концепт за општословенски писмен јазик со основа на јазикот на староседелците на полуостровот – Македонците.

Од трудовите на Билјана Ристовска Јосифовска и Блаже Ристовски дознаваме и за споменатите цитати од дела на Пулевски во мемоарите на Никола Чупаров, братот на Димитрија Чуповски, кој очигледно користел дела од Пулевски, кои денес не ни се достапни. За Александар Македонски и за Мијаците запишал: „Според книгата на Георги Пулевски, родум од Галичник, биле гвардејци на А. Македонски“, а за Брсјаците (Брзаците), повторно се повикувал на Пулевски: „Според книгата на покојниот Георги Пулевски, родум од село (Галичник), велат дека Брзаците биле брзата армија на Александар Македонски“. Јосифовска и Ристовски јасно забележале дека вакви цитати не се пронајдени во ниедно од расположивите печатени и непечатени дела на Пулевски, што покажува дека Чупаров имал достап до некој друг ракопис, за кој денес немаме информации.
И покрај историскиот јаз од век и половина од времињата на Пулевски до сега, не треба да се откажеме од потрагата по неговите дела. Ракописот „Јазичница“, кој е продолжение на „Слогница речовска“, денес за јавноста е достапен во вид на препис од 1948 како фототип, но без воведот што бил вклучен во оригиналниот запис. За постоењето на оваа книга, Македонија дознала од Никола Киров Мајски, преку неговата кореспонденција со тогаш младиот Блаже Ристевски, кој посведочил дека кај некој адвокат во Софија се чувале примероци од „Слогница речовска“ и „Славјанско–маќедонска општа историја“. Откако истите тие биле откупени од државните власти, неколку години подоцна Блаже Ристевски ги разгледува во Софија, по што ја запознава и македонската научна јавност со постоењето на овие значајни ракописи на Пулевски. Како што забележал во неколку текста, а и нагласил во документарни филмови, академик Ристевски добил повеќе микрофилмови од овие два значајни ракописа, но откако првиот ден работел на Историјата, вториот ден Јазичницата му била отстапена без воведот, со изговор дека „ќе ја злоупотребеле“. Децении подоцна, воведот во „Јазичницата“ на Пулевски наводно е исчезнат. Дали ова претставува одлична можност за историските комисии на Република Македонија и Република Бугарија да направат напори за пронаоѓање на воведот во ова дело на Пулевски? „Скриените“ и „исчезнатите“ делови од писанија и цели трудови на големиот Пулевски можеби некогаш ќе го видат светлото на денот и ќе бидат обелоденети пред јавноста. А дотогаш, сите Македонци треба да знаат за неговото големо дело и да учат за Македонија од неговите книги, особено од „Славјанско–маќедонската општа историја“, капитално и обемно дело, кое подетално ќе го претставиме во следните продолженија на овој фељтон.

М-р Никола Ристевски

(продолжува)