Извештај на ОН

Во услови на хронично осиромашување на подземните води, прекумерна распределба на водата, деградација на земјиштето и почвата, уништување на шумите и загадување, сето тоа влошено од глобалното затоплување, светот е во минус и на пат кон глобален недостиг од водата, се вели во извештајот на ОН за водата.
Со извештајот, ОН сака да испрати порака до сите оние што одлучуваат дека немаат време за чекање. Тој наведува низа статистички податоци – големите езера низ целиот свет изгубиле 50 проценти од својата вода од почетокот на 1990-тите (при што 25 проценти од човештвото директно зависи од тие езера) и има 40 проценти помалку вода за наводнување од бунари низ целиот свет.

Исчезнале 410 милиони хектари природни мочуришта

Во последните 50 години, исчезнале 410 милиони хектари природни мочуришта, што е речиси еднакво на големината на Европската Унија. Три милијарди луѓе живеат во области каде што вкупните резерви на вода се намалуваат или се нестабилни, а повеќе од 50 проценти од светската храна се произведува во овие региони.
Ова е само дел од податоците што следуваат по заклучокот дека во 2026 година водата повеќе не е само природен ресурс туку и нова глобална валута, основа на безбедноста, политиката и меѓународното влијание. Во свет каде што климатските промени, растот на населението и интензивната индустријализација сè повеќе ги оптоваруваат водните ресурси, контролата на реките, езерата и подземните води станува стратешки важна, како и контролата на нафтата и гасот во минатиот век.
Професорот Кавех Мадани, кој ја предводеше работната група на ОН, рече дека досега рекорден број населени места во светот го преминале прагот на целосна закана од пристап до вода за пиење.

Борба за вода

Климатските научници и стратези предупредуваат дека иднината ќе биде обележана со борби за пристап до вода, а не само за територија или енергетски ресурси.
– Водата повеќе не е само еколошко прашање – таа е прашање на безбедност и моќ – се наведува во извештајот.
Градови како Техеран, Кејптаун, Сао Паоло и Ченај се соочија со кризи со вода за пиење, додека бројот на конфликти поврзани со водата низ целиот свет се зголеми од 20 во 2010 година на повеќе од 400 во 2024 година.
Недостигот од вода со себе носи многубројни опасности и ризици. ОН проценуваат дека до 2050 година, околу пет милијарди луѓе ќе живеат во области со значителни проблеми со водоснабдувањето, што го зголемува ризикот од внатрешни и регионални конфликти, дестабилизација на државите и зголемен миграциски притисок.
Експертите предвидуваат дека глобалната побарувачка за вода ќе порасне за речиси 50 проценти до 2050 година, додека во исто време достапноста во сувите подрачја ќе се намали. Таквиот јаз меѓу понудата и побарувачката бара темелни иновации во управувањето со водните ресурси, проширување на капацитетите за десалинизација и рециклирање на водата, како и поинтензивна меѓународна соработка.