Фото: ЕПА

ФУДБАЛ – ЗАВРШИ ПРВАТА ФАЗА ВО ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ

  • Директен пласман во осминафиналето обезбедија Арсенал, Баерн, Ливерпул, Тотенхем, Барселона, Челси, Спортинг и Манчестер сити

Заврши првата фаза во годинашната Лига на шампионите (ЛШ), а Арсенал е на врвот на табелата по минималната победа со 3-2 над Каират, што им обезбеди на тимовите од Премиер-лигата да ја завршат оваа фаза со 100 отсто ефект. Нему му се придружија уште четири тима од Премиер-лигата, кои нема да мора да се справат со натпревар од плејофот. Така, Њукасл заврши на 12-то место, два бода надвор од првите осум, додека, втора сезона во низа, и ПСЖ и Реал Мадрид ќе мора да се задоволат со место во плејофот. Затоа актуелниот европски првак, француски ПСЖ, ќе мора повторно да игра од шеснаесеттинафиналето. На дното е Бенфика, која се проби до последното место во плејофот, благодарение на драматичниот гол во 98-та минута против Реал Мадрид. Каират заврши на дното со еден бод, а има и шокантни испаѓања во оваа фаза од ЛШ за тимови како што се Марсеј, Атлетик Билбао и Наполи.
Вечерта ја обележаа и два значајни поединечни момента. Првиот е на францускиот фудбалер Килијан Мбапе, кој даде два гола на дуелот со Бенфика, а со првиот го урна рекордот на Португалецот Кристијано Роналдо во ЛШ. Французинот до овој меч имаше 11 гола во оваа фаза од ЛШ, колку што имаше и Роналдо во сезоната 2015/2016 во првиот дел. Со новите два гола, Мбапе сега има 13, два повеќе од Роналдо, со што стана најдобар стрелец во историјата пред почетокот на елиминациската фаза. На Мбапе му недостигаат уште пет гола до крајот на ЛШ за да го надмине вкупниот број на погодоци на Роналдо (17) во една сезона во ЛШ.
Вториот момент е дело на Украинецот Анатолиј Трубин, кој иако е голман на Бенфика, успеа да постигне гол во 98-та минута против Реал Мадрид и со тоа да ја одведе Бенфика во плејофот во ЛШ. Патем, со овој гол, Трубин влезе во друштвото на голмани што успеале да постигнат голови во ЛШ, каде што стана петти член, но трет што реализирал гол од игра. Досега тоа им успеало на Синан Болат од Стандард Лиеж против АЗ Алкмар во 2009 и на Иван Проведел од Лацио против Атлетико Мадрид во 2023 година. Уште двајца голмани се запишале во листата на стрелците во ЛШ, но од пенали. Тоа се Ханс Јерг Бут од Хамбург, Баер Л. и Баерн М. и Венсан Енјеама од Хапоел Тел Авив.
Ждрепката за осминафиналните плејоф-натпревари ќе се одржи денеска, во 12 часот, во седиштето на УЕФА во Нион. Ждрепката е полудиригирана, па така, деветтиот или десеттиот ќе игра или против 23-от или против 24-от, 11-от или 12-от против 21-от или против 22-от, 13-от или 14-от против 19-от или против 20-от, а 15-от или 16-от ќе игра или против 17-от или против 18-от. Новиот систем, кој беше воведен минатата сезона, нуди интересни опции, па во елиминациската фаза е можно да се сретнат екипи што веќе играле во првите осум кола. Првите дуели од осминафиналето се закажани на 17 и 18 февруари, а реваншите седум дена подоцна. Домаќини на реванш-мечевите ќе бидат повисоко пласираните клубови. Г.И.


Резултати, последно коло

Бенфика – Реал М. 4-2
Наполи – Челси 2-3
Барселона – Копенхаген 4-1
ПСЖ – Њукасл 1-1
Ајакс – Олимпијакос 1-2
Борусија Д. – Интер 0-2
Арсенал – Каират 3-2
Атлетик Б. – Спортинг 2-3
Атлетико М. – Боде/Глимт 1-2
Баер Л. – Виљареал 3-0
Бриж – Олимпик М. 3-0
Ајнтрахт Ф. – Тотенхем 0-2
Ливерпул – Карабаг 6-0
Манчестер С. – Галатасарај 2-0
Монако – Јувентус 0-0
Пафос – Славија Прага 4-1
ПСВ – Баерн М. 1-2
Унион Сен Жил – Аталанта 1-0


Конечна табела – групна фаза

Арсенал 24, Баерн 21, Ливерпул 18, Тотенхем 17, Барселона 16, Челси 16, Спортинг 16, Манчестер С. 16, Реал М. 15, Интер 15, ПСЖ 14, Њукасл 14, Јувентус 13, Атлетико 13, Аталанта 13, Баер Л. 12, Борусија Д. 11, Олимпијакос 11, Бриж 10, Галатасарај 10, Монако 10, Карабаг 10, Боде/Глимт 9, Бенфика 9, Олимпик Марсеј 9, Пафос 9, Унион Сен Жил 9, ПСВ 8, Атлетик Б. 8, Наполи 8, Копенхаген 8, Ајакс 6, Ајнтрахт Ф. 4, Славија П. 3, Виљареал 1, Каират 1 бод.