Осврт кон едно евергрин граѓанско прашање: Каде е најпаметно да се инвестираат личните заштеди?
- За финансиските експерти инвестирањето е еден тип паметна рамнотежа помеѓу растот и безбедноста, искомбинирано со знаењето зошто инвестирате некаде, а не само каде. Прашање што често се поставува во време на инфлација е каде и како е најдобро да ги инвестирате заштедите. Луѓето најчесто избираат да штедат во банки, а оние што имаат повеќе пари инвестираат во недвижности. Сепак, во сето ова, најважно е да се зачува вредноста на парите
Последниве години се зголемува бројот на граѓани што имаат поголема финансиска сума што им останува на располагање и имаат можност да инвестираат во некои од достапните форми на инвестирање. Она што досега е познато е дека нашиот народ најмногу практикува да штеди или да инвестира во недвижности, односно имот, поточно омилена инвестиција им е – купувањето станови.
Сепак, и оваа навика полека добива нови димензии, а во согласност со препораките на економските експерти, граѓаните треба да ги изберат најдобрите опции за нивните потреби, нагласувајќи дека тоа зависи од нивните приходи, желби и животни навики.
За финансиските експерти инвестирањето е еден тип на паметна рамнотежа помеѓу растот и безбедноста, искомбинирано со знаењето зошто инвестирате некаде, а не само каде. Прашање што често се поставува во време на инфлација е каде и како е најдобро да ги инвестирате заштедите. Луѓето најчесто избираат да штедат во банки, а оние што имаат повеќе пари инвестираат во недвижности. Сепак, во сето ова, најважно е да се зачува вредноста на парите.
Граѓаните полека прифаќаат и поинакви модели за инвестирање
Според Горан Марковски, брокер и извршен директор на „КБ Публикум инвест“, иако сѐ уште има граѓани што инвестираат исклучиво во станови, сепак се зголемува бројот на луѓе што сфаќаат дека недвижностите не се продаваат толку лесно и дека, за разлика од нив, поликвидните форми на вложување овозможуваат брзо повлекување на парите, дури и во рок од еден ден.
– Има зголемување во сите области и категории на вложување поврзани со хартии од вредност. Позитивни се трендовите – расте интересот за вложување, барем за инвестициски фондови – вели Марковски.
Тој дополнува дека граѓаните чувствуваат сигурност кога инвестираат во штедни влогови или во станови, но поради намалувањето на каматите се бараат алтернативи.
Во согласност со последните податоци од Народната банка на Македонија, во текот на декември вкупните заштеди на граѓаните и компаниите во банките надминуваат 10 милијарди евра или, попрецизно, 10,7 милијарди евра.
Народната банка потенцира дека на годишно ниво вкупните депозити се зголемени за 10,1 отсто, при што во поголем дел поради растот на депозитите на секторот „домаќинства“, придружено и со растот на депозитите на корпоративниот сектор.
Во соседните држави граѓаните со слични ставови
Слични ставови имаат и експертите од соседството. Финансискиот аналитичар Владимир Васиќ појаснува дека не постои едно универзално решение, и дека најразумниот пристап е да се распределат парите на повеќе страни – дел во побезбедни форми, дел во инвестиции што носат раст, а дел во реални средства.
– Во услови на инфлација, парите што стојат губат вредност. Иако готовината дава чувство на контрола и безбедност, реално кажано, тоа е најскапата форма на „штедење“. Дури и минимален принос е подобар од никаков – вели Васиќ.
За оние што размислуваат долгорочно и сакаат стабилен приход, недвижностите остануваат популарни и овој тренд нема да се промени наскоро, како кај нас, така и на целиот Балкан. Експертите сметаат дека инвестициите во станови на долг рок имаат смисла, особено ако се купува имот на добри локации.
Но, Васиќ предупредува дека со растот на цените, неопходна е и поголема претпазливост, како поради високите цени, така и поради кредитите со висока камата, поради што секое купување мора да има јасна пресметка.
Васиќ додава дека инвестирањето во злато останува безбедно засолниште во нестабилни времиња. Тоа не носи камата, но ја зачувува вредноста. Среброто има слична улога, со поголеми осцилации поради индустриската побарувачка.
Васиќ вели дека инвестициите за кои помалку се зборува и на кои инвеститорите треба да обрнат внимание се: фондови што инвестираат во недвижности, обврзници како постабилна опција, тематски фондови (технологија, енергија, вештачка интелигенција), инвестирање во знаење и сопствен бизнис, кои често се занемаруваат.
– Инвестирањето во фондови за недвижности денес не мора да значи купување стан или деловен простор. Постојат фондови што собираат пари од повеќе инвеститори и го инвестираат тој капитал во разни недвижности, од канцелариски згради и трговски центри до логистика и станбени објекти. Инвеститорот купува удел во фондот, а не самиот недвижен имот, и учествува во заработката преку приходи од кирија и раст на вредноста на уделот – вели експертот.
Изборот значително зголемен
Коста Костадиновски, директор на „Капитал групацијата“, кој долги години е присутен на домашниот финансиски пазар и е добар познавач на состојбите во нашата земја и пошироко, за „Нова Македонија“ потенцира дека во нашата земја има големи позитивни промени споредено со претходните години, кога станува збор за финансискиот пазар и за растот на овој сектор. Дополнително тој посочува дека од земјите што се дел од Западен Балкан, Македонија има меѓу најразвиените финансиски пазари.
– Убедливо сме најнапредни кога станува збор за финансиските пазари, бидејќи веќе имаме развиени добри пензиски фондови, инвестициски фондови, а и кај граѓаните се чувствуваат поголема проактивност и поголема отвореност кон небанкарски и ненедвижносни вложувања. На берзата се забележува голем промет, сѐ повеќе луѓе се одлучуваат да инвестираат и во странски обврзници или акции. Наједноставно се зголемува волуменот на инвестирање и се развива домашниот пазар, што е многу позитивно. Ова создава можност и простор државата да се доближи повеќе до инвеститорите и со новите типови на финансиски инструменти да привлече пари за инвестирање – прецизира Костадиновски. Е.Р.
Инвестирање во обврзници
Една од можностите за инвестиција што сѐ повеќе привлекуваат граѓанско внимание се обврзниците, поради тоа што како финансиски инструменти, тие се сметаат за помалку ризични од акциите. Поради тоа, сѐ повеќе граѓани и компании во Македонија размислуваат за посигурни инвестиции што нудат стабилност и предвидлив принос. Во врска со ова, македонскиот портал „Денар“ имаше интересна статија, од која пренесуваме еден дел во кој економските експерти од „Денар“ даваат одговор за граѓаните на најчесто поставуваните прашања: Што се тоа обврзници, како тие функционираат, колкав е приносот, како се инвестира во обврзници во Македонија итн.
Што се обврзници и како функционираат?
Обврзниците се форма на заем што инвеститорите им го даваат на државата или на компаниите, во замена за каматен принос. Во Македонија, најчести се државните обврзници, издавани од Министерството за финансии, како и корпоративните обврзници, кои ги нудат одредени компании.
– Купувањето државни обврзници е една од најсигурните инвестиции, бидејќи државата има обврска да ги врати средствата во договорениот рок. Но, приносот што го носат често е помал во споредба со другите инвестициски можности – вели економистот Александар Дојчинов.
Колкав е приносот и кој инвестира?
Во последните неколку години каматните стапки на државните обврзници во Македонија се движеа од два до пет отсто, во зависност од времетраењето. Оние со подолг рок на достасување, како петгодишните и 10-годишните обврзници, имаат повисока каматна стапка.
– Голем дел од институционалните инвеститори, како пензиските фондови и банките, вложуваат во државни обврзници бидејќи тие гарантираат стабилен принос. Но, за индивидуалните инвеститори, одлуката зависи од нивната толеранција на ризик и очекувањата од инфлацијата – објаснува Дојчинов.
Дали обврзниците се заштита од инфлација?
Еден од главните предизвици за инвеститорите е инфлацијата, која ја намалува реалната вредност на парите. Ако каматната стапка на обврзниците е пониска од стапката на инфлација, тогаш куповната моќ на инвестираните средства опаѓа.
– Во услови на висока инфлација, инвестирањето во обврзници може да биде предизвик, бидејќи реалниот принос може да биде негативен. Затоа, инвеститорите треба да ги следат економските трендови и да одбираат инструменти што нудат поголема заштита – објаснуваат експертите.
Како се купуваат обврзници во Македонија?
Процесот на купување државни обврзници е релативно едноставен – се врши преку банките или преку Берзата на хартии од вредност. За корпоративните обврзници, процедурата може да биде посложена, бидејќи зависи од компанијата што ги издава.
– Секој граѓанин може да инвестира во државни обврзници со минимален влог, но важно е да се разберат времетраењето и условите. За оние што сакаат брзи приноси, ова можеби не е најдобриот избор, но за оние што бараат стабилност, тоа е солидна опција – советува Дојчинов.
Дали вреди да се инвестира?
Инвестирањето во обврзници во Македонија зависи од индивидуалните финансиски цели. Државните обврзници се сигурна, но не секогаш профитабилна опција, особено ако инфлацијата е висока. Корпоративните обврзници може да понудат подобар принос, но со поголем ризик. За инвеститорите што бараат сигурност и предвидливи приходи, обврзниците се добра алтернатива, но оние што сакаат повисоки приноси, можеби ќе треба да разгледаат и други опции. Како и секогаш, финансиското советување пред вложување е клучно за донесување информирани одлуки. Е.Р.
































