Најмалку 16 лица загинаа, а повеќе од 100 се повредени во силните снежни врнежи што ја парализираа Јапонија – соопштија локалните власти.
Меѓу загинатите има маж штопаднал од покрив додека расчистувал снег, како и маж кому му се слошило додека со лопата чистел снег. Најголем број смртни случаи се регистрирани во префектурата Ниигата – 11, како и во префектурата Акита – четири. Уште еден смртен случај е пријавен во префектурата Јамагата.
Покрај тоа, речиси 120 лица се повредени во овие три префектури во северниот дел на островот Хоншу.
Претходно, илјадници луѓе ја поминаа ноќта на аеродромот „Шин Читосе“ во градот Сапоро, на северниот остров Хокаидо, поради откажување десетици летови како последица на обилните снежни врнежи.
Според метеоролозите, влошените зимски услови би можеле да предизвикаат проблеми во јавниот транспорт и во други делови на земјата.
































