ОДБОЈКА – ШТИП УГД ПРОДОЛЖУВА СО ПОДГОТОВКИТЕ ЗА ПРВЕНСТВОТО
- Настапот во купот Челинџ го завршивме онака како што и очекувавме пред почетокот, испишавме историја, двојна за нашиот клуб, вели тренерот на штипјани Кристијан Ристески, пренесе ОФМ
Првпат во македонската клупска историја во сезоната 2025/2026 Македонија имаше дури пет претставници во европските клупски купови, од кои последниот клуб, вицешампионот Штип УГД, во Милано го заврши настапот во шеснаесеттинафиналето во купот Челинџ. Во реваншот со фаворизираниот италијански клуб Алијанц Милано, штипјани загубија со 0-3 во сетови. За Штип УГД премиерата во европските клупски купови е историја и за клубот и за градот. Екипата денеска продолжува со подготовките за вториот дел од домашното првенство, каде што е еден од фаворитите за шампионската титула, како и во Купот на Македонија за 2026 година, каде што влегуваат како двократен бранител на трофејот, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
– Настапот во купот Челинџ го завршивме онака како што и очекувавме пред почетокот. Уште при ждрепката јасен беше нашиот пат, влез во главната фаза и двомеч со моќниот Алијанц Милано. Си поставивме цел да ја поминеме екипата на Кол Ил од Осло, која и ја исполнивме, и испишавме историја, двојна за нашиот клуб. Првата е самото учество во ова европско клупско натпреварување, а втората е прва победа на европско тло, со која обезбедивме и влез во главната фаза во купот Челинџ. Задоволството не е само мое туку и на играчите, комплетниот стручен штаб, сите инволвирани во клубот, навивачите на Штип УГД, кои се присутни на сите наши натпревари. Затоа верувам дека ова е нешто големо и е значаен успех и за клубот, но и за градот Штип, како и за македонската одбојка воопшто. Се надевам дека со овие резултати ќе поттикнеме пред сѐ нови генерации да го засакаат овој убав спорт, но и другите клубови од Македонија да веруваат во меѓународен успех, а со тоа и да ги претставуваат Македонија и македонската одбојка. Одбојката е таков спорт што пред сѐ создава нови пријателства, па, така, со оваа историска авантура за Штип УГД, покрај искуството што го стекнавме сите како екипа, стекнавме и нови контакти и пријателства од регионот и од цела Европа – вели тренерот на штипјани Кристијан Ристески, пренесе ОФМ. Г.И.
































