ПРЕСПАНСКАТА СПОГОДБА ВАЖИ САМО ЗА „ВТОРАТА СТРАНА“, ГРЦИЈА НЕ ЈА ПОЧИТУВА
- Локалните власти во Лерин, на чело со градоначалникот, забранија да се пеат македонски песни: грчката цензура е спротивна на европските и универзалните стандарди за јазични права и воопшто не е во духот на Преспанската спогодба
И годинава на 22 декември во општината Лерин се одржа традиционалниот празник Ден на пожарите, празник со длабоки корени во македонските села, кој секоја година се одбележува со огнови, музика и празнична атмосфера. Овој обичај е дел од нематеријалното културно наследство на регионот и симбол на заедничка радост и традиција. Но се случи инцидент што уште еднаш ја потврди систематската политика на замолчување на македонскиот јазик во јавниот културен живот во Република Грција. Општинските власти, со директна интервенција на градоначалникот, му наложија на оркестарот „Ентопика“ да прекине со изведба на македонски песни веднаш по отпевањето на познатата „Елено, ќерко“. Публиката, составена од локални жители и гости, реагираше со изненадување и негодување, а музичарите – дел од нив од јужна Грција – јавно порачаа: „Музиката нема граници“. Оваа порака, искажана во момент на цензура, доби симболична тежина, таа ја разобличи апсурдноста на забраната и ја истакна универзалната природа на музиката како културен мост меѓу народите.
Овој инцидент не е изолиран случај, туку дел од долгогодишен образец на административни притисоци, локални забрани и практики на самоцензура околу јавната употреба на современиот македонски јазик во северна Грција. Од почетокот на 90-тите години на 20 век, по распадот на Југославија и прогласувањето на независноста на Република Македонија, јавните културни настани во Лерин, Пела и Костур редовно се соочуваат со полициски интервенции, административни ограничувања или социјален притисок. Свој удел во кревањето на општествената температура порано имаа припадниците на неонацистичката партија Златна зора, а сега неонацистите се појавуваат под друго име, но со иста цел.
Документацијата на меѓународните организации е обемна и недвосмислена! Таа потврдува случаи на забрани и заплашувања на организатори што се осмелиле да изведуваат песни на „негрчки јазик“, прекинувања на фестивали и притисоци врз културни клубови да ја модифицираат програмата, ограничувања во образованието и јавниот културен израз на малцинствата, ограничувања на слободата на изразување на малцинствата, со конкретни примери од Лерин.
Случајот од 22 декември 2025 година е само најнова потврда дека локалните власти продолжуваат да ја практикуваат политиката на „тивки танци“ – македонските ора без текст, додека грчките песни се изведуваат слободно и со институционална поддршка. Народот во тој крај вели: „Нам устите не ни се затворени, ами ни се сошиени кога треба да пееме на македонски, но и да зборваме на нашки“.
Инцидентот не е неочекувана непријатна случка, туку е многудецениска пракса и системски приод на Грција што бара интернационализација
Грчката цензура е спротивна на европските и универзалните стандарди за јазични права и, патем, воопшто не е во духот на Преспанската спогодба. Но, она што е уште поважно, ваквите политики на Атина што произведуваат денационализатаорски политики и пракси во Грција, со методи што многу личат на дамнешниот тамошен монархофашистички режим. И доколку Брисел, демократска Европа, САД, па и мноштвото држави во светот немаат информација и не се свесни на кој начин се третира македонското малцинство во Грција и колку таквиот начин и политики на официјална Атина се спротивни на меѓународното право, европските повелби и резолуции, вклучувајќи ја и Организацијата на Обединетите нации, сега е време овој проблем да се интернационализира и аргументирано да се претстави во сите светски центри. Настаните во кои индивидуалните и колективните права на Македонците надвор од матичната држава флагрантно се прегазуваат се регистрирани, а во продолжение, во истата функција, ги издвојуваме меѓународните правила, принципи (повелби, резолуции, конвенции) во кои се кодифицирани, односно систематизирани прописите, правилата што се однесуваат на оваа област.
1. Европска повелба за регионални или малцински јазици
Оваа повелба е еден од најважните инструменти на Советот на Европа за заштита на јазичните права на малцинствата. Таа не е само декларативен документ, туку обврзувачка конвенција, која ги задолжува државите да преземаат активни мерки за промоција и заштита на јазиците што се во ризик од маргинализација.
Член 7(1)(д): Државите се обврзуваат да олеснат и/или поттикнат употреба на регионални или малцински јазици во културниот живот. Тоа значи дека властите не смеат да создаваат административни пречки туку, напротив, треба да обезбедат услови во кои културните групи и уметници слободно ќе можат да го користат својот јазик во музика, театар, литература и јавни настани.
Член 11(1)(a): Гарантира право на користење малцински јазици во културни активности и јавни настани. Овој член е јасен: културниот живот не може да биде селективно ограничен врз основа на јазик.
Забраната на македонски песни во Лерин е директна повреда на овие членови, бидејќи наместо промоција и олеснување, властите практикуваат цензура и исклучување.
2. Рамковна конвенција за заштита на национални малцинства
Оваа конвенција е основен документ на Советот на Европа за заштита на правата на националните малцинства. Таа ја нагласува важноста на културниот плурализам и меѓусебното почитување како темел на демократските општества.
Член 5(1): Државите се обврзуваат да промовираат услови неопходни за зачувување и развој на културата и идентитетот на малцинствата. Тоа подразбира активна поддршка – финансиска, институционална и политичка – за културните практики на малцинствата.
Забраната на македонски песни е спротивна на оваа обврска, бидејќи наместо да создава услови за развој, таа го спречува културниот израз.
Член 6(1): Бара поттикнување на дух на толеранција и меѓукултурен дијалог. Овој член ја нагласува потребата од позитивна атмосфера, каде што различните култури се прифаќаат и се слават.
Забраната на македонски песни создава спротивен ефект – нетолеранција, културна маргинализација и чувство на исклученост кај македонската заедница.
3. Повелба за основните права (Европска Унија)
Повелбата на Европската Унија за основните права претставува темелниот документ што ја артикулира визијата на Унијата за човекови права, демократија и културен плурализам. Таа е правно обврзувачка за сите земји членки и има цел да обезбеди дека секој граѓанин, без оглед на неговата етничка, јазична или културна припадност, ќе ужива еднакви права и слободи.
Член 21 – Забрана на дискриминација: Овој член експлицитно забранува дискриминација врз основа на етничко потекло, јазик или припадност на малцинство. Тој е клучен за заштита на културните и јазичните заедници во рамките на ЕУ.
Забраната на македонски песни во Лерин претставува јасен пример за дискриминација по јазична основа – културниот израз на една заедница е ограничен само затоа што не се совпаѓа со доминантниот национален јазик. Со тоа се создава нееднаквост меѓу граѓаните и се нарушува принципот на еднакво учество во јавниот живот.
Член 22 – Почитување на културната, религиозната и јазичната разновидност: Овој член ја нагласува обврската на Унијата и нејзините земји членки да ја почитуваат и промовираат културната и јазичната разновидност како основна вредност. Тој не е само декларативен, туку поставува позитивна обврска – државите мора да создаваат услови во кои различните култури и јазици ќе можат да се развиваат и да бидат видливи во јавниот простор.
Забраната на македонски песни е спротивна на оваа обврска, бидејќи наместо промоција на разновидноста, се практикуваат исклучување и замолчување.
4. Меѓународен пакт за граѓански и политички права
Овој пакт, усвоен од Генералното собрание на ООН во 1966 година, е еден од најважните правно обврзувачки документи за заштита на човековите права. Тој ја поставува основата за слободата на изразување и заштитата на културните права на малцинствата.
Член 19(2): Секој човек има право на слобода на изразување, што вклучува слобода да бара, прима и пренесува информации и идеи од секаков вид, без оглед на границите, било усно, писмено, преку уметност или на друг начин. Овој член е јасен: песната, како форма на културен и уметнички израз, е заштитена.
Забраната на македонски песни во Лерин е директна повреда на ова право, бидејќи ја ограничува слободата на музичарите и заедницата да го изразат својот идентитет преку уметност.
Член 27: Во државите каде што постојат етнички, религиозни или јазични малцинства, на лицата што им припаѓаат на тие малцинства не може да им се одземе правото, заедно со другите членови на нивната група, да уживаат сопствена култура, да ја исповедаат и практикуваат својата религија или да го користат својот јазик. Овој член е еден од најсилните универзални гаранти за малцинските права.
Забраната на македонски песни е спротивна на неговата суштина – таа го спречува колективното уживање на културата и го замолчува јазикот во јавниот простор.
5. Универзална декларација за човекови права
Усвоена во 1948 година, оваа декларација е темелниот документ на современата концепција за човекови права. Иако не е правно обврзувачка како пактот, таа има огромна морална и политичка тежина и служи како основа за сите понатамошни меѓународни договори.
Член 19: Секој човек има право на слобода на мислење и изразување; ова право вклучува слобода да се држи до сопствено мислење без мешање и да се бараат, примаат и пренесуваат информации и идеи преку кој било медиум.
Забраната на македонски песни е спротивна на ова право, бидејќи ја ограничува слободата на уметнички и културен израз.
Член 27(1): Секој човек има право слободно да учествува во културниот живот на заедницата, да ужива во уметност и да учествува во научниот напредок и неговите придобивки. Овој член ја нагласува важноста на културното учество како универзално право.
Забраната на македонски песни во Лерин го ограничува учеството на македонската заедница во сопствениот културен живот и ја лишува од можноста да им ја пренесе својата традиција на идните генерации.
Во прилог на иницијативата за интернационализација на проблемот со асимилаторските политики на Грција и на Бугарија
Забраната како глобален проблем на човековите права
Забраната на македонски песни во Лерин не е само локален инцидент ограничен на една општина или еден културен настан. Таа е симптом на подлабок и системски проблем што директно го засега прашањето за човековите права на малцинствата и нивната културна видливост. Во суштина, оваа забрана ја нарушува слободата на изразување, го ограничува правото на културно учество и го потиснува правото на малцинствата да го користат својот јазик во јавниот простор.
Со ваквите постапки, Република Грција се става во спротивност на највисоките стандарди на Обединетите нации, кои недвосмислено бараат од државите да обезбедат услови за слободно културно изразување и заштита на малцинските јазици. Ова не е само прашање на локална политика туку и прашање на меѓународна веродостојност: држава што систематски го замолчува јазикот на своите малцинства ја доведува во прашање сопствената позиција како членка на глобалната заедница што се темели на принципите на демократија, плурализам и човекови права.
Со вакви административни забрани, Грција не само што ја нарушува сопствената обврска кон граѓаните туку и ја доведува во прашање својата усогласеност со европските стандарди. Повелбата на ЕУ за основните права е јасна: Јазикот е право, не привилегија. Тој е основен елемент на идентитетот и културниот израз. Културната разновидност е вредност, не закана. Таа е темел на европската интеграција и гаранција за мирно и плуралистичко општество.
Забраната на македонски песни во Лерин е спротивна на духот на европската интеграција, која се темели на идејата дека различноста е сила, а не слабост. Наместо да ја слави културната разновидност, Грција ја потиснува, создавајќи атмосфера на страв и самоцензура кај уметниците и заедницата. Со ова станува јасно дека случајот во Лерин не е само локален проблем туку европски предизвик. Тој ја става под сомнеж веродостојноста на Грција како членка на Европската Унија, која е должна да ги почитува и спроведува принципите на Повелбата за основните права.
Истовремено, станува јасно дека забраната на македонски песни не е само локален административен акт туку и системска повреда на меѓународните обврски што Грција ги има преземено како членка на Советот на Европа. Таа ги нарушува Европската повелба за регионални или малцински јазици и Рамковната конвенција за заштита на национални малцинства, документи што се темел на европската политика за културна разновидност и човекови права.
Овој случај е пример за тоа како локалната цензура може да има пошироки импликации – да ја доведе во прашање веродостојноста на државата во меѓународните форуми, да ја изложи на критики од страна на институциите што ја следат примената на овие конвенции и да ја позиционира како држава што не ги исполнува своите обврски кон сопствените граѓани и кон меѓународната заедница.
Редакција на „Нова Македонија“































