Во духот на празниците, НУ „Охридско лето“ ѝ подари на публиката посебно музичко доживување преку свечениот новогодишен концерт, кој синоќа во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид донесе врвна уметност и празнична атмосфера.
На сцената настапија виртуозниот пијанист од Италија, Франческо Барбаџелата, и моќниот шпански тенор Рамирез Дроз Реиналдо Елаис, воодушевувајќи ја публиката со нивната импресивна изведба и извонредна музикалност.
Програмата, исполнета со внимателно одбрани арии и канцони, создаде топла и свечена атмосфера, а уметниците беа наградени со долги аплаузи.
Безвременските „La Donna è mobile“, „Lunge da lei“, „Pourquoi me reveiller“, „Nessun dorma“, „Granada“, „Mamma“ и „O sole mio“ беа само дел од репертоарот, а извонредниот тенор, во знак на благодарност кон организаторот „Охридско лето“ и кон публиката што ја исполни големата сала во Центарот за култура, изведе и една латиноамериканска композиција, покажувајќи ги и своите вештини на гитара.
Со овој концерт НУ „Охридско лето“ успешно ја заокружува 2025 година, во која одбележи јубилејни 65 години од своето постоење.
































