Ацо Шопов

Осврт и чествување на творештвото на македонскиот поет и академик Ацо Шопов по повод 102 години од неговото раѓање

  • Денеска, 20 декември, се навршуваат 102 години од раѓањето на академик Ацо Шопов, член на Македонската академија на науките и уметности. Тоа е нова пригода за осврнување, но и за соодветно чествување на неговата личност и неговото творештво како еден од основоположниците на современата македонска поезија и на современата македонска книжевност

„Јас сум ви тешко болен, и ќе ме снема, ме дави и гуши подземна стија. Млад сум, а душата ми е остарена од љубовта моја неостварена, љубовта Mакедонија“, запиша големиот македонски поет Ацо Шопов во воведната песна „Оздравување на болниот“, од неговата последна оригинална поетска книга „Дрво на ридот“ (1980), објавена две години пред неговото физичко заминување.
– Последните напишани песни, неретко се и аманети на поетите, особено кога се создадени во мигови на поетовата свесност за сопственото физичко заминување. Затоа, кога го чествуваме Ацо Шопов, силно ја чувствуваме потребата да го исчитаме и протолкуваме неговиот (поетски) аманет – истакнуваат д-р Весна Мојсова-Чепишевска, професорка во Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, и Иван Антоновски, асистент на истиот факултет и поет и книжевен критичар.

Според Науме Радически, Шопов во својата поезија постојано повикува на „завет кон татковината и слободата како многу поголеми од сопствениот живот“.
– Татковината е постојано присутна во секоја творечка фаза на поезијата на Шопов, од првото споменување на Македонија во збирката „Песна на црната жена“ (1976), до последната аманетна книга „На врвот“. Македонија е дел од авторовата интимност – нагласуваат Мојсова-Чепишевска и Антоновски во својот научен труд „Каде е Македонија во поезијата на Ацо Шопов“. Денеска, 20 декември, се навршуваат 102 години од раѓањето на академик Ацо Шопов, член на Македонската академија на науките и уметностите. Тоа е нова пригода за осврнување, но и за соодветно чествување на неговата личност и неговото творештво како еден од основоположниците на современата македонска поезија и на современата македонска книжевност.
Во споменатата воведна песна од „Дрво на ридот“ Шопов гласно извикува: „Македонија е во светот, а светот во Македонија. / Твоите очи греат ко сонце / низ твојата песна уште недопеана“.
Во последните стихови од оваа воведна песна лирскиот субјект, идентификуван со поетот, поттикнат од својата целоживотна мисија, тргнува на далечен пат. Притоа, „на долгите патишта на светот се отсликуваше ликот на Македонија, а ликот на светот се отсликуваше во Македонија“, кажа во своите стихови Шопов, како што посочуваат Мојсова-Чепишевска и Антоновски.

Ацо Шопов со извонредни поетски слики на свој начин ѝ пристапува на Македонија како тема уште во песната „Езеро на животот“ од стихозбирката „Небиднина“ (1963). „…разнишана од бури и породилна агонија / галијата плови низ бурите, ту изчезнува меѓу брановите, ту изронува од нив / со име Македонија“, истакнува Шопов во „Езеро на животот“.
Во „Дрво на животот“ Ацо Шопов уште пред 44 години вградил едно моќно тестаментално завештание до својот македонски народ, кое би се рекло уште посилно одекнува денес: во овие критични мигови кога од сите страни многумина од петни сили се устремиле да ја урнисаат Македонија во бездната на непостоењето, Македонците треба да ја зачуваат и да ја извишат на врвот на планината на животот, каде што е дрвото на нејзиниот живот, со своите корења, длабоко проникнати во сите векови и епохи на постоењето низ историјата! Во „Езеро на животот“ Шопов пее за „галијата Македонија“, која иако е „разнишана од бурите“, сепак, успева да се одржува на разбрануваните води на историските премрежиња.
Поезијата на Шопов на поезија на оптимизмот, поезија на македонската судба и опстојба. Во 1969 година на „Змаевите детски игри“ во Нови Сад, Шопов ќе нагласи: „Доаѓам од југ, од Македонија, земја на стари паметници на културата, на црното сонце на игото и долготрајниот јарем, каде што крстот на судбината е полесен од пепелта на минатото, каде што мртвите не можат да умрат додека трае песната на живите, каде што на живите не им тежат гробовите на мртвите, туку песните што ги пеат, каде што водата извира од срцата на фреските и, заплискана од сонцето без исток и запад, повторно се влева во истите тие фрески како скаменет вез на ѕидовите на постоењето и неизбежноста. Доаѓам, а една мисла повторно ме возбудува: колку разновидност, богатства, длабочини, колку патишта и различни судбини на една мала грутка земја која ја чувствуваме како наша татковина, како сиот свет во мало да застанал на неа, со пркос кон себеси и кон другите“.
Во песната „Долгото доаѓање на огнот“ Ацо Шопов пишува: „Ни мртвите се мртви ни живите живи. / Крстот им беше лесен, пепелта не им е лесна. / Мртвите ќе умрат тогаш кога и нивната песна. / Не им е тежок гробот мртвите кајшто лежат. / Песните што ги пеат на живите им тежат“.

– И тогаш силно почувствував дека во Македонија / се збиднуваат и се прекршуваат сите дилеми на светот, / а светот е бремен од проблемите на Македонија – пишува Шопов и на крајот на својот и творечки и физички живот ја потврдува својата приврзаност за Македонија.
Ацо Шопов (Штип, 20 декември 1923 – Скопје, 20 април 1982) е македонски поет и преведувач, еден од основоположниците на современата македонска поезија. Тој е и еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Уште како гимназијалец, во 1940 година, Ацо Шопов станал член на СКОЈ, а две години подоцна, се вклучил во антифашистичката борба, во редовите на Третата македонска ударна бригада. Член на истата бригада била и неговата љубена, Вера Јоциќ, која загинала на 22 мај 1944 година и на која Шопов ѝ ја посветил прочуената песна „Очи“. Неговата прва збирка Песни (1944) e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Тој бил претседател на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и негов член од основањето во 1947 г., прв претседател на Советот на фестивалот „Струшки вечери на поезијата“ (1962 г.) и член на Македонската академија на науките и уметностите од нејзиното основање (1967). Ацо Шопов бил амбасадор на СФРЈ во Сенегал (1971-1975).

Свето Тоевски