Фото: „Нова Македонија“

Поднесениот предлог-закон во американскиот Конгрес за повлекување на САД од Северноатлантската алијанса како повод

  • Предлог-законот посочува дека НАТО е „реликвија од Студената војна“, бидејќи е формиран за да му се спротивстави на СССР, кој се распадна пред повеќе од 30 години. Оттогаш, учеството на САД во Алијансата ги чинело американските даночни обврзници билиони долари, како што се наведува во текстот. Доколку предлог-законот биде усвоен, американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде обврзан во рок од 30 дена да го извести НАТО за повлекувањето на САД. Тој исто така би забранил користење на средствата на американските даночни обврзници за финансирање на буџетите на Алијансата. Во продолжение ќе се осврнеме на неколку аспекти од новонастаната ситуација и можните последици врз НАТО по најавите од САД

Самата идеја дека САД би можеле да се повлечат од НАТО повторно ја отвори суштинската дилема: Дали Алијансата сè уште е функционален безбедносен механизам или претставува скап и институционално инертен остаток од Студената војна? НАТО беше основан во 1949 година како западен одговор кон СССР, но геополитичката слика денес е значително променета, бидејќи заканите веќе не се само класично воени туку и кибернетички, хибридни, економски, енергетски и климатски.
Предлог-законот посочува дека НАТО е „реликвија од Студената војна“, бидејќи е формиран за да му се спротивстави на СССР, кој се распадна пред повеќе од 30 години. Оттогаш, учеството на САД во Алијансата ги чинело американските даночни обврзници билиони долари, како што се наведува во текстот. Доколку предлог-законот биде усвоен, американскиот претседател Доналд Трамп ќе биде обврзан во рок од 30 дена да го извести НАТО за повлекувањето на САД. Тој исто така би забранил користење на средствата на американските даночни обврзници за финансирање на буџетите на Алијансата. Во продолжение ќе се осврнеме на неколку аспекти од новонастаната ситуација и можните последици врз НАТО по најавите од САД.

Финансиски аспект: Цена на безбедноста

Претседателот на САД, Трамп, во повеќе наврати се закани дека ќе ја повлече земјата од НАТО, критикувајќи ги сојузниците во блокот за недоволно трошење на одбрана. По неговите критики, земјите членки на Алијансата се обврзаа да ги зголемат трошоците за одбрана до пет отсто од БДП до 2035 година.
Според официјални податоци за годинава, директниот цивилен и воен буџет на НАТО изнесува околу 4,6 милијарди евра, додека со вклучување на националните одбранбени буџети на сите членки, вкупната сума надминува 1,1 билион американски долари годишно. Критичарите сметаат дека значителен дел од тие средства се троши на администрација, инфраструктура и одржување традиционални армиски структури, наместо на модерни капацитети како кибер-безбедност и отпорност на хибридни закани.

Структурни слабости на Алијансата

НАТО функционира по принципот на консензус, што значи дека за клучните одлуки мора да се согласат сите членки. Тоа ја прави Алијансата бавна и често нефункционална при итни кризи. Постојаните тензии околу правичната распределба на товарот создаваат и внатрешни поделби меѓу членките.
Проширувањето на НАТО исто така го зголемува ризикот од поголеми конфликти, како и комплексноста на безбедносната архитектура: зголемениот број на членки резултира со повеќе обврски, поголеми трошоци и посложена командна структура.

Проширувањето на НАТО – клучна безбедносна дилема

Од крајот на Студената војна, НАТО постепено се прошири кон Источна Европа и поранешните земји од советската сфера, приближувајќи ја Алијансата до самите граници на Русија. Москва го доживеа тоа не само како геополитички пораз туку и како кршење на неформалните ветувања од раните 1990-ти дека НАТО нема да се шири „ниту една педа на исток“, иако тие никогаш не беа запишани во правно обврзувачки договор.
Со проширувањата во 1999, 2004, 2009, 2017 и 2020 година беше укината таканаречената „тампон-зона“ меѓу Русија и Западот. Од руска перспектива, тоа значеше директно приближување на воената инфраструктура на НАТО, што ја стави земјата во постојана безбедносна вознемиреност.
Тоа создаде класична „безбедносна дилема“: НАТО ги оправдуваше проширувањата како дефанзивни, додека Русија ги толкуваше како офанзивни. Тоа резултира со милитаризација од двете страни, распоредување ракети, воени вежби и зголемен ризик од директен конфликт меѓу две нуклеарни сили.
Денес границите на Источна Европа, наместо зона на стабилност, со тенденциите на експанзија на НАТО кон исток, се претворија во линија на постојана тензија, каде што секој локален инцидент носи потенцијал за поширока ескалација.

Аргументи за и против НАТО – зошто некои од аналитичарите го сметаат сојузот за неопходен

Поддржувачите на НАТО сметаат дека Алијансата останува клучен столб на европската безбедност. Анализи од Атлантскиот совет укажуваат дека НАТО може да остане релевантен ако се реформира и приспособи кон новите закани – особено кибернетичките и хибридните ризици.
Според Советот за надворешни односи, концептот „напад врз една членка е напад врз сите“ сè уште е најсилната безбедносна гаранција за малите држави, кои самостојно немаат капацитет за ефективно одвраќање. Овој став го делат и европски фондации, кои сметаат дека е неопходна трансформација (а не укинување на НАТО), како остварлив чекор кон напредок на Алијансата.

Аргументи против НАТО – зошто некои од експертите го гледаат како застарен модел

Критичарите укажуваат дека НАТО сè повеќе ја губи внатрешната кохезија. Анализи пренесени од „Дојче веле“ укажуваат дека политичките промени во САД ја прават неизвесна доверливоста на гаранциите на Алијансата. Проблемот со распределбата на трошоците останува хроничен, а растот, проширувањето со нови членки, како и експанзијата на исток од страна на организацијата, го зголемува опсегот на ризици наместо да го намалува.

Интервенционизмот како проблем за легитимитетот

НАТО одамна не е само дефанзивна алијанса. Во 1999 година таа интервенираше со воена сила против тогашна СР Југославија без мандат на Советот за безбедност на Обединетите нации. Овој чин создаде опасен преседан: Алијансата си додели право да дејствува без јасна меѓународна легитимација.
Покрај интервенцијата во СР Југославија, НАТО беше вклучен и во низа други спорни операции што ја нарушија неговата слика како исклучиво одбранбена алијанса. Во Авганистан, дваесетгодишната мисија заврши со колапс на државата и враќање на Талибанците, што отвори прашања за смислата и ефектот на интервенцијата. Во Либија, операцијата што почна како „заштита на цивили“ заврши со соборување на режимот и создавање хронична нестабилност. Иако формално не беше НАТО-мисија, војната во Ирак ги вклучи инфраструктурата и политичката поддршка на многу членки на Алијансата и остана симбол на интервенционизам без јасна легитимност. Во Сирија, земји членки дејствуваа во сива зона на меѓународното право, а во исто време НАТО молчешкум ги толерираше операциите на Турција против курдските сили. Овие примери ја поткопаа довербата во Алијансата и ја зајакнаа перцепцијата дека таа често функционира како инструмент на геополитичка моќ, а не само како колективен одбранбен сојуз.

Што значи НАТО за Македонија: безбедносен чадор или скапа обврска?

Македонија стана членка на НАТО во март 2020 година. Членството донесе политичка стабилност, модернизација на армијата и подигнување на интероперабилноста со западните армии. Но цената не е мала: државата издвојува над 2 отсто од БДП за одбрана, што за економски помала држава претставува сериозен товар.
Некои од аналитичарите посочуваат дека средствата за одбрана се пренасочуваат од клучни домашни сектори како здравство, образование и инфраструктура, без јасно мерливи економски придобивки.

Прашањето за реформирање останува клучно

НАТО денес стои меѓу две реалности: од една страна, организацијата сè уште е најсилниот постоен систем на колективна одбрана; од друга, нејзината структура и основачки цели потекнуваат од свет што веќе не постои.
Ако Алијансата остане статична, ризикува да се претвори во симбол без суштина. Ако, пак, се реформира длабински – со фокус на кибернетичка безбедност, хибридни закани, енергетска стабилност и отпорни институции – може да остане релевантен столб на меѓународната безбедност.
Дилемата не е дали НАТО треба да постои, туку каков НАТО е потребен во денешно време. Дали ќе остане институција заробена во логиката на Студената војна или ќе еволуира во флексибилен и легитимен систем за колективна безбедност – одговорот на тоа прашање ќе ја одреди неговата улога во иднина.