Добриот глас далеку се слуша
Минатата недела учениците од 5-б одделение во скопското ООУ „Владо Тасевски“, заедно со нивната наставничка Слободанка Кочовска Бадаровска, по иницијатива на свое другарче, чие сестриче е прваче, го исчистија просторот каде што секојдневно си играат нивните помали другарчиња – првачињата. Со овој гест тие покажаа зрелост, грижа и вистинска општествена одговорност.
– Нивната иницијатива нека биде инспирација и за другите ученици, но и за родителите, наставниците, сите вработени во училиштето и локалната самоуправа. Само со заеднички напори можеме да создадеме средина во која децата ќе растат со вредности, почит и чувство на заедништво. Заедно градиме училиште и заедница на кои сите ќе бидеме горди – велат од училиштето.
Акцијата на овие вредни и свесни деца е потсетник дека добриот пример започнува од најмладите. Тие покажаа дека кога постојат волја и тимски дух, секој простор може да стане подобро и побезбедно место за сите деца.

































