Археолошкиот музеј во Скопје и Филозофскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, денеска во 12 часот покануваат на претставување на дигиталната збирка натписи и приказни „Прометеј“ на веб-страницата https://prometheus-epigraphy.eu/ во Археолошки музеј во Скопје.
Оваа збирка содржи селекција од 30 натписи од периодот на римскиот принципат, напишани на грчки и латински јазик и пронајдени на териториите на Република Македонија, Република Бугарија и Република Србија. Збирката е придружена со приказни инспирирани од натписите, индекси и филтри за пребарување на содржините според специфични критериуми и прирачник со помошни материјали за разбирање на натписите.
Збирката е резултат на проектот „Прометеј ‒ Промовирање универзални вредности преку дигитална епиграфија и културно наследство“, кофинансиран од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија (потпрограма „Култура“); Министерството за култура и туризам, Министерството за култура на Република Бугарија, Министерството за култура и информации на Република Србија и партнерите на проектот: Археолошки музеј на Република Северна Македонија (координатор на проектот); Универзитет „Св. Климент Охридски“ во Софија; Балканолошки институт при Српската академија на науките и уметностите; Филозофскиот факултет во Белград и Филозофскиот факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
– Епиграфските споменици се важен дел од културното наследство и важен извор на информации за минатото. Тие сведочат за сите аспекти на човечката цивилизација и ни даваат важен увид во секојдневниот живот, општествените институции, политиката и културата. Но повеќе од кој било друг пишан историски извор натписите се лични записи. Тие сведочат за љубов, загуба, тага, надеж, вера, благосостојба, чест, гордост, почит, успех, моќ и авторитет, слобода, мир, војна. Затоа, тие се корисна алатка за препознавање и промовирање на универзалните човечки вредности и имаат потенцијал да ја поучат публиката, особено помладата генерација за важноста на човечноста, инклузивноста, различноста. Преку оваа збирка пошироката јавност има можност да се запознае со дел од епиграфското наследство на Република Македонија, за првпат дигитализирано во еден поширок контекст, како дел од културното наследство на земјите од Југоисточна Европа и Балканот, и да ги доживее на еден поинаков начин животот, културата и историјата на локалните племиња и нивните релации со цивилизациите на Античка Грција и Рим – информираат од Археолошки музеј во Скопје. С.Ј.


































