Фото: „Нова Македонија“

Уставниот суд поведе постапка за членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидско осигурување, кој се однесува на линеарното зголемување на пензиите, со кое редовното месечно усогласување врз основа на порастот на платите и трошоците за живот се заменува со еднаква распределба на средствата за сите пензионери, без разлика на висината на пензијата, стажот или уплатениот придонес.
– Станува збор за одредба со која се зголемуваат пензиите (во јавноста познато како линеарно зголемување), односно со оспорениот член 2 правото на редовно месечно усогласување на пензиите, пресметките направени врз основа на порастот на плати и трошоци за живот се заменети со линеарна распределба на вкупниот износ на средства за сите пензионери еднакво, без оглед на стекнатата и остварената висина на пензијата, стажот и уплатениот придонес – соопшти Уставниот суд.
Судот, како што стои во соопштението, го имал предвид фактот дека усогласувањето на пензиите е право на осигуреникот што му гарантира социјална сигурност во рамките на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со што се остварува и уставната гаранција за социјална сигурност на граѓаните.
Со поведувањето на постапка за оценување на уставноста на оспорениот член, Уставниот суд ќе испитува дали законското решение е оправдано и во доволна мера избалансирано. Н.М.