Фото: ЕПА

ТЕНИС – ЗАВРШЕН ВТА-ТУРНИР ВО РИЈАД

Казахстанката Елена Рибакина ја освои најголемата награда во историјата на женскиот тенис, победувајќи ја светската тенисерка број еден Арина Сабаленка од Белорусија во два сета во финалето на ВТА. Рибакина победи со 6-3, 7-6 (7-0) на турнирот во Ријад (Саудиска Арабија). Бидејќи двете тенисерки го поминаа турнирот непоразени, понудениот награден фонд беше рекордни 3,98 милиони фунти, најголемата награда во историјата на женскиот тенис, пишува „Би-би-си“.
Наградниот фонд ги надмина 3,74 милиони фунти што Сабаленка ги заработи за победата на САД опен во септември, што беше најплатениот гранслем-турнир во 2025 година.
– Тоа беше неверојатна недела. Искрено, не очекував никаков резултат, па затоа беше едноставно неверојатно да се стигне дотаму. Сакам да ѝ честитам на Арина што е број еден втора година во низа, тоа е неверојатно достигнување – рече Рибакина, пренесе „Би-би-си“.
Победата, шеста за Рибакина на мечевите со Сабаленка, значи дека таа ќе се искачи за едно место, на петтото, на ранг-листата.
– Денеска не беше мојот најдобар настап, но Елена дефинитивно беше подобрата тенисерка. Среќна сум што те гледам како играш најдобар тенис. Уживај во овој прекрасен трофеј – рече Сабаленка, пренесе „Би-би-си“. Г.И.