- Она што е особено важно е дека првиот круг од локалните избори мина во мирна и демократска атмосфера. Одзивот беше приближно на истото ниво како во првиот круг од локалните избори во 2021 година. Граѓаните очекуваат на овие избори да се изберат луѓе што ќе се зафатат со решавање на нивните проблеми
Македонските граѓани вчера гласаа во првиот круг од осмите локални избори од независноста, а право на глас имаа 1.832.415 граѓани распределени на вкупно 3.474 избирачки места низ земјава.
Ден претходно, своето право на глас го остварија 2.162 затвореници, лица во домашен притвор, 8.848 болни и инвалиди, како и 442 жители на домови за стари лица.
Очекувањата на граѓаните во најголем дел се однесуваат за почисти и пофункционални општини, но и за подобар живот во локалната самоуправа.
ОБСЕ/ОДИХР: Ги следиме сите аспекти поврзани со изборите
Матео Мекачи, шефот на Мисијата на ОБСЕ/ОДИХР, истакна дека меѓунардните набљудувачи ќе продолжат да ги следат сите аспекти поврзани со изборите.
– Како што рековме, не е битен само изборниот ден, туку важни се и предизборните процеси, како и процесите по самиот ден на изборите. Секако дека ги следиме сите аспекти што се поврзани со самите избори, тука може да ги споменеме регистрацијата на гласачи, самата кампања, финансирањето на кампања, пристапот до медиуми, гласањето на самиот ден на изборите, пребројување на гласовите итн. – рече Мекачи.
Тој ја даде изјавата за медиумите по посетата на избирачкото место во основното училиште „Лирија“ во општината Чаир, појаснувајќи дека мисијата се состои од околу 250 меѓународни набљудувачи, кои се распоредени на територијата на целата држава.
Технички проблеми
Во дел од гласачките места на територијата на градот Скопје беа забележани одредени технички пропусти, посебно со избирачки ливчиња за советнички листи на македонски јазик, додека насловниот превод на албански погрешно ги означува како ливчиња „за градоначалник“. Настана ситуација во која гласачите добиваат содржина за избор на советници (листинзи на партии/коалиции), но двојазичната насловна линија на документот во албанската верзија наведува друг вид избор.
На локалните избори се гласа одделно за градоначалници и за советнички листи; за Град Скопје постои посебно ливче за градоначалник на градот и друго за Советот на Град Скопје, независно од општинските ливчиња. Оваа структура е стандард на локалните избори: граѓаните избираат градоначалници и советници, а Градот Скопје има сопствен совет со 45 советници и градоначалник избран на посебно ливче.
Ако грешката е распространета, импликациите се сериозни: прво, потребни се итни инструкции од ДИК до избирачките одбори за коректно информирање на гласачите; второ, доколку постојат места каде што граѓани гласале со документ со наведувачки наслов, треба да се обезбеди записничко констатирање и евентуално обезбедување коректни ливчиња, за да нема простор за оспорување. Трето, на политички план, вакви пропусти ја еродираат довербата во изборниот процес, особено во мултијазичен контекст каде што јасноста на двојазичните обрасци е законска и демократска обврска.
Преполни кутии, потфрлање на читачите на отпечатоци
Поголем дел од граѓаните реагираа и на големината на изборните ливчиња и на преполните кутии, особено оние што правото на глас го остваруваа во попладневните часови.
– Добив четири гласачки ливчиња, две помали, но две навистина големи. Не ги собираше дури и на пултот каде што пополнувавме. Проблем беше да се свиткаат поголемите ливчиња, а уште поголем проблем да се вметнат во гласачките кутии бидејќи се заглавуваа при вметнувањето – вели Добрила Димевска од Кисела Вода.
Имаше и такви што имаа проблем со читачите на отпечатоци, односно скенерот не им ги отчитуваше отпечатоците од прстот.
– Пет пати пробавме, прво на десниот, потоа на левиот прст, но податоците не се појавуваа. На крајот ми побараа лична карта и така ја завршив својата граѓанска обврска – раскажува Мимоза Николовска.
МВР не регистрираше сериозни инциденти
Од Министерството за внатрешни работи информираа дека локалните избори 2025 поминаа во мирна, фер и демократска атмосфера на територијата на целата држава, а полицијата ги презема сите мерки за непречено и безбедно спроведување на изборниот процес.
Сепак додаваат дека биле регистрирани неколку пријави за агитирање при гласање на повеќе места, но по преземените мерки било утврдено дека најголем дел од пријавите немале основа.
И од Основното јавно обвинителство соопштија дека изборниот ден поминал без поголеми нарушувања. Сепак оттаму додаваат дека јавен обвинител од струмичкото обвинителство бил известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село, при што бил извршен разговор. За случајот била известена Државната изборна комисија за да го замени материјалот, но нема елементи на кривично дело.
Според извештајот на Јавното обвинителство, завчера биле евидентирани поединечни настани со наводи за изборен поткуп во обвинителствата во Велес, Прилеп, Крива Паланка и во Свети Николе.
Идентичен одзив со локалните избори во 2021 година
Според податоците соопштени од страна на Државната изборна комисија, вкупниот одзив во првиот круг од локалните избори изнесува 46,65 отсто, со напомена дека овие бројки се од податоците доставени до 18.30 часот.
– Последниот одзив е до 18.30 часот, одзивот на ниво на државата изнесува 46,65 отсто, односно излегле да гласаат 803.091 граѓанин, од 94,62 отсто од обработените избирачки места – рече Борис Кондарко.
Споредбено, одзивот во првиот круг од локалните избори во 2021 година изнесувал 49,98 отсто, но заклучно со 19 часот.
Во Скопје, одзивот до 18.30 часот изнесувал 46,64 отсто, односно правото на глас го оствариле 803.720 гласачи на 3.289 изборни места.
Сите индикации покажуваат дека одзивот ќе биде приближно на истото ниво како на изборите во 2021 година, иако одзивот во Скопје на овие избори е за четири-пет отсто понизок од минатите локални избори.
Вториот круг од локалните избори ќе се одржи на 2 ноември. Н.М.