„Театар Комедија“ ја најавува премиерата на новата театарска претстава „Аматери“, во режија, авторство и музика на Синиша Евтимов.
Премиерата ќе се одржи денеска, претпремиерата беше одиграна на 14 октомври, а првата реприза е закажана за 16 октомври.
„Аматери“ е сатирична и експлозивна театарска претстава што ги меша историјата, поп-културата и современиот апсурд во еден хаотичен, магично-забавен свет. Од Солунските атентати, преку партизани во универзумот „Фортнајт“, до пародични реклами за Кавадарци, козметика и хотели – сè е дозволено и ништо не е свето.
Преку динамични сцени и ликови што постојано се движат меѓу мит и реалност, „Аматери“ поставува прашања за идентитетот, историјата, смислата на животот и сè друго.
Ова е претстава за револуционери и будали, за љубовници и предавници, за партизани и инфлуенсери – за сите нас што од љубов кон идејата или хаосот остануваме аматери.
„Аматери“ е спектакл што ја брише границата меѓу смеењето и плачењето, меѓу историјата и фикцијата, меѓу трагедијата и фарсата.
Оваа претстава ја одбележува педесеттата премиера по ред од основањето на „Театар Комедија“ и претставува значаен јубилеј во неговата историја.
Режија, автор и музика: Синиша Евтимов. Продуцент е Татјана Дешко, сценографијата, костимите и дизајнот на видеото се на Илина Ангеловска.
Асистент на режиja е Борjан Стоjков.
Во „Аматери“ играат: Атанас Атанасовски, Валентин Костадиновски, Сергеј Димоски, Тони Денковски, Виктор Арсов, Јаков Спасов, Столе Мицов, Илија Илиоски, Жарко Димоски, Жаклина Петровска, Маја Љутков, Елена Кузманов.