Основното јавно обвинителство Битола отвори истражна постапка против осум физички и едно правно лице за продолжени кривични дела поврзани со јавни набавки во РЕК Битола.
Петмина службени лица во РЕК Битола, меѓу кои тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, се сомничат дека во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ така што не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола.
Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во правното лице ДТПУ Марковски Компани се сомничат дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство“.
Со предистражните дејствија кои, како што информираат од Обвинителство, по наредба на јавниот обвинител ги преземала Управата за финансиска полиција во изминатите неколку месеци, се обезбедени докази кои даваат основано сомнение дека петмина осомничени – службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
– Сите тие не ја извршиле својата службена положба и овластување со намера на друг да му прибават корист, а да го оштетат комбинатот, односно спротивно на основниот рударски проект и на потребите на рудникот „Живојно“ организирале и реализирале јавна набавка за дислокација на погонски станици од рудникот „Осломеј“ во ПЕ Рудници – РЕК Битола. Притоа, свесно ги повредиле основните начела за економичност, ефикасност и ефективност од Законот за јавни набавки, иако знаеле дека за транспортот на јаглен во рудникот Живојно до местото за дробење и до ПК Брод-Гнеотино, не е предвидена метода со континуирана технологија (роторни багери и транспортни ленти), туку метода на дисконтинуирана технологија (булдожери, багери и камиони). При дефинирањето на условите за јавната набавка тие ги повредиле начелата на сразмерност и конкурентност и овозможиле на една фирма, односно на осомниченото правно лице, да се јави како единствен понудувач и да склучи договор за јавната набавка, односно да се стекне со противправна имотна корист од големи размери – информираат од Обвинителство.
Тројца од горенаведените раководители и директори во ПЕ Рудници и уште едно службено лице во РЕК Битола се осомничени и за продолжено кривично дело – Измама во службата, бидејќи при реализацијата на договорот, иако знаеле и биле свесни дека правното лице воопшто не ги извршило договорните обврски, потпишувале записници и извештаи за извршена работа, со кои потврдиле дека во периодот од 26.02.2024 до 17.07.2024 година комплетно е извршена демонтажа, транспорт и монтажа на погонските станици од РЕК Осломеј во РЕК Битола.
– Правното лице, сопственикот/управител и уште едно лице вработено во компанијата се осомничени дека иако биле свесни дека работите не се извршени, доставувале фактури врз основа на кои од РЕК Битола незаконито наплатиле 106.200.000 денари со вклучен ДДВ, со што сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на постапката за јавен повик и јавно-приватно партнерство според член 275в од Кривичниот законик – информираат од Обвинителство.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Битола денеска ќе достави предлог за определување мерка притвор за две лица, односно за сопственикот на фирмата и за еден раководител од ПЕ Рудници при РЕК Битола. За две раководни службени лица од ПЕ Рудници и за вработениот во компанијата ќе бидат предложени мерки на претпазливост – одземање на патна исправа и повремено јавување во Судот. Поранешниот директор на РЕК Битола веќе се наоѓа во притвор по друга постапка, а уште едно службено лице од РЕК Битола во друга постапка е веќе обезбедено со мерки на претпазливост кои ги почитува до овој момент.
Од Управата за финансиска полиција, информираат дека до ОЈО Битола доставиле кривична пријава против лицата Б.М во својство на управител и сопственик и А.З. во својство на вработен во правното лице ДТПУ Марковски Компани Борче ДООЕЛ Битола и против лицата Б.Ч. во својство на Раководител во Подружница РЕК Битола – Новаци во Сектор за производство во ПЕ Рудници во Рудник Брод-Гнеотино, Д.П. во својство на Технички директор на Рудници во Подружница РЕК Битола – Новаци, Д.В. во својство на Технички Директор на ПЕ Рудници при РЕК Битола, В.Ј. во својство на Помошник директор на производство во Подружница РЕК Битола – Новаци во Сектор за производство, П.М. во својство на Директор на АД ЕСМ, во државна сопственост Скопје – Подружница РЕК Битола – Новаци во период од 24.11.2021 – 03.09.2024 година, А.Ј. во својство на Раководител во Подружница РЕК Битола – Новаци, во Сектор за производство во ПЕ Рудници во Рудник Суводол во Служба производство и против правното лице ДТПУ Марковски Компани Борче ДООЕЛ Битола за сторени кривични дела “Злоупотреба на службена положба и овластување” по член 353 став 4 вв став 1 од КЗ и “Злоупотреба на постапка за доделување на договор за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство”, казниво по член 275-в став 1 и став 3 од КЗ.
По превземени опсежни мерки и активности под раководство и во координација на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола, Управата за финансиска полиција обезбеди докази за постоење на основи на сомнение дека петмина службени лица во РЕК Битола, односно тогашниот директор на комбинатот и четворица раководители и директори во ПЕ Рудници во РЕК Битола, во текот на 2023 година како соизвршители сториле продолжено кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување според член 353 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.