Фото: ЕПА

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен следната недела ќе ги посети земјите од регионот на Западниот Балкан, информира денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.

Пињо нагласи дека повеќе детали за оваа годишна турнеја на Фон дер Лајен низ Западниот Балкан, Европската комисија ќе соопшти во текот на утрешниот ден.

Според расположливите информации, западнобалканската турнеја на Фон дер Лајен ќе почне в понеделник и во нејзини рамка таа в среда ќе престојува во Скопје.

Турнејата на Фон дер Лајен се поклопува со втората годишнина од усвојувањето на Планот на Европската комисија за раст на Западниот Балкан, кој, како што нагласи портпаролот на ЕК за проширување Гијом Мерсие ги поставува темелите за подготовка на земјите од регионот за интеграција во единствениот европски пазар и носи директни придобивки за граѓаните.

– Од мај 2024 година, доделените средства за Западниот Балкан преку Планот за раст донесоа конкретни придобивки за партнерите во регионот и за граѓаните, а сега напредуваме во нивната исплата и во спроведување на договорените реформски агенди – рече Мерсие.

Тој потсети дека досега се одобрени реформските агенди на пет од земјите од регионот, а во тек е разгледување и на реформската агенда на Босна и Херцеговина која била доставена до Европската комисија минатата недела, како и дека четири од партнерите веќе добиле средства за претфинансирање.

– Во иднина навистина треба да видиме реформи во пракса. Ова е инструмент базиран на постигнување, па затоа треба да видиме имплементација и продолжување на напорите во тој правец, а ние ќе продолжиме да ги поддржуваме партнерите за да ги завршат своите задачи – додаде Мерсие.