Фото: Маја Јаневска-Илиева

ОДБОЈКА

  • Македонија в година четврти пат во низа ќе игра на европските првенства за одбојкари. „ЕП 2026 ќе биде врвна одбојкарска забава. Ги поканувам сите гледачи од цела Европа, па дури и пошироко, да го резервираат датумот и да се погрижат да ги обезбедат своите билети што е можно порано“, вели претседателот на ЦЕВ, Роко Сикириќ. Ждрепката на групите ќе се влече в сабота, во Бари

Со долгоочекуваното извлекување на ждрепката в сабота, во Бари (Италија), почнува одбројувањето до почетокот на Европското првенство (ЕП) во 2026 година, пишува Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). На 34. ЕП за мажи ќе игра и репрезентацијата на Македонија, што ќе биде четврти настап во низа на црвено-жолтите на континенталните шампионати. Билетите за одбојкарската забава на годината ќе бидат пуштени во продажба на 7 ноември, најави ЦЕВ.
Европското првенство за одбојкарки на програмата е од 21 август до 6 септември во Истанбул (Турција), Брно (Чешка), Гетеборг (Шведска) и во Баку (Азербејџан). Актуелен континентален првак е Турција. Европскиот шампионат за одбојкари ќе се одржи во Италија, Бугарија, Финска и во Романија. Првиот дуел на ЕП 2026, спектакуларниот натпревар на отворено, во Неапол, е закажан за 10 септември, а настанот ќе го достигне својот врв во Милано, кога полуфиналето и натпреварите за медали ќе се одржат во најсовремената арена „Санта Џулија“ на 25 и на 26 септември, истото место каде што треба да се играат натпреварите во хокеј на мраз на претстојните Зимски олимписки игри во Милано и во Кортина д’Ампецо во 2026 година, пишува ЦЕВ. Полска е актуелен европски првак.
– ЕП 2026 ќе биде врвна одбојкарска забава. Ги поканувам сите гледачи од цела Европа, па дури и пошироко, да го резервираат датумот и да се погрижат да ги обезбедат своите билети што е можно порано. Земајќи ги предвид невидените достигнувања на европските селекции на неодамнешното Светско првенство, ќе бидете сведоци на одбојка на највисоко ниво и ќе доживеете искуство што ќе ве одушеви. Придружете ни се на настан што ќе влезе во историјата – изјави претседателот на Европската одбојкарска конфедерација, Роко Сикириќ, пренесе ЦЕВ.
Пред да се потврди распоредот на мечевите во групната фаза и пред билетите да бидат пуштени во продажба, ќе се влече ждрепката, в сабота, во Бари. Земјите домаќини ќе бидат на чело на соодветните групи и, според важечките прописи, сите тие имаат право да изберат по една репрезентација што ќе ѝ се приклучи на нивната група. Ждрепката потоа ќе продолжи, со сите преостанати селекции групирани во четири барабани врз основа на релевантното европско рангирање, пишува Европската одбојкарска конфедерација. Н.М.


ОФМ
Проектот „Играј одбојка – расти со неа“ повторно е активен

  • Проектот има цел да ја промовира одбојката меѓу младите генерации и истовремено да даде поддршка за овој спорт во училиштата и во локалните клубови, пишува ОФМ

Со почетокот на новата учебна година продолжуваат и активностите од проектот „Играј одбојка – расти со неа“, кој Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ) го спроведува под капата на Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ). Проектот има цел да ја промовира одбојката меѓу младите генерации и истовремено да даде поддршка за овој спорт во училиштата и во локалните клубови, пишува ОФМ.
Околу 30 клуба од целата држава се дел од проектот, кои ја промовираат одбојката во основните училишта во кои функционираат. Во септември имаше неколку активности во Скопје и во Струмица, каде што млади девојчиња се запознаваа со одбојката и учеа за нејзините основи, правејќи ги првите чекори во овој спорт, пишува ОФМ.
– Во рамките на овој проект, ОФМ додели одбојкарски топки и реквизити, кои ќе се користат во тренажниот процес. ОФМ во проектот на ЦЕВ „Играј одбојка – расти со неа“ е заедно со уште 30 национални федерации од Европа – велат од Одбојкарската федерација на Македонија. Г.И.