Знаменитостите на Македонија

  • Македонската народна музика е длабоко вкоренета во македонската колективната меморија, пренесувајќи прикази за љубов, страдање, херојство и за убавината на македонската земја

Песните од минатото се музички творби, но и сведоштва за настаните, обичаите и македонскиот идентитет. Постојат повеќе македонски народни песни што се одликуваат со својата убавина, но ние би ги издвоиле „Билјана платно белеше“ (љубовна песна, која понекогаш се нарекува најубава македонска песна), „Зајди, зајди, јасно сонце“ (печалбарска песна, која се изведува на традиционални настани), „Море сокол пие“ (епска песна, која се одликува со симболика на слободата и херојството) и „Јовано, Јованке“ (песна за забранета љубов).

„Билјана платно белеше“

Потекнува од Охридскиот Регион и се одликува со мотиви поврзани со охридските природни убавини, кои биле места на средби и љубовни приказни. Песната е дел од усната традиција, од непознат автор, но е обработена од повеќе композитори. Главната хероина, Билјана, бели платно на извор, нешто што е симбол на чистотата, младоста и традицијата. Се појавуваат винари, кои се обидуваат да ѝ се додворат. Но Билјана не сака вино и ракија, туку го сака момчето што го води карванот, што носи фесче и ја гледа „под око“ – симбол на тивка љубов и копнеж. Крајот на песната е трагичен, бидејќи Билјана изразува желба момчето да биде „однесено од вода“ или „каснато од змија“ – мотив на невозвратена љубов и болка.
Песната има многу варијанти, но најчесто се пеат првите 18 стиха. Преведена е и изведувана и во други земји, вклучувајќи ги Германија, Србија, Турција, што ја прави интернационално препознатлива.
„Билјана платно белеше на охридските извори. Оздола идат винари, винари белограѓани. Винари белограѓани, кротко терајте карванот, да не ми платно згазите, платното ми е даровно. Билјано, моме убаво, ако ти платно згазиме, со вино ќе го платиме, ем бела лута ракија. Не ви сакам виното, тук’ ви го сакам момчето, што напред води карванот, што фесче носит над око. Што фесче носит над око и мене гледат под око. Билјано, моме убаво, момчето ни е свршено. За него вино носиме, в’ недела ќе го жениме. Да би го вода однела и мене ми го донела, да би го змија к’снала со мојве долни запчиња.“

„Зајди, зајди, јасно сонце“

„Зајди, зајди, јасно сонце“ е една од најемотивните и најпрепознатливи македонски песни иако не е народна песна, туку авторска. Песната е напишана и компонирана од Александар Сариевски, еден од основачите на ансамблот „Танец“ и истакнат македонски интерпретатор на народна музика. Таа е во народен стил и е инспирирана од народната песна „Црнеј горо, црнеј сестро“. Песната е елегична и изразува длабока меланхолија, поврзана со поминатата младост, печалбарството и неповратноста на времето. Сонцето и месечината се повикани да „зајдат“ и да „се удават“ – симбол на крајот на еден период. Гората е персонифицирана како „сестра“ – со која лирскиот субјект ја споделува тагата. Мелодијата е длабоко емотивна, со модални елементи типични за македонската традиција.
Песната е преведена и изведувана на многу јазици, а денес се смета за песна што ги изразува колективниот копнеж и тага. Иако е авторска, народот ја прифатил како своја – што е најголемото признание за една песна.
„Зајди, зајди, јасно сонце. Зајди, помрачи се и ти, јасна ле месечино, бегај, удави се. Црнеј, горо, црнеј, сестро, двајца (двата) да црнееме, ти за твоите лисја ле, горо, јас за мој`та младост. Твоите лисја, горо сестро, пак ќе ти се вратат, (А) мој`та младост, горо ле (сестро), нема да се врати.“

Александар Сариевски

„Море сокол пие“

Оваа песна потекнува од централна Македонија, иако се пее низ целата македонска земја, но и низ Европа и светот. Таа е народна песна, која опишува херојски подвизи, страдања и борби. Песната е дел од усната традиција, со варијанти што се пренесувале од поколение на поколение.
Соколот, кој пие вода на Вардар, е симбол на слобода, храброст и будност. Се спомнува Јане, јунак со „девет лути рани“ – алузија на борец што преживеал тешки битки. Десеттата рана е „со нож прободена“ – што ја прави песната драматична и трагична, но и величествена. Повторувањето на стиховите „Јане, Јане ле бело грло, Јане, Јане ле кротко јагне“ внесува лирска нежност во епската структура.
„Море сокол пие вода на Вардарот, Јане, Јане ле бело грло,Јане, Јане ле кротко јагне. Море ој соколе, ти јуначко пиле Јане, Јане ле бело грло, Јане, Јане ле кротко јагне. Море нели виде јунак да премине јунак да премине с’ девет лути рани? Јане, Јане ле бело грло, Јане, Јане ле кротко јагне. Девет лути рани, сите куршумлии а десетта рана с’ нож е прободена. Јане, Јане ле бело грло, Јане, Јане ле кротко јагне.“

„Јовано, Јованке“

Песната потекнува од Битолскиот Регион, но е распространета низ цела Македонија. Се смета за традиционална народна песна, а нејзиниот автор е непознат. Преработена е од многу македонски музичари, вклучувајќи ги Александар Сариевски и групата „Леб и сол“. Песната опишува забранета љубов меѓу Јован и Јованка, спречена од мајката на девојката.
Сцената е поставена „крај Вардарот“, каде што Јованка бели платно – симбол на чистота, младост и традиција. Лирскиот субјект (Јован) изразува копнеж и болка поради раздвоеноста. Се смета за симбол на македонската љубовна лирика, со длабок емоционален одзвук.
„Јовано, Јованке, крај Вардарот седиш, мори бело платно белиш, бело платно белиш, душо сè нагоре гледаш. Јовано, Јованке, јас тебе те чекам, мори дома да ми дојдеш, а ти не доаѓаш, душо срце мое, Јовано. Јовано, Јованке, твојата мајка, мори тебе не те пушта, кај мене да дојдеш, душо срце мое, Јовано.“ Д.Ст.