Фото: Пиксабеј

Во основниот кривичен суд Скопје денеска почна судењето против поранешната претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Татјана Димитровска за оддавање службена тајна и компјутерски фалсификат.

Според обвинението, на Димитровска и се става на товар оддавање службена тајна на екс директорот на ТЕЦ Неготино и обвинет во случајот „Адитив“, Небојша Стојановиќ, како и за тоа дека се здобила со безбедносен сертификат за пристап до класифицирани информации откако ревизорот Миле Столевски во Државниот завод за ревизија го положил испитот во нејзино име.

Според одбраната на Димитровска, адвокат Владимир Туфегчиќ тестот не бил клучен елемент за добивање на сертификат државна тајна, туку проверките на АНБ и дека за таа цел предложиле да сведочат претставници на АНБ и од ДКСК.

Очекувам за Татјана Димитровска ослободителна пресуда, тоа е се што можам да кажам во овој момент, бидејќи во меѓувреме доставивме докази, кои целосно го дискредитираат обвинението против неа. Тоа се докази од Антикорупциска, извештај од 30 јули 2025 година, со кој се потврдува тезата на одбраната дека не е остварено законско битие на кривичното дело одавање на службена тајна, рече Туфегџиќ, во изјава за медиумите по денешното рочиште.

Обвинителка од ОЈО ГОКК Наташа Поп Трајкова, во изјава за медиумите по денешното рочиште, рече дека од телефонот на Татјана Димитровска се екстрахирани околу 250 илјади записи и дека при крај е и анализата.

-Имајќи предвид дека се работи за околу 250 илјади електронски записи од телефонот на претседателката, меѓутоа сакам да Ве известам дека заедно со колегата паралелно додека се врши анализата на податоците од телефонот, обвинителството презема и други дејствија согласно закон, како прибавување на потребни податоци од сите надлежни институции и сослушување на сведоци по однос на одредени индиции коишто произлегуваат од овие податоци, рече обвинителката Поп Трајкова.

Во случајот ќе и се суди и на раководителката од ТЕЦ Неготино, Билјана Петровска Мантева и ревизорот Миле Столевски, додека постапката за Борче Најдов ќе продолжи во склоп на случајот Адитив. Обвинителството бараше спојување со тој предмет и за другите обвинети, но судот го одби предлогот.

Татјана Димитровска во април годинава стана дел од проширената истрага за случајот „Адитив“, а во јули ОЈОГОКК соопшти дека таа е обвинета и за уште едно кривично дело- за добивање Сертификат за положен испит. Димитровска кон крајот на јули годинава поднесе оставка од функцијата.