Членовите на младинската организација „Креактив“ од Кавадарци реализираа работилници за 300 основци
- По успешно спроведените работилници во сите основни училишта и по завршната акција на градскиот плоштад, каде што имавме поставено и контејнер за донирање текстил од страна на граѓаните, се надевам дека го одбравме вистинскиот начин да ја издигнеме свеста кај младите за правилно постапување со отпадот од текстил, вели Виктор Атанасов од „Креактив“
Младинската организација „Креактив“ од Кавадарци деновиве повторно беше на терен, ги посети сите основни училишта во градот, каде што нејзините членови реализираа работилници за правилно постапување со текстилниот отпад.
Во работилниците беа вклучени повеќе од 300 ученици од петто одделение, кои со голем интерес и ентузијазам ги следеа активностите и учествуваа во разговорите за тоа што е текстилен отпад, каде завршува, колку време му треба да се распадне и зошто е важно да поправаме, пренамениме или да донираме облека наместо веднаш да ја фрлиме. Но доколку мораме да ја фрлиме, треба добро да размислиме која канта да ја одбереме затоа што во сите основни училишта во Кавадарци компанијата „Еко-текст“ има поставено свои објекти за собирање текстилен отпад.
Активно беа вклучени и наставниците, а учениците веднаш почнаа да ги откриваат своите идеи за нов живот на старата облека.
Следниот чекор на оваа акција беше големата собирна акција за отпаден текстил и текстилен базар, која се реализира мината среда, 24 септември, на градскиот плоштад во Кавадарци. Сите основни училишта имаа прекрасни штандови со рециклиран отпад, а задоволните и ведри детски лица најдобро ги покажуваа радоста и големиот ентузијазам со кои младите се впуштија во оваа еколошка акција. Тие покажаа голема посветеност, инвентивност и фантазија креирајќи прекрасни и корисни парчиња од текстил, вклучувајќи ги тука и оригиналните текстилни играчки. Во реализацијата на базарот, учениците имаа целосна поддршка од своите наставници, а родителите беа потенцијалните купувачи на детските текстилни креации.
– По успешно спроведените работилници во сите основни училишта и по завршната акција на градскиот плоштад, каде што имавме поставено и контејнер за донирање текстил од страна на граѓаните, се надевам дека го одбравме вистинскиот начин да ја издигнеме свеста кај младите за правилно постапување со отпадот од текстил. Покрај специјализираните контејнери за хартија, стакло и пластика и покрај комуналниот отпад, младите треба да бидат свесни за големото загадување од отпадот од текстил и долгиот временски период за негово распаѓање. Токму затоа има канти за текстилен отпад во секое училиште, поставени од „Еко-текст“– вели Виктор Атанасов од „Креактив“.
Целата акција е организирана во соработка со Општина Кавадарци, во рамките на проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда за Западен Балкан на локално ниво“. Акцијата е спроведена од Центарот за климатски промени во соработка со повеќе партнерски организации, меѓу кои и младинската организација „Креактив“ од Кавадарци.