Фото: „Нова Македонија“

Нападите врз весникот и вработените на „Нова Македонија“ се дел од поширока стратегија за влијание врз македонскиот јавен и медиумски простор

  • Написот на бугарскиот портал „Актуално“ во кој со лажни информации се напаѓа новинарот на „Нова Македонија“, Далибор Станковиќ, претставува класичен пример на медиумска манипулација во насока на дискредитација, а не за информирање. Целосно е јасно дека приложените документи се лажни и дека не станува збор за информирање, туку за проѕирен обид за дискредитација, медиумска контрола и за политичко влијание.
  • Во написот, покрај спорните документи, остро се критикува и авторската работа на Станковиќ во „Нова Македонија“, со цел тој да се прикаже како лицемерен, неавтентичен или платеник, во очигледен обид за поткопување на неговата јавна позиција, како и на медиумот во кој тој работи

Организираната кампања против весникот „Нова Македонија“ и понатаму продолжува, овој пат преку напис на бугарскиот портал „Актуално“ (Actualno.com) објавен завчера (беше преземен и од македонскиот портал „Трибуна“), во кој неосновано се тврди дека нашиот колега Далибор Станковиќ поднел молба за бугарско државјанство и се декларирал како Бугарин. Притоа споменатиот бугарски портал споделува и наводни документи со кои се обидува да ги поткрепи неоснованите тврдења. Меѓутоа споменатите документи не содејствуваат со личните податоци на Станковиќ, кој е роден во Скопје, а не во Куманово, додека имињата на неговите родители исто така не се оние што се наведуваат во документите. Приложената фотографија во споменатите документи исто така потврдува дека не станува збор за новинарот на „Нова Македонија“, туку за друго лице (кое не наликува на Станковиќ) со потекло од Куманово, кое во 2013 година поднело барање за бугарски пасош.

Бугарскиот портал „Актуално“, според прегледот на достапните информации, не наведува конкретен извор или линк до официјални институции за документите што ги објавува во врска со новинарот Станковиќ. Оттаму самоволно и без поткрепа тврдат дека тој поседува молба за бугарско државјанство, преку уверение од поранешната Државна агенција за Бугарите во странство (ДАБЧ) и декларација за бугарско потекло. Но нема директна потврда од бугарски државни институции, ниту транспарентен начин за проверка на автентичноста на документите. Очигледно е дека постои недостиг од проверливост на документите, со што се намалува нивната кредибилност. А тоа претставува класичен пример на медиумска манипулација во насока на дискредитација, а не за информирање. Целосно е јасно дека документите се лажни и дека не станува збор за информирање, туку за проѕирен обид за дискредитација, медиумска контрола и за политичко влијание.

Во написот, покрај спорните документи, остро се критикува и авторската работа на Станковиќ во „Нова Македонија“, со цел тој да се прикаже како лицемерен, неавтентичен или платеник, во очигледен обид за поткопување на неговата јавна позиција, како и на медиумот во кој тој работи.
– Пишувањето на бугарскиот портал има цел да го дискредитира Станковиќ и да го оспори неговото залагање за македонските национални политики и интереси, со што претставува обид за саботажа на македонскиот дискурс, бидејќи доколку македонската јавност започне да се сомнева во автентичноста на своите медиуми, во овој случај „Нова Македонија, тогаш се создава дискурзивна нестабилност – велат добро информирани извори запознаени со конкретната проблематика.

Според досегашни анализи, станува збор за медиумска манипулација и хибридно влијание, а одредени информации потврдуваат дека еден дел од бугарските медиуми и структури се дел од кампања на хибридни операции – со користење дезинформации за да се влијае врз внатрешната политика на Македонија.

Тенденциозниот напис е последен во низата такви злонамерни активности насочени кон првиот македонски дневен весник што вклучуваа хакерски напади, клевети и навреди. Ова е особено видливо во изминатиот период и преку подмолната активност на одредена невладина организација, која упорно поднесува неосновани приговори и жалби до Советот за етика во медиумите речиси за сите наши текстови во кои се критикуваат политиките на Бугарија, веројатно надевајќи се дека ќе влијае врз уредувачката политика на весникот. Токму затоа, очигледно е дека нападите врз весникот и вработените во „Нова Македонија“ се дел од поширока стратегија со која се целат личности што го оспоруваат бугарскиот наратив, а споменатата објава на бугарскиот портал има цел да го исчисти медиумскиот и јавен простор од „спротивставени гласови“. Што гарантирано нема да ѝ успее. Р.Н.М.