На својата претпоследна дискусија за доделувањето на наградата за најдобар превод „Драги“, жири-комисијата во состав д-р Анастасија Ѓурчинова (претседател), д-р Јана Михајловска и Иван Шопов (членови) одлучи во последниот круг на селекција да влезат пет преведувачи со изданија објавени од пет издавачки куќи и преводи направени од четири различни јазици (распоредени по азбучен ред според првата буква од името на преведувачот):
– Ермис Лафазановски за преводот од романски јазик на „Летото во кое мама имаше зелени очи“ од Татјана Цибуљак, издание на „Три“, 2024 година;
– Јасминка Марковска за преводот од норвешки јазик на „Утро и вечер“ од Јун Фосе, издание на „Артконект“, 2024 година;
– Калина Малеска за преводот од англиски јазик на „Слобода: созревање на крајот на историјата“ од Леа Ипи, издание на „Или-или“, 2024 година;
– Лидија Танушевска за преводот од полски јазик на „Емпусион“ од Олга Токарчук, издание на „Антолог“, 2025 година;
– Милан Дамјановски за преводот од англиски јазик на „Десет раскази“ од О. Хенри, издание на „Светла комора“, 2024 година.
Во партнерска соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, соопштувањето и доделувањето на наградите „Драги“ ќе се случи на 2 октомври, во 10.30 часот, во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните.
Годинашното издание на наградата „Драги“ е реализирано од страна на издавачката куќа „Антолог“, со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Македонија и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ Скопје. Наградата се состои од статуетка „Драги“ и паричен дел, кој изнесува 40.000 денари.