Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ако малцинствата во соседните држави не ни бидат заштитени, и народот во матичната држава е животно загрозен

Годишнина од клучен настан од блиската историја: Потсетување на уставноправната обврзаност за сесрдна грижа за Македонците надвор од државата (2)

Викендов што измина се навршија 35 години од донесувањето серија амандмани на Уставот на тогашна Социјалистичка Република Македонија (СРМ). Имено, во таа 1990 година меѓу донесените амандмани во Собранието на Македонија беше и амандманот 58, за кој проф. д-р Мишо Докмановиќ констатира дека „со овој уставен амандман за првпат беше воведена експлицитна одредба во еден македонски устав, која се однесуваше на обврската за грижа за македонското малцинство во соседните земји“!
Амандманот 58 гласеше: „СРМ се грижи: за положбата и правата на деловите на македонскиот народ во соседните земји; за Македонците во другите земји; за иселениците од Македонија и за граѓаните на привремена работа во странство и ги поттикнува и помага одржувањето и развојот на врските со нив“. Дваесет и девет години потоа, имено на 11 ноември 2019 година, како директна последица на усвоениот Преспански договор и бугарскиот договор, македонското собрание ќе го усвои и амандманот 36 на Уставот. Со тоа, целосно се избриша амандманот 58 од 1990 година, преточен во членот 49 на Уставот, и македонската држава не само што се откажа од грижата за македонските национални малцинства во Грција, Бугарија и другите соседни држави туку и ги прогласи како тамошна дијаспора!
Така, Македонија, според странски правни експерти, „во формална смисла, од уставноправен аспект, многу тешко или никако не ги препознава
припадниците на македонскиот народ“ (кои живеат како национално угнетени, дискриминирани и непризнаени национални малцинства во соседните држави, пред сѐ во Грција и Бугарија). Од друга страна, издвојуваат соговорниците, сите балкански држави во своите устави како висок приоритет имаат јасно стипулирано дека „деловите од нивните народи што живеат надвор од границите на нивните држави ќе уживаат право на заштита од матичната држава, во согласност со принципите на меѓународното право и меѓународните договори, која ќе ги штити нивните права и легитимни интереси“!

Македонија има легитимно право да се грижи за Македонците во другите држави на Балканот и во светот. Тоа легитимно право го црпи од легалитетот генериран од принципите и нормите на меѓународното право! Аналогно, поаѓајќи од обврската на усогласување на внатрешното право со меѓународното право, во македонскиот устав во иднина би требало активно да се размислува во насока „попедантно и почисто да се внесе одредба со која се потврдува суверениот легалитет за обврската на матичната држава да се грижи за своето малцинство надвор од државните граници“! Тоа е нешто што ни е познато, блиско, нешто што сме го имале пред 35 години како „национална држава дефинирана како таква со Устав“, а што брутално пасивно агресивно ни го одзеле со ултиматуми, притисоци, уцени… заради влез во ЕУ и НАТО, па дури и со наметнати воени судири, заради дисциплинирање на Македонија и нејзино моделирање по теркот на (нео)либералните европски елити и (тогашни) американски такви политики.

Денес го објавуваме второто продолжение посветено на 35-годишнина од донесувањето на амандманот 58, кој се однесуваше конкретно на „обврската за грижа за македонското малцинство во соседните земји“.


  • Во вториот дел од анализата, денес ќе се обидеме да расчистиме со констатацијата дека „во поглед на грижата за деловите на македонскиот народ, кои живеат како национални малцинства во соседните држави, постојниот устав на Македонија е во остар судир не само со нормите и принципите на меѓународното право туку и со уставната пракса во повеќе држави од Балканот и пошироко од Европа“! Токму во еден ваков контекст донесуваме споредбена анализа на уставите на Грција, Бугарија, Албанија и на одделни покарактеристични устави и на некои други европски држави, како и анализа на соодветните меѓународни конвенции на ООН и на Советот на Европа за правата на националните малцинства и обврската на односните држави да ги почитуваат тие малцински права

Свето Тоевски

1. Грција

Уставот на Грција од 1975 година, ревидиран во 2008 година, не говори стриктно за „грижа и заштита на грчки национални малцинства“ во други држави, но го нагласува „одржувањето на врските на Грците во странство со Татковината“. „(1) Државата мора да се грижи за емигрантите – Грци и за одржување на нивните врски со татковината. Државата ќе се грижи за образованието, социјалниот и професионалниот напредок на Грците што работат надвор од државата. (2) Со законот ќе се утврдат прашањата што се однесуваат на организацијата, работењето и надлежностите на Советот на Грците во странство, чија мисија е изразување на сите заедници на Грците низ целиот свет“, се наведува во членот 108 на највисокиот грчки правно-политички акт.

Во согласност со цитираната уставна одредба, парламентот на Грција го усвои на 26 февруари 2021 година [ https://www.icsgr.com/re-operation-of-the-council-for-hellenes-abroad-sae/], Законот број 4728/21 (А’ 31), кој ги дефинира и ги прецизира улогата, целите и активностите на Светскиот совет на Грците во странство. „Мисијата на Светскиот совет на Грците во странство како советодавно тело на грчката држава е да им се даде глас на сите грчки сили ширум светот… Целите на овој совет се главно: а) познавањето, зачувувањето и промоцијата на грчкиот јазик, грчката култура и филхеленизмот (грчкољубието – заб.ред.), б) благосостојбата и напредокот на Грците, кои работат надвор од Грција, в) зајакнувањето и отвореноста на националниот и културниот идентитет на хеленизмот, г) цементирање на врските меѓу Грците во светот, имено односите меѓу и дијаспората и иселениците, како и со татковината…“, пишува во споменатиот закон за Светскиот совет на Грците во странство.

Значи, грчката држава со устав и закон ги „цементира врските на Грците со татковината“, а преку Преспанскиот договор со „атомска бомба“ ги растури врските на Македонците, кои живеат во Егејска Македонија, во Северна Грција, со татковината Македонија. Грција со устав и закон им „дава глас на сите грчки сили низ светот“, а повеќе од еден век жестоко го замолкнува гласот на целосно непризнаеното, дискриминирано, но не и целосно асимилирано македонско малцинство на нејзината територија, изложено и на етничко чистење и стравотен геноцид пред Букурешкиот договор од 1913 година, како и во годините и децениите потоа. Грција со устав и закон се грижи за „познавањето и зачувувањето на грчкиот јазик, грчката култура и грчкољубието“, за „зајакнувањето на националниот и културниот идентитет на хеленизмот“ (читај: на Грците).

Од друга страна, Грција повеќе од еден век се обидува да ги уништи македонската етничка засебност и македонскиот национален и културен идентитет на својата територија, а македонскиот јазик го прогласува како „идиом“, како нешто што поправо и не постои. Со Преспанскиот договор, Грција елиминира каква било можност Македонија со свој устав и закон да се грижи, во согласност со меѓународните принципи и норми, за правата, идентитетот и јазикот на Македонците во Егејска Македонија, секако на начин што не би претставувал мешање во внатрешните работи на грчката држава.

Грција со Преспанскиот договор не само што „стана сопственик на името Македонија“ туку и, кажано со нивниот уставен и законски речник, ја „зацементира“ „невидливоста“ на Македонците на својата територија, а Македонците ги прогласи за „северномакедонци“ во сопствената татковина Македонија, која се преименува како „Северна Македонија“.

„Групата за малцински прашања“ („Minority Rights Group“) со седиште во Лондон, Велика Британија, искажува невидено остри обвинувања дека етничкото македонско малцинство во Грција ниту се признава дека воопшто постои, ниту оти има какви било малцински права, поради „силниот отпор на грчката влада, на грчките националисти и етничкото грчко население како целина“!

„Терминот ‘Македонија’ стана чувствително прашање за Грција, поради етничкото македонско население во северна Грција. Уште од 1913 година грчката држава се обидува да го асимилира тоа македонско малцинство. Македонското малцинство ги обнови барањата да му се додели статус на малцинство. Грчката влада продолжува да не го признава и македонскиот јазик, што го зборуваат лицата во северозападниот дел на земјата, нарекувајќи го ‘идиом’. Македонските говорители инсистираат на употреба на терминот ‘македонски’, за да го опишат својот јазик. Но терминот ‘говорители на македонски јазик’ предизвикува силен отпор од грчките националисти и од етничкото грчко население како целина“, наведува „Групата за малцински прашања“ во својот извештај со наслов [ https://minorityrights.org/communities/macedonians-3/ | „Македонците во Грција“ ], објавен во септември 2018 година, кој и денес стои на нејзината интернет-страница.

Овие ставови на „Групата за малцински прашања“ имаат дотолку поголема меѓународна и политичка тежина со оглед на тоа дека се непосредни согледувања од „теренот“ на оваа една од водечките светски невладини организации за правата на националните, религиозни и јазични малцинства, како и за правата на домородните народи низ светот. Во споменатиот нејзин извештај се заклучува: „Иако разни тела за човекови права силно ѝ препорачаа на грчката држава да преземе мерки за признавање и заштита на јазичните права на населението што зборува македонски јазик во Грција, грчката влада продолжува да ги игнорира таквите совети“.

Сево ова што го изнесовме се силни аргументи не само да се врати грижата за Македонците во Грција во Уставот како императивна обврска за нивната матична татковина Македонија туку и за колку што е можно поскорешно поништување на Преспанскиот договор.


2. Бугарија

Исто како и Уставот на Грција, [https://constitutionnet.org/sites/default/files/Bulgaria%20Constitution.pdf], Уставот на Бугарија не говори стриктно за „грижа и заштита на бугарски национални малцинства“ во други држави, туку употребува израз „заштита на бугарски граѓани во странство“. Во поглавје 2, член 5 на бугарскиот устав се наведува: „Бугарските државјани, кои престојуваат во странство се под заштита на Република Бугарија“. Но Законот за Република Бугарија многу поконкретно ги разработува државната грижа и поддршка за „етничките Бугари што живеат во странство“. „Бугарија ги поддржува организациите посветени на бугарскиот јазик, култура и религиски традиции на Бугарите во странство. Бугарската држава е обврзана да ги заштитува правата и легитимните интереси на Бугарите, кои живеат во странство во согласност со меѓународното право“ пишува, покрај другото, во Законот за Република Бугарија.
Бугарија има „право да ги заштитува правата и легитимните интереси на Бугарите во странство“, а на Македонија ѝ оспорува какво било право да бара да ги заштитува, исто така, легитимните интереси на Македонците во Бугарија. Бугарија има право да ги штити и бугарскиот јазик и култура на Бугарите во странство, а низ Европа и низ ходниците на ЕУ преку своите политичари и пратеници во Европскиот парламент се надвикува дека „нема македонски јазик, а нема ниту Македонци“. (!?)

Сето тоа е интензивирано по потпишувањето на де факто „бугарскиот договор“. По него на 9 октомври 2019 година Владата на Бугарија усвои Рамковна позиција, потврдена со Парламентарна декларација на 10 октомври 2019 година, во која се утврдени условите за почеток на преговорите на Македонија и Албанија со Европската Унија. Во Глава I точка 1 ставовите 1, 2 и 3 од бугарската Рамковна позиција се вели: „(1) Република С. Македонија треба да ја суспендира и да се воздржи од водење политика, независно под каква било форма, на поддршка и промоција на барања за признавање на таканареченото ‘македонско малцинство’ во Бугарија. Република С. Македонија безрезервно и навремено да ги усогласи своите позиции и активности во меѓународните организации и форуми со членот 11 од Договорот за добрососедство, јасно кажувајќи дека нема историски, или демографски причини да бара малцински статус за која било група граѓани на територијата на Република Бугарија.
Мултилатералните формати и механизмите за набљудување на Советот на Европа не треба да се инструментализираат од Република С. Македонија за вршење притисок врз Бугарија за прашања поврзани со правата на лицата што припаѓаат на малцинските групи…“.

На 25 јуни 2021 година бугарското Министерство за надворешни работи објави и пет точки, кои Македонија мора да ги спроведе, за да не стави Бугарија вето на почетокот на преговорите за пристапување на државата Македонија во сојуз со Европската Унија:… (2) Македонија да ги повлече своите малцински побарувања кон Бугарија, потврдувајќи дека нема историски, етнички и други основи за барање статус на малцинство на територијата на Република Бугарија…“.

Многу е важно да се обрне вниманието на еден момент: Бугарија досега никаде во ниедна друга држава во Балканот, ниту во белиот свет немала свое национално бугарско малцинство, ама сега, прекуноќ го „здогледала“ и го „пронашла“ „бугарското малцинство во Македонија“ истиот момент кога бил потпишан Договорот за добрососедство со Македонија. (?!)

Не помина многу време и тоа „бугарско малцинство“, со помош на меѓународните и европски „геополитички алхемичари“, веќе прерасна и во „бугарски државотворен народ“ со „дури“ 3.504 „државотворци“, колку што беа преброени на последниот попис во 2022 година. А оние неколку стотини илјади Македонци во Пиринска Македонија, денес во Бугарија, за политичкото раководство и „научната елита“ на оваа држава се само „етнички фантоми“, кои не постојат во Бугарија, туку во „нулта димензија“.

Д-р Билјана Волческа-Вербруге, предавачка по европска интеграција и културни студии на Универзитетот „Тилбург“ во Холандија, ја критикува Бугарија дека преку хегемонистички говор и пристап бара да се откаже Македонија од какво било тврдење во врска со постоењето на македонското малцинство во Бугарија.

– Бугарските политичари изразија сомнеж во легитимноста на македонската држава и експлицитно негативни чувства за нејзината националност, јазик и идентитет. Бугарското негирање на постоењето на посебен македонски етнички идентитет и јазик е официјална политика барем од 60-тите години на минатиот век. Европската Унија ги интернационализира и ги европеизира ваквите историски спорови. Во октомври 2019 година, бугарскиот парламент усвои декларација, во која се наведени околу 20 барања што владата на С. Македонија ќе треба да ги исполни за време на пристапните преговори. Во декларацијата се наведува: ‘Бугарија нема да дозволи интеграцијата на С. Македонија во ЕУ да биде придружена со европска легитимизација на антибугарска идеологија’. Со оваа декларацијата се бара од С. Македонија да се откаже од какво било тврдење во врска со постоењето на македонско малцинство во Бугарија – укажува д-р Билјана Волческа-Вербруге. Посебно е важен фактот што овие свои ставови македонската експертка ги изнесе во пошироката европска научна и политичка јавност преку својата статија [https://journals.sagepub.com/doi/10.1177/00472441251331212 | научна статија] со наслов „Повторното пишување на историјата како предуслов за членство во ЕУ“, објавена на 3 јуни 2025 година во „Журналот за европски студии“.


3. Албанија

За разлика од Грција и Бугарија, Албанија во својот устав експлицитно говори за „заштита на албанскиот народ, кој живее надвор од нејзините граници“. Во членот 108 на Уставот на Албанија пишува: „(1) Република Албанија ги штити националните права на албанскиот народ, кој живее надвор од нејзините граници. (2) Република Албанија ги штити правата на своите граѓани со привремен или постојан престој надвор од нејзините граници. (3) Република Албанија обезбедува помош за Албанците, кои живеат и работат во странство, со цел да ги зачуваат и развијат своите врски со националното културно наследство“.

Дипломатските претставници и највисоките политичари и претставници на албанската држава особен интерес пројавуваат за состојбата и правата на Албанците во Република Македонија, неретко воопшто и не воздржувајќи се тој интерес да го искажуваат на начин со елементи на мешање во внатрешните работи на македонската држава. Дури и да го предупредуваат Уставниот суд на Македонија да не ја „забранува употребата на албанскиот јазик“ во расправата за Законот за јазиците. Едно е со принципите на вистинското добрососедство и во духот на заемно разбирање и пријателство државите да имаат и да пројавуваат легитимен интерес за животот на деловите на својот народ во други соседни држави, но нешто сосема друго е постапувањето спротивно на овие заемно важечки принципи. Легитимен е интересот и на Македонија за состојбата и правата на Македонците што живеат во Албанија, легитимно е да бара албанската држава да ги спречува „идентитетските екскурзии“ на великобугарските емисари на Софија во подрачјата во Албанија кај што живеат Македонци, заради нивно бугаризирање. А за што Албанија многу и не се труди да стори нешто, бездруго од страв Бугарија да не ѝ „плесне“ и нејзе вето на патот кон ЕУ, како што ѝ направи на Македонија. Но барем досега вето нема од Софија за Тирана, зашто некои работи можеби „фино“ и молкум меѓусебно се договорени, врз грбот на Македонците во Албанија…

Нормите и принципите за заштита на правата на националните малцинства на својата територија и за поддршка и заштита на деловите од сопствениот народ како малцинства на територијата на друга држава, најцелосно се содржани и конкретизирани во таканаречените Препораки за националните малцинства во меѓудржавните односи од Болцано/Бозен, кои ги објави Организацијата за европска безбедност и соработка ОБСЕ во 2008 година.

„Државите може да имаат интерес – дури и уставно декларирана одговорност – да ги поддржуваат лицата што припаѓаат на национални малцинства што живеат во други држави, врз основа на етничка, културна, јазична, верска, историска или која било друга. Државите и на својата територија треба да му го гарантираат правото секому, вклучително и на лицата што припаѓаат на национални малцинства, на еднаквост пред законот и на еднаква заштита според законот. Во овој поглед, дискриминацијата врз основа на припадност на национално малцинство или сродни основи е забранета. Постигнувањето суштинска еднаквост може да бара посебни мерки и таквите мерки не треба да се сметаат за дискриминаторски.

* Државите треба да ги почитуваат и промовираат правата на лицата што припаѓаат на националните малцинства, вклучително и правото слободно да го изразуваат, зачувуваат и развиваат својот културен, јазичен или религиозен идентитет, ослободен од какви било обиди за асимилација, против нивна волја.

* Државите треба да ја промовираат интеграцијата на општеството и да ја зајакнат социјалната кохезија. Ова подразбира дека на лицата што припаѓаат на националните малцинства им се дава ефективен глас на сите нивоа на управување, особено во однос на, но не ограничувајќи се на, оние прашања што ги засегаат. Интеграцијата може да се постигне само ако лицата што припаѓаат на националните малцинства, пак, учествуваат во сите аспекти на јавниот живот и ги почитуваат правилата и прописите на земјата во која живеат.

* Државите не треба претерано да го ограничуваат правото на лицата што припаѓаат на националните малцинства да воспоставуваат и да одржуваат непречени и мирни контакти преку границите со лица што законски живеат во други држави, особено со оние со кои делат национален или етнички, културен, јазичен или религиозен идентитет или заедничко културно наследство“, ова се само дел од клучните Препораки за националните малцинства во меѓудржавните односи од Болцано/Бозен на ОБСЕ, во кои се вградени и соодветните конвенции на Обединетите нации и на Советот на Европа за правата на националните малцинства.


Колку Грција, Бугарија и Албанија (не) ги почитуваат и (не) ги применуваат Препораките за националните малцинства во меѓудржавните односи Болцано/Бозен?

Конечно следува и прашањето што логично се поставува.
Имено: Колку Грција, Бугарија и Албанија (не) ги почитуваат и (не) ги применуваат Препораките за националните малцинства во меѓудржавните односи од Болцано/Бозен кога станува збор за македонските малцинства на нивната територија? Колку ги спроведуваат и одредбите на меѓународните конвенции на ООН, на Советот на Европа и на други меѓународни организации и форуми кога се работи за Македонците во овие балкански држави? Со устав бараат права за своите народи во други држави, а не ги признаваат правата на Македонците на нивната територија. Оваа политичка Европа и ЕУ одамна се слепи за кршењата на малцинските права на Македонците во „доброто соседство“.