Проф. д-р Рисима Рисимкин и доцентката Адријана Данчевска-Ровчанин деновиве во Будимпешта учествуваат на конференција со која почнува најновиот проект на Катедрата за современ танц и балетска педагогија при Универзитетот „Гоце Делчев“ и четири други европски академии, како дел од програмата CEEPUS.
– Многу сме задоволни што го добивме овој проект, кој повторно нѐ поврзува со европската танцова сцена, поради можностите што се отвораат во насока на унапредувањето на системите на настава, но најмногу поради можноста за размена на студенти и професори, што на нашите сегашни и идни студенти им овозможува непречен развој и надградба на уметничкиот идентитет. Универзитетот „Гоце Делчев“ посветува посебно внимание на константниот развој на студентите и нивна реална надградба – вели актуелната деканка на Катедрата за современ танц и балетска педагогија, проф. д-р Рисима Рисимкин.
Проф. д-р Рисимкин ќе го претстави трудот под наслов „Искуството со споделување танцови практики“, со осврт кон работата на Катедрата за современ танц и балетска педагогија при УГД, на кои од самото основање постојано присуствуваат и се едуцираат студенти и од странство.
Доцентката Данчевска-Ровчанин ќе го претстави трудот „Македонската современа танцова сцена“, во кој дава опис на достигнувањата и напредокот на домашната сцена.

– Овој проект повторно нѐ става на мапата на европските танцови универзитети и академии и ни помага да бидеме препознаени не само кај нас туку и на светската танцова сцена. Размената на искуства и споделувањето се особено важни во уметноста на танцот, особено на универзитетските програми, а ние сме посебно насочени кон реални проекти во кои нашите студенти учествуваат постојано. Нашите студенти имаат можност за пракса со Танцовиот театар во Скопје (следната недела патуваат на фестивал во Италија), како и можност за соработка со 13 европски универзитети, каде што некои од нив ќе престојуваат во претстојниот период – вели доцентката Данчевска-Ровчанин, која од 15 септември 2025 година ќе ја преземе функцијата декан на Филмската академија.
Дводневната конференција со која започнува проектот „Споделување танцови практики“ се одржува во центарот „Трафо“ во Будимпешта, кој е еден од најпознатите центри за современа култура во Европа, а на проектот, покрај УГД, учествуваат и Академијата за циркус и современ танц од Будимпешта, Унгарија; Академијата за изведувачки уметности од Братислава, Словачка; Универзитетот за музика, драма и танц „Антон Брукнер“ од Линц, Австрија, и Академијата за изведувачки уметности од Прага (ХАМУ), Република Чешка.