Се заљубив во комплексноста на нејзиниот лик, нејзината смелост. Доаѓајќи од истата земја и град, од Скопје, веднаш се поврзав, се восхитував на нејзината храброст. Храброст и убеденост, таа беше сè што посакував да бидам, споделува Теона Стругар Митевска

Теона Стругар Митевска, режисерка

„Калкута, Индија, август 1948 година. Тереза, настојничка на манастирот на сестрите од Лорето, со нетрпение го чека писмото што конечно ќе ѝ дозволи да го напушти својот манастир и да создаде нов ред како одговор на повикот што го добила од Бога. И токму кога сè изгледа подготвено, таа се соочува со дилема што ги предизвикува нејзините амбиции и вера, како и со голема пресвртница во нејзиниот живот“. Ова накратко е синопсисот на „Мајка“, првиот филм на Митевска на англиски јазик, по сценарио нејзино и на Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ. Инспириран е од животот на Мајка Тереза, особено од нејзината внатрешна борба да ја оствари својата визија и хумана мисија.
Мајка Тереза ја игра шведската актерка Номи Рапас, Никола Ристановски го игра отец Фредерик, а Силвија Хокс ја игра сестра Агнешка.
Филмот „Мајка“ ја имаше својата премиера на 82. Меѓународен филмски фестивал во Венеција. Ова е третпат како Теона Стругар Митевска се претставува со свој филм во официјална програма на фестивалот во Венеција, по „Најсреќниот човек на светот“ (во Хоризонти, 2022) и експерименталниот „Дваесет и еден ден до крајот на светот“ во 2023 година.
„Мајка“ на Теона Стругар Митевска е селектиран и во официјалната програма на престижниот 69. Лондонски филмски фестивал на Британскиот филмски институт (БФИ), кој ќе се одржи од 8 до 19 октомври 2025 година.
Но претходно македонската публика ќе може да го види како дел од програмата на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. „Мајка“ ќе го отвори годинашниот фестивал „Браќа Манаки“ на 20 септември во Битола.

Што ве натера да ја раскажете токму оваа „внатрешна“ приказна за Мајка Тереза – жената зад митот?
– Идејата за овој филм започна пред 15 години, во моментот кога го снимав „Тереза и јас“, документарецот за Мајка Тереза, кој беше нарачан од националната телевизија. Во тој момент ја открив личноста зад митот и се заљубив.  Ликот што го открив преку анегдотите на сестрите што ја познавале беше храбра и амбициозна жена, со амбиција да го направи невозможното. Ми се допадна идејата да ставам таков лик на големото платно, овој многу необичен приказ на светица. Ја сакав човечноста во неа, како и нејзината кршливост. Откако почнав да го развивам проектот, не можев да се осврнам назад.

Кога вие би го пишувале синопсисот на „Мајка“, кои зборови и реченици би ги избрале?
– Ова е приказна за жена не многу различна од тебе и мене, жена што еден ден ќе стане светица. Нашата Мајка има 38 години и филмот прикажува седум дена во клучен момент – пред да го напушти својот ред и да влезе на улиците на Калкута, просејќи.

Филмот е фикција инспирирана од реални личности. Кои беа вашите главни извори на инспирација при градењето на приказната?
– За време на процесот на снимање на документарецот добивме дозвола да ги интервјуираме последните четири живи сестри од редот на Мисионерките на милосрдието – редот Мајка Тереза. Беше жежок ноември, невообичаено влажен за Калкута за тој период од годината, се сеќавам како седевме во една соба и снимавме една од сестрите и додека ги слушав приказните на оние што беа таму од раните почетоци, полека откривав еден фасцинантен лик на оваа жестока жена, која едноставно се осмелуваше. Се заљубив во комплексноста на нејзиниот лик, нејзината смелост. Доаѓајќи од истата земја и град, од Скопје, веднаш се поврзав, се восхитував на нејзината храброст, храброст и убеденост, таа беше сè што посакував да бидам. Мајка Тереза родена во Скопје, како Албанка од Македонија, таа е совршен пример за мултиетничката заднина што ја нуди мојата земја. Во исто време ги видов Молох и Бик од Сокуров и тогаш ја сфатив како моја мисија да го направам истото тоа, да претставам женски историски лик во ново концентрирано светло. Постојано ми се враќаше мислата: Колку мажи во историјата сме прославиле во нивното најдобро и најлошо светло?! За жал, потфрламе кога станува збор за жените.

Како изгледаше процесот на создавање на сценариото заедно со Гоце Смилевски? Колку од сцените се плод на имагинација, а колку се базирани на факти?
– Гоце за мене е ламборгини, отсекогаш ме импресионирало неговото разбирање на женската природа. Неговата способност да ја интерпретира историјата на многу современ начин е извонредна. Неговите дијалози се толку филозофски и суштински, отсекогаш ми се допаѓало неговото пишување. Откако ја прочитавме „Сестрата на Фројд“, веднаш го контактиравме и почнавме да размислуваме како можеме да ги здружиме нашите сили и да создадеме нешто важно. „Мајка“ ми е само почеток на едно многу долго пријателство.
Во филмот има сцена каде што Мајка Тереза одбива да користи едноставна алатка – машина за броење. За мене, тоа ја отелотворува нејзината суштина: некој фокусиран на она што навистина е важно, свесен дека надворешните одвлекувања на вниманието можат да ја одвлечат нејзината мисија. Таа беше генерал на армија жени, од кои очекуваше апсолутна посветеност – ништо помалку од она што го бараше од себе. Таа воведе систем на ротација: секоја сестра ги менуваше позициите на секои две или три години, со известување само една недела однапред. Не ѝ беше грижа за мислењата на другите.
Бев заинтригирана од нејзината филозофија на одвоеност. Една сестра ни кажа дека „секојпат кога Мајка Тереза ќе влезеше во соба – во кој било простор – таа почнуваше да го преуредува мебелот; таа го нарече тоа филозофија на одвоеност од материјалните работи. Кога ги воспостави правилата на својот ред, таа инсистираше сестрите да не поседуваат ништо“. Тоа произлезе од нејзиното длабоко верување дека секоја приврзаност може да го одвлече вниманието од крајната цел.
Ликот на отец Фридрих е базиран на вистинска личност, тој бил нејзин исповедник. Госпоѓа Кумар била нејзина најдобра пријателка. Приказната за Агнешка доаѓа од имагинацијата на Гоце, за нас беше важно да ја обработиме полемиката за мајчинството.

Филмот е сниман на три континенти, во меѓународна копродукција. Со какви предизвици се соочивте при таква сложена продукција?
– Сите мои филмови ги снимам со мојот брат Вук, а овој филм беше навистина многу сложен проект во однос на продукцискиот дизајн, правењето филм за приказна што се случила пред 90 години не е лесна работа. Работевме многу напорно со Вук, останувајќи верни на временската рамка што ја презентиравме, но исто така и на пронаоѓањето на вистинскиот визуелен стил, сакавме да бидеме не само автентични туку и креативни, слободни во просторите на соништата и илузиите во приказната, и тука дојде до израз мајсторството на Вук, кој не е ништо помалку од моја десна рака.
Има подготовка, а потоа е денот на снимањето, кога реалноста удира. Индија е културно толку богата и природно толку поставена на своите патишта. А потоа се длабоките лузни од британското колонијално минато. Како западњак е тешко да се разбере на прв поглед. Мојата прва лекција беше разбирањето на флексибилноста на „сегашноста“. Времето таму тече поинаку и кога ќе го ставите тоа во контекст на ден на снимање, на почетокот може да биде збунувачко. Брзо сфатив дека морам да го избришам комплексот на супериорност што природно се јавува во ваков вид ситуации, да работам на доверба во индиската екипа, а со тоа што ќе им дадам доверба, да учиме едни од други и да градиме нешто заедно. Со број од над 400 фигуранти дневно и екипа од 300 лица – нешто што никогаш порано не сум го доживеала во мојот живот – беше освежително и убаво, не само што преживеавме туку создадовме и уметност заедно.

Колку е важно за вас да ја претставите Македонија преку вакви глобално релевантни, но локално втемелени приказни?
– Најдобро зборуваме за она што најдобро го знаеме. Јас ја познавам мојата култура, јас сакам и сум горда на неа, не би знаела како да направам поинаку.

По бурните емоции и одличниот прием на „Мајка“ во Венеција, што е она што најмногу ви значи како режисерка? И што ве исполнува најмногу сега, кога филмот конечно стигна до својата публика?
– Никогаш порано не сум добила такво внимание со филм, јас самата дадов веројатно сто интервјуа во текот на двата дена од пресот. Тоа сум само јас, потоа Нуми, Силвија, Никола, Лабина. Интересот за филмот беше неверојатен. За време на проекцијата, вниманието во киното беше огромно, речиси можеше да се чуе како мува поминува, потоа 20-минутни овации. Тоа беше неверојатно, луѓето реагираат на филмот, емоционално се трогнати, инспирирани, што е поубаво од тоа. Исто така, од октомври до јануари започнува дистрибуцијата низ цела Европа, ќе биде возбудливо!!!

Како гледате на подемот на македонскиот филм на европската сцена? Дали имате впечаток дека „Мајка“ е еден вид кулминација на тој процес?
– „Петрунија“ беше на некој начин почетокот на процесот, како и „Медена земја“, ова е само продолжение. Меѓународните весници пренесуваат дека сме лидери на женското кино на Балканот и во Источна Европа, нашата мала земја, а мене ми е дадено името на нејзината мајка, тоа е неверојатно достигнување за сите нас.