Во Македонија и во сите држави од овој простор има сѐ поголем недостиг од инженерски кадар, а особено од добар професионален кадар со овластувања. Тоа прашање Комората на овластени архитекти и инженери не може да го решава сама, туку тоа треба да се прави заедно со донесувачите на одлуките во државата, министерствата, стратегиските центри за развој. Нашето чувство е дека во Македонија во иднина ќе остануваат сѐ помалку инженери, оценува Миле Димитровски, претседател на Комората на овластени архитекти и инженери.
Тоа, според него, повеќе е општествено, политичко и социјално прашање, а не прашање на продукција.
– Инженерската професија не е премногу атрактивна. Ако гледаме социолошки или општо во развојот на државите ќе забележиме дека сега семејствата имаат по едно до две деца и се многу внимателни каде ќе го насочат своето дете за да има иднина. Многу семејства одлучуваат дека ваквата тешка професија не е за нивното дете, дека е подобро да биде лекар или правник, адвокат… Најчесто луѓето во нашите професии ги замислуваат во син мантил, со шлем на главата, на градилиште или фабрика.
Наедно инженерските професии останаа тешки и по начинот на добивање диплома и по начинот на заработка. Исто така Европската Унија случајно или намерно ги отвора границите и ги привлекува особено инженерите, лекарите, да се движат кон Западна Европа, давајќи им поволни услова – додава Димитровски во интервјуто за МИА.