Фото: „Нова Македонија“

Она што пред извесно време го говореше претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, дека Украина е лидер во реформите, падна во вода откако украинскиот народ излезе на протести низ земјата по одлуката на претседателот на државата Володимир Зеленски да ја ограничи автономијата на своите две антикорупциски агенции што се централни за спроведување на реформите, со што фрли сериозна дамка врз
намерите за каква било борба со корупцијата и воспоставување на владеењето на правото, едни од клучните критериуми за влез во ЕУ

Протестите во Украина покажуваат дека Киев е далеку од она што го кажува Брисел

Двојните аршини на Европската Унија кога станува збор за подготвеноста на земјите за почеток на пристапните преговори веќе почнаа да им се удираат од глава на европските челници, кои заради некакви повисоки интереси целосно го напуштија принципот на исполнување на Копенхашките критериуми и фаворизираа земји што ни оддалеку не се подготвени да се стекнат со кандидатски статус, а не, пак, да ги почнат преговорите.
Таков беше случајот со Украина, земја во војна, без целосна контрола врз сопствената територија, со проблематични односи кон дел од малцинствата, со широкораспространета корупција и криминал, но која, според зборовите на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, е „шампион во реформите“.

Протестите како момент на трезнење

Потврда дека станува збор за најобични флоскули во кои никој не верува се актуелните протести низ Украина што следуваа откако претседателот на државата Володимир Зеленски ја ограничи автономијата на своите две антикорупциски агенции што се централни за спроведување на реформите.
Впрочем, справувањето со ендемската корупција е услов за Киев да ѝ се приклучи на Европската Унија, како и да обезбеди милијарди долари западна помош. Поради тие причини европските политичари замижуваа пред фактичката состојба во Украина, со надеж дека одредени европски центри на моќ ќе добијат пристап до украинските минерали и ќе земат дел од колачот за обнова на земјата подоцна. Затоа и се случува форсирањето на украинското пристапување, но во реалност на површина испливуваат сите аномалии.
Амандманите усвоени пред некој ден му даваат на генералниот обвинител, назначен од претседателот, строга контрола врз Националното биро за борба против корупцијата на Украина и Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата НАБУ и САПО.
Гласањето за новиот закон дојде само еден ден откако агенцијата за внатрешна безбедност на Украина уапси двајца службеници на НАБУ под сомнение за врски со Русија и спроведе обемни претреси на вработените во агенцијата од други причини.
Сега Брисел реагира оценувајќи го овој потег на Зеленски како „сериозен чекор назад“ и изрази „длабока загриженост“. Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, напиша на Икс дека е „сериозно загрижена“ од развојот на настаните.
– Отстранувањето на клучните заштитни мерки што ја штитат независноста на НАБУ е сериозен чекор назад – предупреди таа, потсетувајќи дека владеењето на правото е „во самото срце“ на преговорите за пристапување во Унијата.

ЕУ да ги врати Копенхашките критериуми за сите

Некои од домашните аналитичари истакнуваат дека се потврдиле нивните сомнежи по зачудувачките изјави на Фон дер Лајен дека Украина со реформите е пред земјите од Западен Балкан.
– Кога на Македонија ѝ се става блокада само заради идентитетски прашања, иако земјата ги има усогласено законите и политиките со ЕУ над 90 отсто, а од друга страна европските челници велат дека Украина напредува многу побрзо, тогаш не станува збор за ништо друго освен за лицемерство. Не е спорно дека Украина треба да биде дел од ЕУ, но ако постојат некои воспоставени принципи, тогаш тие треба да важат еднакво за сите. Гротескно е Македонија да не може да оди напред само затоа што е блокирана поради билатерален спор, при што за Брисел решавањето токму на тој билатерален спор, односно прашањата за идентитетот, јазикот, историјата и културата на еден народ се клучни критериуми, а од друга страна хаотичната Украина да отвора преговарачки поглавја. Сето ова покажува дека кога ЕУ ќе го напушти вистинскиот вредносен систем, тогаш проширувањето станува целосно некредибилен и непредвидлив процес, во кој целосно неподготвени земји напредуваат, а оние што усогласиле сѐ се блокирани поради банални работи. Впрочем, ЕУ и самата се увери дека кога ќе замижи пред исполнувањето на критериумите, ќе ѝ се случат Бугарија и Романија, но сепак политичките одлуки се носат во некои помоќни центри – заклучуваат аналитичарите.