Фото: ЕПА

Во моментов ВАР може да се користи за голови, пенали, директни црвени картони и погрешен идентитет за покажан црвен картон, но некои веруваат дека треба да се прошири за да се подобри точноста на одлуките, пишува „Би-би-си“

ФУДБАЛ

Главниот извршен директор на Фудбалската асоцијација на Англија (ФА), Марк Булингам, вели дека нема „никаква потреба“ да се прошири употребата на системот видеопомошник-судија (ВАР), бидејќи има „доволно прекини во играта во сегашниот модел“, пренесе „Би-би-си“. Имаше извештаи дека од Меѓународниот фудбалски одбор (ИФАБ), кој ги регулира фудбалските правила, може да се побара да размисли за проширување на овластувањата на ВАР, за да ги вклучи корнерите и вторите жолти картони, пишува „Би-би-си“.
– Не мислиме дека има потреба да се прошири употребата на ВАР. Во ИФАБ редовно се водат дискусии за тоа што треба да биде ВАР и како треба да се движи напред. Мислам дека нашиот став е дека сега сме на добро место. Секако, ако некој предложи нешто за ИФАБ да го разгледа, тогаш како група ќе го разгледаме. Но, како група не мора да мислиме дека ВАР треба да се прошири во моментов – изјави Булингам за „Би-би-си“.
Кога беше прашан зошто се чувствува така, Булингам рече: „Мислиме дека има доволно прекини во играта во сегашниот модел“.
Во моментов технологијата може да се користи само за се одлучи во одредени ситуации, вклучувајќи голови, одлуки за пенали, директни црвени картони и за погрешен идентитет за покажан црвен картон, но некои веруваат дека треба да се прошири за да се подобри точноста на одлуките, пишува „Би-би-си“. Одлуките за слободни удари и за корнери сега ги даваат судиите на теренот. Во 2023 година шефот на судиите на ФИФА, Пјерлуиџи Колина, рече дека проширувањето на употребата на ВАР ќе се разгледа, но инсистираше дека тоа не смее да значи повеќе задржувања, пишува „Би-би-си“. На „Би-би-си“ му е кажано од неколку извори дека ИФАБ не добил никакви предлози за разгледување на проширувањето на опсегот на ВАР и дека голем број членови на одборот би се спротивставиле на таков потег доколку тој биде поднесен на неговиот годишен состанок во ноември. Евентуално гласање би се одржало на годишниот генерален состанок на телото во март, во Кардиф. Секоја од британските асоцијации има по еден глас за предлозите, ФИФА има четири, а за да се донесе промена на правило е потребно мнозинство од три четвртини од ИФАБ. ИФАБ и ФИФА беа контактирани за коментар, пишува „Би-би-си“. Н.М.