(Прв дел)
Пред некои петнаесетина години имав можност да погледнам една изложба во Музејот на Македонија, каде што беа прикажани мапи на Македонија. Колку што се сеќавам, се работеше за колекција на авторот на изложбата Алдо Климан, која беше во соработка со Археолошкиот музеј на Истра од Пула, а на неа беа прикажани мапи на Македонија од 14 век до денес.
Покрај ретката можност да се види вакво богатство, она што ми падна во очи беше тоа што на мапите македонските градови низ историјата беа варијабилни. Некои градови постојат во извесен период, потоа ги снемува, се поместуваат или го менуваат името, но само еден град низ историјата беше фикс: Кратово. Тој фигурираше на сите мапи на изложбата, значи од 14 век до денес. Тоа е логично. Кратово низ историјата е значаен рударски и богат трговски центар, па тој постоел и опстојал низ целиот тек на историјата.
И да, ако некаде низ Македонија има што да се види како историски габарит, покрај Охрид секако, тоа е Кратово. Историски во Кратово се испреплетуваат сите можни епохи.
Градот тежи од историја. Во градот и околината може да најдете артефакти и градби од праисторијата до денес. Мостовите, кулите, тунелите и камењата на калдрмите се сведоци на историските премрежиња од антиката и Рим, преку средниот век и отоманското владеење, па сѐ до модерната доба. Како некој што тукуречи пораснал во Кратово, можам да потврдам дека до 1990-тите Кратово беше многу жив град. Со достоинствен живот, развиена индустрија, млади, култура…
Од 1990-тите сѐ почна да оди надолу. Со вечната транзиција пропадна индустријата, младите заминаа, а со тоа пропадна и достоинствениот живот. Денес таму остана само историјата, како сериозен потенцијал што може да го стави Кратово на светските туристички мапи, а со тоа и да го врати во живот.
Но она што ни недостига (како и во остатокот од Македонија вклучително и Охрид) се визија, идеја и секако базична туристичка понуда за тоа да се случи. Потенцијалот го имаме, ама не знаеме да го продадеме. Сите ние паѓаме во несвест кога одиме да посетиме некој мал средновековен француски град. Ќе ни исплетат приказни околу нивната фамозна голема историја, витезите, кралевите, ќе ни продадат факти околу традицијата на правење вино, сирење, ќе организираат тури низ тврдините… и сето тоа добро ќе си го наплатат. Ние го имаме сето тоа, па дури и повеќе, но не знаеме да го продадеме. Пребогата историја, но без визија и сиромашни со идеи.

Еве, да претпоставиме, вие сте странец и сте дошле во Македонија. За вас тоа е егзотична постсоцијалистичка земја, која е создадена со распадот на Југославија, па по посетата на Хрватска и Србија, се упатувате до Македонија, совршена дестинација за млади авантуристи, планинари. Евтина, а и има што да се види или проба. Сте нашле и пар скудни информации на интернет и сте тргнале по патот. Тој во моментов и не е толку лош. Реновиран регионален пат што оди од Скопје кон Крива Паланка. Остануваат уште оние 16 км кривини низ Крива Река и ете го Кратово. Но откако ќе излезете од Скопје, по патот нема апсолутно никаква инфраструктура. Нема бензинска станица, нема тоалет, нема каде да купите вода или што било за да се освежите. Ништо. На влезот на градот ќе ве дочека запуштената автобуска станица, чии автобуси транзитираат кон Скопје еднаш во денот. Така што доколку сакате да дојдете во Кратово со автобус и да се вратите истиот ден во Скопје, тоа е невозможно! Во ред, тогаш ќе преспиете. Но каде? Освен хотелско сместување, кое секако е на ниво и чии цени се хотелски, немате каде да се сместите за цени подостапни за млади авантуристи, планинари. Нема хостел, нема соба, нема Ер-би-ен-би. Ништо.
Е па, толку од туризмот дечки. Џабе говориме за историјата, џабе ги анализираме потенцијалите кога тие остануваат неискористени. Ок, недоволно искористени. Понекогаш за странците, таа неорганизираност, рудиментираност и хаотичност, знаат да бидат привлечени, наспроти хиперорганизираноста и очовеченост низ нивните туристички атракции. Но не е тоа поентата.
Како што културата подразбира инфраструктура (концертни сали, музеи, галерии) и публика, така и туризмот нужно подразбира понуда, информација и основна инфраструктура. Така ќе биде попривлечна, а така и локалната заедница ќе добие нешто за возврат. Така ќе го вратиме во живот еден од историски најзначајните градови во Македонија.
Тони Димитров
(Продолжува)