Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, на социјалната мрежа Трут соушл ги објави писмата што ќе ги испрати до земјите на кои ќе им воведе нови царини почнувајќи од 1 август
Трамп го обвини БРИКС за „антиамериканска политика“
По усвоената заедничка Декларација на земјите членки на БРИКС, на дводневниот самиот во Бразил (изминатава недела и понеделник), и предупредувачките тонови во заедничкиот документ во врска со царинските тарифи од Рио, претседателот на САД, Доналд Трамп, јавно ја обвини групата земји во развој БРИКС за „антиамериканска политика“.
Трамп објави документ за нови царини
Имено, претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, на социјалната мрежа Трут соушл ги објави писмата што ќе ги испрати до земјите на кои ќе им воведе нови царини почнувајќи од 1 август. Станува збор за воведување царина од 25 проценти за увоз од Јапонија и Јужна Кореја, а меѓу земјите до кои ќе пристигне писмото на Трамп е и Србија, за која ќе има царина од 35 проценти.
Во јавноста излезе и писмото на претседателот на САД адресирано до претседателот на Србија, Вучиќ, во кое Трамп го информира српскиот претседател дека „се воведуваат царини за сите стоки од Србија поради трговскиот дефицит што постои со Србија“ и дека „тарифите ќе бидат укинати доколку Србија или нејзините компании одлучат да градат фабрики и да започнат со производство на територијата на САД“. Доколку Србија одлучи да ги зголеми американските царини, бројката што ја одреди ќе се додаде на овие 35 проценти, се објаснува во писмото. Патем, претседателите на други земји добија документ со слична содржина.
Но Јужна Африка (ЈАР), како членка на БРИКС, се обидува да преговара за трговски договор со администрацијата на Трамп од мај, кога Трамп го пречека претседателот на ЈАР, Сирил Рамафоса, на разговори во Белата куќа.
– Сè уште чекаме формална комуникација од САД во врска со нашиот трговски договор, но нашите дискусии остануваат конструктивни и плодни – изјави портпаролот на Министерството за трговија, Камил Али.
– Јужна Африка не е антиамерикански настроена и сè уште сака да преговара за трговски договор со САД – изјави портпаролот на нејзиното министерство за трговија.
– Нема да има исклучоци од оваа политика – напиша Трамп на мрежата Трут соушл.
Колкави се процентите на зголемувањето на царинските тарифи на САД спрема одредени држави?
Од информациите што во текот на вчерашниот ден излегоа во јавноста, се забележуваат значајни зголемувања на тарифите за стоки што се увезуваат во САД. Имено, царинската давачка е 25 проценти за стока од Казахстан, 40 проценти за стока од Лаос, 40 проценти за стока од Мјанмар, 25 проценти за стока од Малезија, 25 проценти за стока од Тунис, 25 проценти за стока од Босна и Херцеговина, 32 проценти за стока од Индонезија, 35 проценти за стока од Бангладеш, 30 проценти за стоки од Република Јужна Африка итн.
Ова се документите што Трамп ги испраќа до трговските партнери, како дел од најавениот пакет мерки со кои, како што вели, сака да ги редефинира меѓународните трговски односи на САД.
Трамп до трговските партнери на САД: Не воведувајте реципрочни царински тарифи, бидејќи Вашингтон ќе воведе уште повисоки
За потсетување, по 90-дневно одложување на таканаречените реципрочни тарифи, Трамп ги намали тие тарифи на 10 проценти за да се овозможи време за преговори. Во своите писма, Трамп ги предупреди земјите да не се одмаздуваат, велејќи дека САД ќе одговорат со нови царини.
– Ако од која било причина одлучите да ги зголемите царините, тогаш износот за кој ќе ги зголемите ќе се додаде на 25-те проценти што ги наплаќаме – рече Трамп. Р.С.
За идејата на БРИКС за замена на доларот во надворешната трговија
Искричења меѓу БРИКС и Трамп
Најновата трговска закана на Трамп (новите повисоки царински тарифи) уште повеќе ги ескалира тензиите со групата БРИКС. Но некои аналитичари сметаат и дека БРИКС ги стимулирал нервозната реакција на Трамп и воведувањето високи царини и пред зацртаниот рок. Иако во завршната Декларација на БРИКС во Бразил експлицитно не беа споменати Америка, ниту Трамп, во врска со новите и повисоки „заканувачки царини и со тоа дестабилизација на глобалниот економски раст“, американскиот претседател веќе имаше подготвено противодговор на становиштето на БРИКС.
Се разбира дека на самитот во Рио, Бразил, земјите членки го истакнаа стремежот „да се намали зависноста од американскиот долар и што е можно побрзо да се движи кон мултиполарен светски поредок“. Но токму тоа Трамп го сфати како директна закана и одговори инстантно, влегувајќи во трговска конфронтација со остатокот од светот, а особено со земјите од БРИКС.
Џонатан Ејал, доктор по меѓународни односи од „Оксфорд“ и научник во британскиот институт РУСИ: Не оди сѐ толку подмачкано во БРИКС
– Внатрешните поделби, поттикнати од различни национални интереси и глобални настани, ги попречуваат единството на БРИКС и неговата способност да ја оспори доминацијата на американскиот долар. Клучните иницијативи, како што се реформата на Советот за безбедност и создавањето валута на БРИКС, се заглавени поради несогласувања и соперништва, поткопувајќи ги целите на организацијата – пишува Џонатан Ејал, доктор по меѓународни односи од „Оксфорд“ и научник во британскиот институт РУСИ, за „Стрејт тајмс“. Р.С.